„Петар и Џамбаско“ е една обична, но сосема необична приказна

„На претставата по повод завршувањето на училишната година ја играв главната улога. Сите татковци дојдоа само ти не дојде, а те чекав и цело време гледав во публиката за да те видам. Се надевам и ќе чекам оваа година да дојдеш. Ти пишувам во мигови на очај и на разочарување. Очекувам да разбереш во каква неволја сме и барам малку надеж и утеха. Кате бега од дома и по неколку дена пак се враќа. Никогаш не знаеме ни со кого е, ни каде е, ни што прави и дали ќе се врати дома. Секогаш кога ќе ја прашаат зошто го прави тоа, одговара дека ако тато живее со неа, нема да бега од дома“.

Силвана Јорданова

Ова е извадок од приказната „Петар и Џамбаско“ на наставничката Силвана Јорданова. Обична, но сосема необична приказна. Ова четиво е за дете чии родителите се разведуваат. Таткото заминува, а неговата сестра зачекорува по лош пат. Петар за заштитник си го зема својот имагинарен другар Џамбаско. Тие заедно патуваат, јадат и другаруваат. Мајката нема време за него бидејќи е преокупирана да ѝ помогне на ќерка си Кате.
– Многумина се откажуваат од децата затоа што во Македонија најчесто луѓето се навикнати да ја префрлаат одговорноста на друг – вели за Деца.мк авторката на овој текст – Силвана Јорданова.

Прво место

Таа е наставник по француски јазик во Основното училиште „Вера-Циривири Трена“ во скопската населба Карпош. Годинава со својата сторија „Петар и Џамбаско“ и „Предавникот“ освои прво и второ место во рамките на проектот „10ка за Карпош“, кој завршува со манифестација. Проектот е наменет за сите десет училишта на територијата на Општината за да ги актуализира и да ги поттикне сите креативни активности што се случуваат во училиштата, а фокусот е ставен на ентузијазмот на самите наставници во соработка со учениците и родителите. Креатор на проектот е педагогот Рената Поповска, а првпат се реализира во 2012 година.
– Целта е да им покажеме на сите како работиме и како функционира образованието тука. Училиштата во Карпош се прв дом на учениците. Сакавме граѓаните од Карпош да видат што тие работат надвор од наставните активности – додава Јорданова.

Петар и Џамбаско

Приказни од секојдневието

Нејзиниот есеј „Ѕвезда која сјае“ е напишан за дете со аутизам. За него доби прво место во 2012 година. Вели дека и покрај актуелноста на овие теми, има луѓе што не знаат ништо за нив. Позитивно ја изненадил фактот што дури и оние што живеат во нејзиното соседство слушнале за списанието, кое се печати во рамките на проектот.
– Знаат да ме сретнат на улица и да ме прашаат за приказната „Што беше аутизам?“ Се радувам на такви реакции – вели наставничката.
Задачата била да се пишува за дете или наставник од друго училиште. Индивидуалец што оставил впечаток, не само кај авторот, туку нешто што е интересно за публиката.
Наставничката е пресреќна што учениците позитивно реагираат на приказните.
Според Јорданова, од големо значење е што се зборува за табу-теми и што со тек на време стануваат обични. Нејзина најголема заложба е да се третираат приказни од секојдневието. На тој начин дечињата ќе бидат запознаени со многу проблеми.
Се надева дека преку овие раскази тие од мали нозе ќе научат да се соочуваат со пречките, со различностите и ќе станат луѓе без предрасуди!



912

X