Воспитување

Приказни за напуштени деца што нè тераат добро да размислиме

Дали Тесла, кого го бие глас дека како лек од животното незадоволство препорачувал да се посетат гробишта, онколошко одделение и отпад – дали тоа го зборувал не знам, но знам дека тоа го препорачувала една Милена, психолог од Баново Брдо. Тоа е, зборувала таа, добар начин за будење на животната радост и благодарност. Ако, пак, во лудата збрка на секојдневието немате време за тоа, постои поедноставен начин да си влепиме себеси една шлаканица за отрезнување.

Прочитајте за кратките искуства на луѓето што дошле во контакт или поминале време во домови за напуштени деца и сирачиња. Тие се срцепарателни, но немаат намера да ја кренат читаноста. Имаат намера да ви ги тргнат мислите кога не сте задоволни со оценката што ја донело детето, кога не сте задоволни со услугата на летување или зимување, со изборот на игротеката, со кетерингот, со третманот на вашето дете во училишниот или спортскиот тим, а особено, особено кога не сте задоволни со понудата на распродажбите…

– Добив понуда да го глумам Дедо Мраз во домот за напуштени деца. Научив неколку песни, облеков костим, залепив брада и мислев дека сум подготвен. Но не, човек никогаш не е подготвен за тоа. Бидејќи кога стигнав, децата прво викаа дека не сум вистинскиот (мислев полошо од тоа не може да биде). А кога дојде моментот за делење подароци, секое дете прво рецитираше неколку стихови, а потоа ми шепнуваше што сака за следната година – да најде мајка и татко, или тие да го најдат него. Сите деца, без исклучок, се молеа само за тоа. Потоа долго време пушев и плачев.

– Често престојував во дом за напуштени деца и сирачиња. Од тие деца научив многу работи, ми беа одлична мотивација. Но, една случка никогаш нема да ја заборавам. Седев во ходникот. Од ќошот се појави момче со жена, би рекла дека му беше мајка, дојде во посета. А за подарок му донесе… пакување тестенини. А тоа момче блескаше од среќа, бидејќи покрај него беше неговата мајка. А кај нас се јавува скандал ако не одговара бојата на „ајфонот“.

– Брат ми и јас останавме сирачиња, без мајка и татко, и до петтата година живеевме во сиропиталиште. Потоа нè посвоија во различни семејства. Не се сеќавам на многу работи во врска со брат ми, но на тој последен ден се сеќавам до најмалиот детаљ: се сокривме во огромна кутија за играчки и низ солзи и смеа еден на друг си зборувавме како ќе живееме понатаму и што ќе бидеме кога ќе пораснеме. Си ветивме дека ќе се најдеме. Поминаа години. Во домот не даваат информации, немаат права, а не можев самата да го најдам. Завршувам со училиштето и одам понатаму да се образовам како морски биолог, бидејќи тогаш, седејќи во кутијата, му кажав дека тоа ќе станам. Верувам дека ако својот живот го посветам на тогашниот план – сигурно ќе го најдам братот. Мене не ми треба ништо во животот, само него да го најдам.

– Дом за напуштени деца. Поминувам низ ходникот загледувајќи се во собите. Тивко е, сите спијат. Последните мирни минути од тој работен ден. Влегувам во собите, ги кревам ролетните, ги палам светлата. Децата почнуваат да се вртат, да ги креваат главите, некој веќе станал. Во една соба момче го мести креветот со едната рака седејќи на работ и не кревајќи го погледот. Во ходникот и тоалетот се слуша како некои се расправаат. Едно дете излегува од собата, ми приоѓа и ја става главата во мојот скут. Останува така неколку секунди, обидувајќи се што подолго да остане во состојба на поспаност: „Добро утро, мамо!“, ми вели.

– Помагав да се однесат подароци во домот за напуштени деца и сирачиња. Јас бев само возач. Тие погледи и чистотата на нивната радост не може да се опишат! Игравме, јас бев џинот, а тие ме напаѓаа. Најтешко ми беше да си заминам. Толку сето тоа ме трогна, што кога се вратив дома, јас, возрасен маж, плачев цела ноќ. Сега постојано мислам на нив. Ќе помагам колку што можам.

– Моја познајничка целиот работен век го помина во едно породилиште во Летонија. Ми раскажа дека многу пати умреле новороденчиња, па ги заменувале со бебиња од кои родителите се откажувале. Водела список. За 42 години, од 1963 до 2005 година, спасила 282 деца да не бидат сместени во дом. На прашањето дали се кае што го кршела законот, одговори: „Се каам што направив толку малку“. Јас сум еден од тој список.

– Во домот дојдоа новинари. Децата во ходникот ја прегрнаа воспитувачката: „Кој ни доаѓа денес, спонзори или министри?“ Децата не гледаат разлика, но сфаќаат: сега ќе има концерт, а потоа ќе се поделат играчки и бонбони. Најпопуларниот вид правење добро – доаѓаш накратко, правиш свеченост, даваш подароци, го креваш расположението. И си одиш оставајќи сè како што било претходно.

– Оваа приказна ја слушав од вработен во шпанската амбасада. Се работи за тоа како еден стабилен пар многу сакал внуци. Но, нивните син и ќерка сè уште не помислувале на деца. И потоа се случило да гледаат некоја емисија на ТВ во која се зборувало за сирачиња. Момчето за кое се зборувало носело исто презиме како нив. Рекле дека тоа е судбина и го посвоиле. Сега сите живеат заедно и среќно.

– На железничка станица наидов на момче од околу 12 години. Побегнало од дома, просел, станало скитник. Го зедов со себе, го нахранив и го измив. Излезе дека момчето е паметно. Сфатив дека не можам тукутака да го вратам во дом. Се договоривме да го земам во викендите. Потоа почна да останува кај мене и преку недела. Познајниците и пријателите ме осудуваа. И со него не беше лесно. Кавги, извици „Не си ми татко!“ А кога дојде време да добие лична карта, го зеде моето презиме. Одгледав прекрасен син.

– Собирав помош за детски дом. Им однесовме играчки, слатки, предмети. Долго зборувавме со децата, игравме. Кога требаше да тргнеме, ми пријде девојче на околу 12 години и ми рече: „Баш ме радува што дојдовте. Ми се допаѓа кога ќе дојдете да се дружиме, а не само да се фотографираме, а потоа ги земате играчките и си одите“.

Обично на овие мали луѓе кои животот не ги поштедил се сеќаваме на новогодишните празници. Помагаме колку што можеме, кога ни е најсоодветно, кога имаме време и кога социјалните мрежи нè мотивираат. Никој од нас не е виновен за нивните тешки судбини. Сочувствуваме, но болно е да се мисли за нив често.

А можеби тоа е позначајно од носењето стари панталони или симболично одвојување од платите за пакетчиња. Мислата на нив го менува нашиот однос кон светот, нè тера да ја спуштиме топката, малку да забавиме и да ја ублажиме амбицијата, да ги распределиме приоритетите, да го издвоиме важното и неважното… Тој однос станува поблагороден, а кога благородноста се помножува онолку пати колку што секој од нас ќе помисли на нив – можеби тоа е начин светот да стане севкупно поблагороден – и кон нив.

Тоа е една назнака на одговорот на проклетото вечно прашање кое големиот Фјодор М. Достоевски неутешно го мачело. Нивното страдање е отворен повик за нашата благородност.

Автор: Весна Смиљаниќ Рангелов

Поврзани написи

To top