Литванка се обидувала да забремени природно четири години, имала две ин витро оплодувања, а нејзините неуспешни обиди ги оставиле лекарите збунети, не можејќи да сфатат што не е во ред.
Бидејќи страда од астма и е чувствителна на мувла, мачкини влакна и прашина, жената се сомневала дека нејзините алергии се фактор што придонесува за тоа. Последователните крвни тестови покажале дека имала високо ниво на еозинофили, бели крвни клетки кои го бранат телото од алергени. Покрај алергиите, кожните тестови покажале алергиска чувствителност на прашински грини, полен, инсекти и кучиња. Тестовите, исто така, откриле висока чувствителност на протеинот „Can f 5“, кој се наоѓа во кучешки првут и урина и е поврзан со потенцијална чувствителност на човечка сперма.
Жената му кажала на својот алерголог дека често кива и имала затнат нос по незаштитен секс со партнерот. Користејќи примерок од спермата на нејзиниот партнер, лекарите потврдиле дека има алергија. Алергијата на сперма, позната и како преосетливост на семената плазма (SPH), е ретка реакција на протеините што се наоѓаат во спермата, според информациите на клиниката „Кливленд“.
„SPH“ е препознаена како хиперсензитивност тип 1, која се карактеризира со брз, претеран имунолошки одговор на алерген, ставајќи ја спермата во иста категорија како кикиритките и првутот од домашни миленици. За оние што страдаат од овој вид алергија, реакциите на изложеност на ејакулација се движат од пецкање, чешање, црвенило и оток на вулвата или вагината до уртикарија, отежнато дишење, вртоглавица, па дури и анафилакса.
Примарниот третман се кондоми, но во овој случај, жената била решена да забремени со својот партнер, поради што не ги користела. „SPH“ не предизвикува директно неплодност, иако може да го отежни зачнувањето.
Третманите за идните родители вклучуваат антихистаминици пред сексуален однос, антиинфламаторни лекови по сексуалниот однос и/или терапија за десензитизација.
Во случаи кога алергиската реакција е тешка, некои парови се свртуваат кон користење измиена сперма без семена плазма при ин витро фертилизација, за да го заобиколат алергискиот предизвикувач. Терапијата за десензитизација не била достапна во Литванија, а пациентката открила дека антихистаминиците пред сексуалниот однос се неефикасни, што значи дека не ѝ помогнале.

За време на контролниот преглед три години подоцна, жената открила дека сè уште не може да забремени и, уште полошо, нејзините симптоми на алергија се прошириле на иритација на очите и чувство на печење во вулвата. Се верува дека алергијата се јавува кај еден од 40.000 луѓе.
Авторите на најновиот извештај истакнале дека се потребни понатамошни истражувања за да се разбере врската помеѓу „SPH“ и бременоста. Тие забележале дека често е тешко да се утврди основната причина за неплодност.
-Овој случај служи како потсетник дека навидум неповрзаните алергиски состојби, кога се комбинираат, можат да придонесат за проблеми со репродуктивното здравје, што бара сеопфатни процени – напишале тие.