Со воведување нови наставни програми и целосно дигитализирани учебници по предметот англиски јазик, учениците ќе се стекнат со повеќе знаења и вештини во секој од трите едукативни домени: когнитивни, психомоторни и емоционални, вели Мите Ристов од Радовиш

„Дајте му на детето насмевка, тоа ќе ви ја даде душата“, „Трпението ми е силна страна и мислам дека таа особина треба да ја има секој наставник“, „Успешен час е оној што ги прави учениците нестрпливи да одат на секој нареден“, се само дел од советите што ги дава наставникот Мите за тоа како да се биде добар педагог и како да се создаде љубов кон учењето и книгата кај учениците.

Мите Ристов е наставник по англиски јазик во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш и веќе 13 години работи како предметен наставник со ученици во одделенска настава од прво до петто одделение. Тој ни ја раскажа неговата приказна, односно начинот на предавање преку кој децата се вљубуваат во англискиот јазик.

Работата со учениците била причината да се обиде да биде креативен на часовите, изработувајќи креации поврзани со наставната програма кои би биле доволно интересни, примамливи и едукативни за децата на таа возраст. Мите вели дека при подготовката за часовите често се запрашувал што всушност учениците сакаат и очекуваат од него, но набрзо го нашол одговорот: „Креативниот и интерактивен час никако не може да биде здодевен!“ Па така започнал со примена на многу ресурси, постери, техники, експерименти, најразлични надгледни средства за време на часовите и постојана интеракција со учениците. За него, стимулативната средина за учење е битен фактор за успешна едукација по англискиот јазик. Преку неговиот креативен и интерактивен начин успеал да го доближи јазикот до учениците и да го зголеми нивниот интерес за истражување и учење.

Тој вели дека секогаш се стреми кон забавно-едукативна и креативна настава со методи кои загарантирано носат успех во сите четири вештини: пишување, зборување, читање и слушање, со што се прескокнува класичниот и здодевен начин на предавање.

Како наставник, тој секогаш се трудел да ги мотивира учениците да го засакаат предметот бидејќи така се постигнувале позадоволителни резултати во учењето. За него, можноста за работа со ученици, трудот кој го вложува за да го сакаат училиштето и понатаму да се изградат во прекрасни личност претставува огромен предизвик, но и голема одговорност.

„Трпението ми е силна страна“, вели Мите и смета дека тоа е особина што секој наставник треба да ја поседува.

Тој секогаш се труди училницата да биде дом за сите ученици, а секој час – посебно доживување и отворање нов прозорец во светот на англискиот јазик.

За најголема награда и признание за неговата работа тој ги смета детските искрени насмевки, сјајот во очите по завршениот час или активност, како и нивната желба да учат уште повеќе. Смета дека денешните деца се потемпераментни и подинамични отколку во времето кога тој бил дете, па баш и затоа се труди секој нов час да биде поинтересен од претходниот. Вели дека учењето е процес, но процес кој треба да биде забавен и за кој тој се труди да биде така.

„Успешен час е оној што ги прави учениците нестрпливи да одат на секој нареден!“

Менувањето, еволуирањето, надградувањето, модернизирањето и приспособувањето на новите текови е долготраен процес кој никогаш не завршува, бидејќи секогаш човекот може да биде подобра верзија од себе и како личност, но конкретно и како наставник. Според Мите, промените се случуваат во секој сегмент од животот, поради што неизоставни се и промените во образованието. Важно е што учениците ги учи на вистински вредности, тимска работа, заедништво, соработка и никогаш да не се откажуваат. Неговиот главен принцип на работа е индивидуалниот пристап и грижата за секое дете.

Исто така, смета дека е мошне важно да се создаде пријатен простор за учење и дружење кој на децата ќе им стане омилено место каде што секојдневно ќе доаѓаат со радост. Важно е да се поттикне љубопитноста кај учениците, со што тие ќе се стекнуваат со комбинирани вештини, ќе научат да анализираат, вреднуваат и ќе научат да ги организираат сопствените системи на вредности преку процесот на изучување на англискиот јазик и култура. Методологијата на часовите ја насочува кон интерактивна, креативна работа и активна примена на јазикот низ разни видови активности, кои соодветно ги подготвуваат учениците за идна употреба на јазикот во сите сфери во животот.

Неговата мисија како наставник по англиски јазик е да го направи концептот на изучување на англискиот јазик лесен, креативен и забавен. Користејќи ги најновите и најсовремени методи, тој им помага на неговите ученици да го совладаат јазикот успешно, а воедно патот до двојазичноста да им биде лесен и интересен. За наставниот Мите, најдобрата инвестиција во сопствената иднина е инвестицијата во учењето на англискиот јазик, преку кој се овозможува брзо и лесно комуницирање, напредок во кариерата, стекнување нови пријателства и да можат активно да се вклучат, користејќи ја паметната табла со интуитивна способност за повеќекратен допир (multi-touch) и поддршка за природни движења со допир, вели Мите Ристов.

Фото: приватна архива



912

X