Мојата ќерка сака лего-коцки. Ќе седи на подот и ќе си игра сама, со часови сонувајќи сценарија. Но, често таа сака и друштво. „Мамо, ќе играш со лего-коцките со мене?“, ќе праша таа, со рацете вплеткани околу мојата половина, а со очите како на мало кученце гледа во мене. Има уште неколку работи што би сакала да ги правам со неа: печење колачи, сликање, играње „Уно“. Но, нејзината омилена активност се лего-коцките и свесна сум дека има многу придобивки од играњето игри со моето дете. Сакам да го следи она што ја интересира, но дел од мене се згрчува кога ќе побара да игра со лего-коцките, а тоа прави да се чувствувам како најлошата мајка досега.
Не ми е омилена активност, но играњето на омилената игра на моето дете, всушност, му покажува дека го сакам. Но тоа не е сѐ. Ги носи и овие 5 придобивки:
Тоа им кажува на децата дека нивните интереси се важни
Полесно ми е да кажам: „Ајде да читаме книга заедно наместо да играме со лего“. (Затоа што навистина седењето на каучот е поудобно од градењето со лего-коцки на подот, без разлика колку е мек килимот). Но, со реализирање на активноста што ја бара ќерка ми ја охрабрувам да продолжи со својата страст и ги потврдувам нејзините интереси.
Ја гради нивната самодоверба
Ова оди рака под рака со заземањето за себе. Ако е уверена дека барем понекогаш ќе ѝ дадам позитивен одговор, таа ќе се чувствува подобро кога ќе побара некои работи. Ова ќе се префрли како влијание и во училницата, во спортските тимови во кои ќе учествува и во други средини, кога зборувањето самоуверено ќе ѝ биде од корист на долг рок.
Ги учи децата да се заземаат за себе
Ако постојано велам „не“, мојата ќерка можеби нема да потврдува што сака. Можеби ќе научи да биде пасивна и секогаш ќе се согласува со моите предлози. Да се зазема за себе е карактеристика која треба да ја научат сите деца и е една од многуте придобивки што децата ги добиваат кога играте игри со нив кои тие ги сакаат.
Ги учите на социјални вештини
Со игра што ѝ се допаѓа, полесно ѝ е да научи да дава и да прима, да научи што значи споделување и да совладува комуникациски вештини. Кога ќерка ми ми дозволи да ја позајмам нејзината омилена лего-фигура, знаев дека учи важна социјална вештина. Тоа не се случи веднаш. Но и тоа е во ред. Откако знаеше дека нема да им наштетам на нејзините играчки, ми веруваше доволно за да ги сподели оние што најмногу ги цени. Меѓутоа, таа ме погледна строго и ми рече: „Биди внимателна со оваа, мамо.“ Се насмевнав и ја уверив дека ќе ја послушам.

Имате увид во световите и мислите на децата
Ќерка ми ги постави своите лего-коцки и отиде на шопинг во продавница што таа ја создаде. Кој да знае дека џуџињата треба да купат нови змејови? Играв со неа, но почнав да се прашувам зошто таа имаше толку голем интерес за шопинг во последно време. Тогаш сфатив дека го добила тоа од мене. Неодамнешните викенди вклучуваа патувања до продавницата, каде што таа ги носеше парите за да купи нешто ново. Морав да застанам и да размислам дали сметам дека купувањето треба да биде толку голем дел од нејзиниот живот на толку млада возраст.
Не мора да ја играте неговата/нејзината омилена активност секој ден или со часови за да ги искористите придобивките од играњето игри со вашето дете. Решението кое е корисно е и да ѝ кажам на ќерка ми дека ќе играм со лего-коцки 20 минути со неа (или друго поставено ограничување), но потоа јас (или ние) ќе мора да правам нешто друго (која било активност што треба да се заврши). Во ова сценарио и двете страни имаат чувство на задоволство.
Автор: Мери Џо Вајс