Игротека

Причини зошто не сакам повеќе од едно дете

Да се биде родител значи да доживуваш успеси, но и неуспеси речиси секој ден. Тоа е улога која се дефинира така што даваш сè од себе, а истовремено се бориш со чувствата на грижа, страв, критики и сомнеж во себе. Кога ќе станеш родител првпат, од своите пријатели и семејството добиваш многу совети за тоа како да постапуваш, но често се слуша и прашањето: „Кога ќе почнете да се обидувате за бебе број два?“ Често тоа прашање е поткрепено и со низа други прашања: „Не би сакала твоето дете да има некој со кого ќе си игра?“ или „Не би сакала да има брат или сестра на која ќе може да се потпре кога ќе порасне?“

Мајката Меган Хансен издвоила 10 причини зошто е во ред да се остане само со едно дете:

1. Сопругот и јас сме истрошени

Мојот сопруг и јас работиме полно работно време надвор од домот. Кога ќе стигнеме дома, ја подготвуваме вечерата и ја водиме ќерката во кревет и сме исцрпени. Обично еден час зјапаме во нашите телефони или во телевизорот пред да одиме на спиење. Едноставно немаме енергија да станеме во текот на ноќта за со часови да се грижиме и да внимаваме на новороденче. Тој брод веќе отплови.

2. Кога не спијам, ситуацијата се влошува

Кога ќерка ми беше бебе, бев толку намачена од недостигот на сон што во еден момент само се насмеав и го прашав сопругот дали можеме да ја вратиме назад во болница. Немам желба повторно да поминувам низ тоа. Освен тоа, сега нашето девојче има две години и би ми била потребна дупла доза на енергија за да го следам тој ритам.

3. Сакам да имам хоби (освен моето дете)

Однапред ве предупредувам дека сега ќе кажам нешто што е табу-тема – сакам да имам свој сопствен живот надвор од работата и од семејството. Некои од вас сега се онесвестија, додека други викаат „дааа“ со сета сила како знак на поддршка. Толку е вкоренето во нашето општество и културни норми дека жените треба да се грижат за сите и за сè, а грижата за себе целосно ја занемаруваат. Не сакам да продолжам со таа практика во сопствениот живот. Моето семејство го сакам повеќе од сè на овој свет, но ми треба време без нив, да бидам своја.

4. Трошоците за грижа за децата се неверојатни

Искрено, мислам дека сопругот и јас не би можеле да си дозволиме уште едно дете во нашето мало семејство. Претпоставувам дека е изводливо, но би требало да ги заобиколиме сите оние забавни работи, како водење на нашата ќерка на вечера или во зоолошка градина. Би морале многу да размислуваме за штедење, а тоа не ми звучи како забавна егзистенција.

5. Не сакам да се урочам

Знам многу луѓе што рекле дека првото дете им е совршено, но кога другото дете пристигнало, со целосно различен карактер и став, воспитувањето станало напорно. Искрено, не сум сигурна дека имам трпение за таков вид животни тешкотии и не сакам да го „урочам“ сето ова интересно, убаво и мирно што ми се случува во моментов во животот.

6. Ми недостига сопругот

Искрено, не можам да се сетам на последниот пат кога со сопругот сме излегле на состанок, само ние двајца. Ми недостига да се поврзам со него и да разговараме за што било друго освен за нешто слатко што нашето мало девојче го направило тој ден. Уште едно дете дополнително би го комплицирало тоа и би направило да биде уште потешко да бидеме сами. Мојот сопруг е неверојатен човек и сакам да имам време да уживам во дружењето со него – сама.

7. Штедењето за факултет е застрашувачко

Неодамна на „Гугл“ напишав „колку чини факултет“. Високото образование е скапо. Така, рано почнувам со училишниот фонд за моето дете. Сакам мојата ќерка да може да оди на факултет, но и во занаетчиско училиште, ако така сака. Со оглед на тоа колку е скапо, прилично сум сигурна дека факултет може да му дозволиме само на едно дете.

8. Сонувам семеен одмор

Иако уште се обидуваме да заштедиме за образованието на ќерка ми (да не ја споменувам сопствената пензија), би сакала да издвојам средства за неколку неверојатни семејни одмори. Мојот сопруг сака да ја одведе ќерка ни на Источниот Брег, каде што може да ги истражува музеите и историјата на нашата нација. Сакам да ја одведе во странство за да ги истражи различните култури и обичаи. За среќа, ова се патувања што ќе ги реализираме кога ќерката ќе биде во тинејџерски години, па имаме време за штедење. Бидејќи патувањето е толку скапо, очигледно е дека би било многу поевтино ако се патува само со едно дете.

9. Јас сум дете-единец

Моето семејство вели дека од рана возраст сум одлучила дека сакам да бидам дете-единец. Сум успеала да пораснам со многу различни видови домашни миленичиња, вклучувајќи риби, желки, кучиња, мачки, змии, гуштери и зајачиња. Никогаш не морав да ја делам собата. Го имав целото внимание на родителите за себе. Одев на часови по пеење и учествував во летни програми. Можеби сето тоа ме направи малку алчна, разгалена и егоцентрична, но сите тие шанси ми овозможија да израснам во личноста што сум денес.

10. Нема гаранција

Како што растев, морав да се носам со смртта на саканите членови на семејството, па понекогаш посакував брат или сестра да ја делиме тагата, но тогаш сфатив дека нема гаранции во тоа, не знам дали би била блиска со своите браќа и сестри и дали воопшто би биле тука за мене. Мојот сопруг доаѓа од семејство со три деца и не е многу близок со браќата и сестрите. Едноставно никогаш не знаете што ќе добиете.

Така, тоа се главните причини поради кои сопругот и јас одлучивме да го задржиме нашето семејство на три члена – тројца мускетари, како што се нарекуваме. Иако тоа е вистинскиот пат за нас, не значи дека е вистинскиот избор за сите. Знам многу големи семејства што поминувале низ наведените препреки без никакви проблеми. Сè зависи од тоа што вам како брачен пар најмногу ви одговара.

Автор: Меган Хансен

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top