Бременоста може да предизвика желба за најразлична храна, а кај многу жени таа желба се однесува токму на чоколадото. Ако и ти си една од нив и се грижиш дали претерано се препушташ на ова слатко задоволство, имаме добра вест. Новите истражувања укажуваат дека желбата за чоколадо може позитивно да влијае и врз твоето и врз здравјето на бебето.
Според повеќе истражувања, консумацијата на чоколадо за време на бременоста може да го намали ризикот од прееклампсија и да ја подобри функцијата на постелката. Но, тоа не е сè. Постојат и други причини зошто е корисно трудниците да уживаат во чоколадо. Еве неколку предности.
Посреќно бебе – истражување спроведено во Финска покажало дека жените што јаделе чоколадо во текот на бременоста имале повесели и поенергични бебиња.
Помага при стрес – во текот на деветте месеци хормоните може значително да влијаат врз расположението, што создава стрес. Според истражувања, чоколадото може да помогне да се намали нивото на стрес. Дневната консумација на темно чоколадо покажала значително подобрување во контролата на стресот.

Помал ризик од спонтан абортус – жените што јадат чоколадо секој ден имаат 20 отсто помали шанси да доживеат спонтан абортус во првото тримесечје.
Одржување здрава телесна тежина – темното чоколадо може да помогне во одржувањето здрава телесна тежина и да придонесе за намалување на нивото на холестерол.
Намален ризик за прееклампсија – истражувања покажуваат дека дневна доза чоколадо може да го намали ризикот од прееклампсија за 50 отсто. Станува збор за состојба со висок крвен притисок која може да предизвика предвремено породување, грчеви, згрутчување на крвта, па дури и смрт.
Подобар развој на плодот – според неколку истражувања, жените што секојдневно консумирале чоколадо имале подобар развој на постелката и на плодот.
Не претерувајте
Иако чоколадото носи здравствени придобивки, важно е да се одржува рамнотежа. Професорката Лона Сандон од Универзитетот во Тексас вели дека ова не значи дека трудниците треба да се препуштат на прекумерно јадење чоколадо. Прекумерниот внес може да доведе до зголемување на телесната тежина повеќе од препорачаното.
Таа препорачува трудниците да се фокусираат на храна богата со фолна киселина, калциум, протеини и железо, кои се поважни за развојот и растот на бебето.
– Дозволено е понекогаш да се почестите со малку чоколадо, но не би го препорачала како неопходен дел од здрава бременост – заклучува Сандон.