Секое дете има свое темпо на развој. Некои деца побрзо се откажуваат од пелените, а на други им е потребно малку повеќе време. Во најголемиот број случаи децата до 5 години ќе успеат да ја преспијат ноќта без мочкање, односно да се разбудат кога ќе имаат потреба. Кај 10 отсто од седумгодишните деца и околу 5 отсто од десетгодишните деца уште се јавува проблемот со мочкање в кревет.
Мочкањето в кревет може да има и органски и психолошки причинители. Кај децата што секогаш мочкаат в кревет во текот на ноќта може да се бараат следните причинители:
Наследно оптоварување
Ако еден од родителите го имал тој проблем, тогаш ризикот и детето да мочка в кревет е 43 отсто. Ако биле погодени и таткото и мајката, веројатноста се зголемува на 80 отсто. Без наследно оптоварување, шансите детето да е погодено од овој проблем се само 15 отсто.
Проблеми со развојот
– Длабок сон – родителите чии деца мочкаат во текот на ноќта в кревет потврдуваат дека нивното дете многу тешко се буди. Тоа го потврдиле и студиите во лабораториите за спиење. Таквите деца не се буделе и покрај исполнетоста на мочниот меур и спијат и покрај сигналите на телото.
Бавно созревање на нервниот систем
Нервните патишта кај децата не се целосно развиени, што може да им го отежнува процесот на будење поради полниот мочен меур, кој се празни без свесна контрола.
Опсесивно-компулсивното нарушување ја зголемува веројатноста за мочкање в кревет
Истражувања во САД покажале дека околу 30 отсто од децата со оваа дијагноза го имаат овој проблем. Во контролирана група, без оваа дијагноза, околу 10 отсто од децата го имале проблемот. Кај децата со дијагноза доаѓа до нарушување на обработката на стимулациите во мозокот. Стимулациите на цревата и мочниот меур не влегуваат правилно во мозокот, па децата продолжуваат со спиење и покрај полниот мочен меур.
Премал мочен меур
Од една страна, мочниот меур може да биде премал поради генетиката, а од друга, децата што малку внесуваат течности имаат мал и неизвежбан мочен меур. Тој не мора да се шири толку бидејќи има премалку течност што поминува низ него. Правилото за пресметување на големината на мочниот меур е староста во години помножена со 30 милилитри, на пример, петгодишно дете може да чува 150 милилитри течност во мочниот меур – нешто помалку од чашка јогурт.
Недостиг од АДХ-хормони
Додека бебињата можат постојано да мочкаат во кој било период од денот и ноќта, производството на урина кај возрасните во текот на ноќта се намалува на третина. Таквото одморање во текот на ноќта го овозможува хормонот АДХ (антидиуретски хормон). Организмот на детето уште учи да го лачи хормонот кој ја контролира рамнотежата на течности во телото.
Многу течности навечер
Децата што пијат малку во првиот дел од денот, а навечер се жедни, во текот на ноќта често мочкаат в кревет. Затоа, треба да се пие околу 3 четвртини течност која на телото му треба во текот на денот, и тоа пред 17 часот. Најдобро е да се пијат напивки без шеќер, бидејќи шеќерот ја врзува течноста во телото и се разградува ноќе.
Органски проблеми
Инфекција на мочниот меур или први знаци на дијабетес може да бидат поттикнувачи на мочањето в кревет. Педијатарот треба да ги исклучи потенцијалните болести.
Емоционални причинители
Понекогаш децата одат во кревет многу тажни. На пример, поради разделување на родителите, преселување на едниот родител, смрт на дедото. Ако тоа е причина, не грижете се. Болката ќе помине, а детето ќе научи да се носи со ситуацијата и ќе престане да мочка в кревет.