Матресенција е термин кој го означува процесот на станување мајка, а првпат го употребила Дејна Рафаел, антрополог. Тоа е збор кој ги опишува физичките, психолошките и емоционалните промени низ кои поминуваат жените при трансформацијата во мајка.
Фокусот често е само на бебето
За повеќето жени, бременоста и мајчинството се радосно искуство исполнето со тешки моменти и збунувачки емоции. Сосема е природно новата мајка да се чувствува исклучително среќна, а неколку моменти подоцна целосно разочарана, фрустрирана, лута и исплашена. Психијатарот Даниел Стерн објаснил како создавањето нов женски идентитет може да биде тежок процес како и физиолошкото раѓање на детето. Иако е голема промена опишана од психијатри, психолози и антрополози, матресценцијата е прилично неистражена и донекаде занемарена во медицинската заедница, каде што фокусот сè уште е на детето.
Вистина е дека животот на жената целосно се менува кога ќе стане мајка, а на новите мајки им е потребна голема поддршка.

Конфликтни емоции
Мајчинството е најголемата транзиција во животот на една жена и таа не треба да биде сама во тој период. Подготовката за по породувањето е исто толку важна како и подготовката за породување, па затоа е добро жената однапред да договори помош од роднините или да организира платена поддршка, доколку има потреба за тоа. Мајчинството, особено на почетокот, е полно со конфликтни емоции. Имате силна потреба да бидете блиску до бебето, а истовремено само сакате да бидете подалеку. Ваквите емоции се доста чести и природни во овој период, но понекогаш знаат да предизвикаат чувство на вина кај жените.
Важно е да се сфати дека процесот на станување мајка е сличен на адолесценцијата – кога детето станува возрасен. Во двата случаи има низа несогласувања, конфузија и измешани емоции. Обезбедете си поддршка и обидете се да најдете малку време за себе секој ден.
Автор: Сунчица Гот