Докторот Горан Седмак, невронаучник од Хрватскиот институт за истражување на мозокот ја открива вистината за влијанието на шеќерот врз интелигенција, предвидувањата за иднината, но и најактуелното – до која возраст треба да се држи мобилниот што подалеку од децата.
За мозокот нормално да се развива, децата треба да бидат во интеракција со луѓето, а денес сме сведоци на тоа децата сè повеќе се „дружат“ во виртуелниот свет. Колку е тоа опасно за развојот на мозокот? И кои функции се „закржлавени“ поради тоа?
– Интеракцијата е особено важна за нормалниот развој на мозокот. Многу вештини и особини децата може да ги научат само ако набљудуваат други лица или во игра со други врсници. Претераниот престој во виртуелниот свет може да доведе до нарушување на развојот на некои од особините. Првенствено тоа се однесува на социјалните вештини, можноста за интеракција со другите луѓе, па развојот на емпатијата и емоционалниот живот општо. Овие функции се пресудни за нормална интеграција на секој поединец во социјалниот живот на заедницата. Луѓето првенствено се друштвени битија и секое оштетување на функциите кои помагаат во негова интеграција во општеството доведува и до полош живот на тој поединец, а последователно и до губиток на општеството во целина. Кои последици на сè поголемата фокусираност на виртуелната реалност ќе ги донесе иднината – тешко е да се каже, но секако ќе се промени начинот на кој луѓето се развиваат, како комуницираат меѓусебно, па и на нивната емоционална поврзаност со други припадници на општеството. Лично сметам дека претераната посветеност на виртуелниот свет не може да ги надомести сите предности на личниот контакт со другите луѓе и дека лицата што поминуваат многу време во виртуелниот свет се „посиромашни“ поради тоа.
До која година децата воопшто не би смееле да користат мобилни и таблети и зошто?
– Тешко е во денешно време целосно да се забрани користењето на дигиталните медиуми, особено на децата во раното детство. Од моментот кога можат самите да се движат низ просторот, екраните ги привлекуваат, а содржините што се прикажуваат на нив се фасцинанти. Понатаму, тие деца ќе живеат во дигитален свет и мора да знаат одговорно да се служат со технологијата. Затоа не треба ни да се трудиме целосно да го забраниме користењето, туку да се ограничи на минимум колку што е можно повеќе. Мое лично мислење е дека до втората година од животот дигиталните медиуми немаат некоја голема корист во едукацијата на децата, па нивното користење треба да се ограничи и кога е можно да се избегнува. Првенствено сметам дека треба да се менуваат родителите и нивните навики, а децата тоа многу лесно преку имитација ќе го научат од нас. Ако го поминуваме слободното време во зјапање во телефонот, лаптопот или телевизорот, децата со имитација ќе научат дека тоа е посакувано однесување. Поради денешниот забрзан и напорен живот, родителите често го оставаат детето пред екранот. И тоа е понекогаш во ред, но ако тоа преминува во рутина, а не е исклучок, тогаш ние како родители сме ги изневериле нашите деца, па никаква забрана на дигиталните медиуми нема да биде делотворна бидејќи начинот на однесување веќе е научен.
Имате ли некои истражувања за тоа како дигиталните медиуми, кои ја потенцираат површноста и брзиот проток на информации, влијаат врз училишниот успех, а особено врз способноста за концентрација и помнење?
– Истражувањата на таа тема сè уште се во тек, а првите вистински дигитални генерации допрва доаѓаат. Во Германија на почетокот од 90-тите години спровеле истражување на таа тема и се покажало дека децата што користеле компјутери во училиштата и дома оствариле послаби резултати отколку нивните врсници што не користеле. Една од мааните на овие истражувања е тоа што во тој период компјутерите сè уште биле новитет и многу алатки за подучување не биле развиени. Исто така, наставниците не знаеле да ги користат компјутерите, па децата биле препуштени сами на себе. Во такво опкружување примарно се интересирале за забавни, а не за корисни работи, што и довело до полоши резултати. Мислам дека користењето на компјутерите на правилен начин во некои ситуации може да доведе до подобро усвојување на материјалот. Повторно, во некои случаи – компјутерите се целосно бескорисни. На пример, кога децата учат да читаат, пишуваат и сметаат, компјутерите може да создадат повеќе штета отколку корист, бидејќи не придонесуваат за развој на основните невробиолошки процеси кои се потребни за усвојување на овие вештини.
Што мислите за тезата на некои автори дека шеќерите му штетат на мозокот и дека повеќе шеќери значи и помала интелигенција и послаб успех на децата на училиште?
– Кога зборуваме за прехрана, таа навистина има важна улога во развојот и еволуцијата на мозокот. Дури кога човекот почнал на консумира енергетски богата храна, можел да го прехрани и одржува големиот мозок. Тезата дека шеќерите му штетат на мозокот е најблаго кажано – смешна. Имено, единствен извор на енергија за мозокот се шеќерите, односно сите други облици на енергија прво мора да се претворат во шеќери за да може да се метаболизираат во мозокот. Човечкиот мозок еволуирал за да бара шеќери, а всушност ги обожува, особено овошјето. Тоа е богато со шеќери и како такво е идеално гориво за нашиот мозок. Шеќерите не доведуваат до пониска интелигенција. Ако зборуваме за успехот на училиште, тогаш многу поголемо влијание врз успехот ќе имаат другите работи отколку шеќерите. Понекогаш кај децата зголемената консумација на шеќери на училиште може да доведе до немирност на наставата (нивната мозочна кора има вишок енергија), што може да предизвика послабо следење на наставата. Шеќерите не доведуваат до пониска интелигенција бидејќи тоа би било во спротивност со невробиологијата на мозочната кора.
Можете ли да ни откриете некои нови сознанија за еволуцијата на човечкиот мозок, предвидувања што ќе се случат во иднина од кои најмногу треба да се плашиме?
– Што ќе биде во иднина со еволуцијата на човечкиот мозок, тешко е да се каже. Сигурно е дека големо влијание врз еволуцијата ќе има технологијата која ја развиваме и начинот на кој ја користиме. Еволуцијата не е ниту позитивен ниту негативен процес, таа е едноставно приспособување на настанатата состојба, за нашето тело, односно мозокот, оптимално да функционира. Затоа не мора да се плашиме од ништо бидејќи што и да се случи во нашата еволуција, тоа ќе биде соодветен одговорот на настанатата состојба со цел подобро функционирање на мозокот.
Автор: Данијела Петров