Порано или подоцна, голем дел од семејствата се соочуваат со можноста за преселба, менување на живеалиштето. Колку и да е стресно за родителите, искуството може да биде уште потрауматично за децата, кои можеби не се дел од одлуката за преселување и не можат да ја сфатат
Децата имаат потреба од посебно внимание во текот на преселбата. Обидете се да ги примените овие совети за да го направите процесот помалку стресен за секого.
Одлука за селидба
Многу деца ги сакаат рутините. Ако се селите, земете ги предвид придобивките од промената наспроти удобноста што ги создале околината, училиштето и општествениот живот.
Ако вашето семејство неодамна се соочило со големи промени во животот, како што е развод или смрт, можеби треба да размислите да ја одложите преселбата за да им дадете време на децата да се приспособат.
Одлуката за преселување може да не зависи од вас, можеби поради преместување на работното место или финансиски проблеми. Дури и ако не сте задоволни од овој потег, обидете се да имате позитивен став. За време на селидбата расположенијата и ставовите на родителите во голема мера можат да влијаат врз децата, кои можеби бараат сигурност.
Најважен е разговорот
Без разлика на околностите, најважниот начин да се подготват децата за преселба е разговорот за тоа.
Обидете се да им дадете повеќе информации за овој потег. Одговорете им на прашањата целосно и искрено. Дури и ако потегот значи подобрување на семејниот живот, децата ова не го разбираат и за нив претставува нешто страшно.
Вклучете ги децата во планирањето колку што е можно повеќе за тие да се чувствуваат како активни учесници во процесот. Со тоа, промената ќе биде поблага. Доколку станува збор за селење во друга држава, одете на интернет и покажете им ги земјата, градот и училиштето.
Полесно за деца помали од 6 години
За децата помали од 6 години преселувањето е полесно бидејќи имаат ограничен капацитет за да ги разберат промените. Сепак, важно е да ги поддржите. Еве што треба да направите:
– Објаснете им јасно и едноставно.
– Преку приказна објаснете им го потегот или користете играчки за да одглумите.
– Кога ќе ги спакувате играчките, објаснете им дека не ги фрлате.
– Ако вашиот нов дом е во близина, посетете го пред да се преселите и земајте по некоја играчка секојпат кога одите таму.
– Поставете ја истата детска соба од старата куќа.
– Избегнувајте други големи промени во текот на преселувањето, како одвикнување од пелените, доколку уште носат, или спиење во кревет наместо во малото креветче.
Деца на училишна возраст
Децата од основно училиште може да бидат отворени кон селењето, но сепак треба да им помогнете во текот на транзицијата.
Постојат две школи за „вистинското време за преселување“. Едни експерти сметаат дека летото е најдобриот период бидејќи со тоа нема да им предизвикате промени во текот на училишната година, додека други велат дека средината на годината е подобра бидејќи така децата можат да се запознаат со други деца.
Селидба со тинејџери
Често тинејџерите многу се бунтуваат против преселувањето. Вашиот тинејџер веројатно инвестирал многу енергија во одредена социјална група и може да е вклучен во романтична врска.
Особено е важно да им укажете на тинејџерите дека знаете дека сакате да ги слушнете нивните грижи. По преселувањето испланирајте посета во старото соседство, доколку е изводливо.
Денот по преселувањето
Поставете си реални очекувања околу менувањето на живеалиштето. Генерално, наставниците очекуваат новите деца да се приспособат во период од 6 недели. Охрабрете го вашето дете да биде во контакт со старите пријатели. По преселувањето, ако и понатаму сте загрижени за промените, терапевт може да ви даде корисни совети.
Преселувањето може да постави многу предизвици, но добрите работи доаѓаат од ваквите промени.