Здравје

Препознајте ги коликите и помогнете му на бебето

И пред да дојде бебето дома, родителите слушаат за непроспиени ноќи и плач на кој мора да се навикнат. Но, што кога бебето плаче речиси неутешно, не е гладно, ниту болно, но баш ништо не може да го смири? Во тој случај бебето најверојатно има доенечки грчеви или колики. Наједноставно е да ги препознаете по одреден образец, а тоа се епизоди на плачење кои траат повеќе од 3 часа на ден, се повторуваат барем 3 дена во неделата, а траат околу 3 месеци. Проследени се со изненадувачки епизоди на гласен плач, бледило или црвенило на лицето и гримаси како нешто да ги боли. Стомачето на бебето е напнато, надуено и детето ги влече ножињата, ја крева главата и ги стиснува дланките.

Според некои статистики, доенечките грчеви погодуваат 10 до 30 отсто од децата, а според други, од 5 до 25 отсто. Важно е да се знае дека коликите не се симптом на болест и не го загрозуваат здравјето на детето, но со оглед на тоа дека долго траат, родителите сакаат да направат сè што можат за да му олеснат на своето бебе. Причините не се познати, но чести се кај доенчињата и првородените деца иако коликите се познати веќе со години и постојат и историски записи за нив. Постојат многу претпоставки: незрелост на дигестивниот тракт, зголемена работа на цревата поради развојот на дигестивниот систем, физиолошка неподносливост на лактоза (млечен шеќер) која доведува до зголемено создавање на гасови, незрелост на циркадијалниот ритам, централниот нервен систем. Статистиките покажуваат и дека предвремено родените деца, со породилна тежина помала од 2.500 грама, тројно повеќе имаат грчеви.

Исто така, грчевите порано се појавуваат ако бебето се храни со вештачко млеко (во просек во 2. недела од животот) отколку со мајчино (во просек околу 6. недела). Почести се кај бебиња чии мајки доживеале стрес во текот на бременоста и породувањето, како и кај мајките што пушат. Интересно е што првородените деца почесто имаат грчеви отколку нивните браќа и сестри. Во многу земји родителите на бебиња со колики почесто посетуваат лекар отколку родителите на деца што ги немаат. Се проценува дека 10-20 проценти од посетите на лекар во првите 2 месеца се врзани исклучиво за појавата на доенечки грчеви. Ако бебето нема симптоми на болест, како температура, повраќање, пролив, запек, ненапредување на телесната маса и ако добро јаде, расте и се развива, голема е веројатност плачот на бебето да е резултат на колики.

Како да му се олесни на бебето?


Иако грчевите кај бебињата се стрес за родителите, важно е родителот да е смирен и трпелив кога настојува да му помогне на детето. Корисно е ритмично лулање, носење во правилна положба, масажа на стомакот во насока на движењето на стрелките на часовникот, а често препорачана метода е и повивање на доенчето со што се настојува да се стимулира ситуација каква што била во матката. При носењето на бебето, особено во положба кога стомакот на бебето е на нашиот стомак и истовремено се движиме, со ритмичноста на движењето поттикнуваме спонтана масажа на абдоменот на бебето. На тој начин му помагаме во поттикнување на подобра работа на цревата и подобро варење.

Стомакот на бебето можете да го масирате така што најпрво ќе ги згреете рацете. Ставете ги на неговиот стомак, обидете се да се опуштите и смирете го вашето дишење. Вдишете длабоко на нос и лесно издишете од уста притоа изговарајќи го гласот С. Направете 5-6 издишувања и вдишувања по ред. Соберете ги прстите од десната рака и со дланката преминете од горниот дел на стомакот кон долниот. Кога со десната дланка ќе дојдете до долниот дел, со левата почнете да масирате на горниот дел од стомакот. Масирајте наизменично со едната, па со другата рака така што ќе направите 6 промени на рацете во еден циклус на масирање. Со рацете фатете го под колената. Свиткајте ги нозете кон стомакот и задржете ги половина минута во таа положба. Потоа лесно намалете го притисокот, испружете ги нозете и оставете го детето да се одмори и опушти. Масажата и вежбите треба да се практикуваат секојдневно во текот на две недели за третманот да биде корисен.

Кај успивањето на бебето препорачливо е секогаш да се повторува истата рутина – во мирно опкружување да се пресоблече или избања детето, собата во која спие не мора да биде сосема тивка бидејќи бебињата ја сакаат таканаречената „бела врева“, звуци кои потсетуваат на престојот во матката. Секој родител со текот на времето ќе сфати на кои звуци и методи за смирување бебето најдобро реагира. Кој начин и да се избере, совет за родителите е да се обидат да бидат трпеливи, бидејќи и тој стресен период ќе помине.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top