Преку колоритни приказни, необични ликови и разни емоции, најмалите можат да научат важни животни лекции кои им помагаат да станат подобри луѓе. Затоа детскиот психолог Кајрен Кален анкетирала повеќе од 5.000 возрасни за нивните омилени детски класици и составила листа со филмови кои секое дете треба да ги види до 10-тата година од животот. Овие филмови не само што ќе ве насмеат и забавуваат, туку и ќе ги научат децата на вредни лекции за пријателството, храброста, одговорноста и сочувството.
-Најважните лекции што треба да ги научат децата не се оние што лесно се вклопуваат во училишната програма или можат да се најдат во прирачниците за родителство. Овие лекции се за емоции и меѓучовечки односи – и двете се во центарот на секој добар филм – истакнала Кален.
Поминете низ оваа листа и уживајте со вашите малечки во безвремените класици кои ќе го збогатат нивното детство, а можеби и ќе ве потсетат на важни животни лекции кои сте ги заборавиле додека растевте.
„Приказна за играчките“
Ако постои анимиран филм кој со право е на врвот на сите препораки, тоа е „Приказна за играчките“. Оваа неверојатна приказна за пријателството помеѓу каубојот Вуди и астронаутот Баз ги учи младите гледачи за важноста на вистинското пријателство. Низ нивните авантури, малечките учат за соработка, толеранција и прифаќање на различностите, што ги поттикнува да бидат подобри пријатели еден на друг.
„Кралот лав“
Оваа анимирана драма покренува тешки, но важни прашања за загубата, одговорноста и растењето. Симба, млад лав, се соочува со предизвиците и траумите кои доаѓаат со загубата на неговиот татко, но преку поддршката на неговите пријатели и неговиот внатрешен раст, тој станува водач кој му е потребен на своето племе.
„Сам дома“
Кевин случајно останува сам дома додека семејството оди на одмор, уживајќи во неговата слобода, но набрзо е соочен со несмасни провалници кои планираат да му го ограбат домот. Оваа забавна приказна ја поттикнува детската имагинација, притоа покажувајќи како храброста и снаодливоста можат да ги надминат и најголемите предизвици.
„Лавиринт“
Приказната ја следи младата Сара, која тргнува во неверојатна авантура за да го спаси својот помал брат Тоби, кој бил киднапиран од кралот Гоблин. Филмот е полн со визуелна магија и прекрасна музика, охрабрувајќи ги децата да размислуваат за концептот на имагинативни светови и можностите што лежат надвор од секојдневниот живот.
„Книга за џунглата“
Овој анимиран филм ја истражува темата на идентитетот и припадноста, што е особено важно бидејќи децата постојано се соочуваат со прашања за тоа кои се и каде припаѓаат. Борбата на Могли да го најде своето место меѓу човечкиот и животинскиот свет, симболизира дека секој човек може да ја обликува својата судбина без оглед на околностите, со доволно храброст.
„Мери Попинс“
Иако не е на врвот на модерните листи, „Мери Попинс“ останува класик. Овој магичен филм ја раскажува приказната за една необична дадилка која доаѓа во семејството Бенкс да донесе радост и стабилност. Песните, магијата и лекциите кои Мери Попинс им ги пренесува на децата им помагаат да ја разберат важноста на љубовта, но и на дисциплината.
„Волшебникот од Оз“
Приказната за Дороти и нејзиното патување низ магичната земја Оз ги учи децата за храброста, мудроста, пријателството и моќта на внатрешната желба. Секој лик што Дороти го среќава на својот пат симболизира различни квалитети кои се потребни за да се соочи со предизвиците, а филмот носи безвремена порака: „Нема место како дома“.
„Бескрајната приказна“
Во центарот на дејството е младиот Бастијан, кој бега од реалноста читајќи волшебна книга која го отвора патот кон свет во кој соништата и реалноста се испреплетуваат. Бастијан се соочува со сопствените стравови, а филмот ги поттикнува децата да размислуваат за тоа како имагинацијата може да послужи како алатка за изразување и разбирање на нивните чувства.
„Матилда“
Матилда, млада девојка со извонредни способности, се соочува со игнорирање од нејзините родители и зллоупотреба од нејзината учителка Транчбул. Нејзините ментални и телекинетички способности го симболизираат отпорот кон авторитетот и борбата за правда, охрабрувајќи ги децата да ја разберат важноста на образованието и да се борат против неправдата.
„Горе“
Го запознаваме Карл, постар човек кој, соочен со тага по загубата на сопругата, се обидува да ги оствари соништата од младоста. Низ неговото патување со момчето Расел, филмот ја истакнува важноста на пријателството во соочувањето со животните предизвици, охрабрувајќи ги децата да размислуваат за утехата што ја носи пријателството во тешките моменти.
Автор: Теа Башиќ
912