Во време кога успехот на детето сè почесто се мери преку бројот на активности, странски јазици и работилници, како педагог чувствувам потреба да потсетам на една важна вистина: развојот на детската интелигенција не зависи од количеството сервирана содржина, туку од квалитетот на доживеаните искуства.
Современата невронаука јасно покажува дека детскиот мозок најдобро се развива преку:
- спонтана игра и слободно истражување;
- движење и престој во природа;
- емоционално сигурни односи.
Токму во овие ситуации се создаваат најсилните невронски врски, кои се основа за концентрацијата, логичкото размислување и емоционалната стабилност.
Моќта на природата и играта
Престојот во природа докажано влијае врз развојот на моториката, креативноста и емоционалната регулација. Истражувањата потврдуваат дека децата што редовно поминуваат време надвор имаат подобра концентрација и пониско ниво на стрес.
Кога детето во природа се качува на дрво, гради куќичка од гранки или набљудува инсекти, тоа не губи време. Тоа развива просторна ориентација, трпение и истрајност – сложени когнитивни процеси кои не може да ги замени ниту една работна тетратка.
Преоптовареноста како ризик
Во желбата да им го овозможиме „најдоброто“, несвесно ги преоптоваруваме децата. Децата од претшколска возраст и оние од пониските одделенија денес често имаат распоред што и возрасните тешко би го издржале: градинка или училиште, па јазици, спорт, музика и приватни часови.
Научните студии предупредуваат дека премногу структурирани активности на рана возраст можат да доведат до:
- зголемена анксиозност;
- пад на внатрешната мотивација;
- послаб развој на креативноста.
Вистинската смисла на интелигенцијата
Интелигенцијата не е количество информации што детето ќе ги запомни, туку способност за решавање проблеми и разбирање на себеси и другите. Форсирањето на раното учење букви и бројки често дава само краткорочни резултати, но може да создаде долгорочен отпор кон училиштето.
Развојот на мозокот има своја природна динамика. Секое „забрзување“ на овој процес може да ја наруши рамнотежата помеѓу когнитивниот и емоционалниот развој.
Заклучок
На децата им е потребно време. Време да им биде досадно, време сами да смислат игра и време да истражуваат со сопствено темпо. Најголемиот подарок што можеме да им го дадеме не е совршено испланираниот распоред, туку слободата на движење, поддршката и довербата во нивните потенцијали. Да ја пуштиме природата да си ја заврши својата работа – таа совршено го прави тоа веќе илјадници години.
Автор: Милица Пантиќ