Родителството е многу сложен процес за кој нема баш некој прецизен рецепт. Што и да правиме, нешто сигурно ќе погрешиме. Помалку или повеќе, на оваа или на онаа страна. Премалку или премногу, бидејќи е тешко во сè да се најде вистинската мера. Различни возрасти, различни мерки… различни деца, повторно различни мерки, задоволувања или незадоволувања на некои потреби на детето.
„Дали е подобро да му угодам или да не му угодувам во сè …?“, се прашуваат родителите.

„Зависи…“, ќе речат „мудрите“ психолози.

„Од што зависи, кога, колку…?“, ќе прашаат збунетите родителите, „па, од возраста, способностите на детето…“, повторно ќе каже мудриот советник…

„Па, дали има некоја табела, некој рецепт, норми…“, повторно ќе прашаат родителите барајќи цврсто знаење…

„Па, морате да го почувствувате своето дете, неговите развојни потреби и можности… На детето му треба оптимална фрустрација, да не го трауматизира, но и да не го разгали“.

„А колку грама фрустрација од потребите на детето се оптимални на која возраст, извинете…!?“

„Па, зависи…“

И постојано нешто зависи од нешто друго и додека сфатиш што од што зависи, децата ќе пораснат, помалку или повеќе накриво. Добро, потоа психотерапевтите ги исправуваат тие кривини. Мораме и ние од нешто да живееме (ние психотерапевтите, не ние родителите. Јас седам на две столчиња).

Да, едната опасност е траумата, фрустрација поради некоја потреба на детето во мерка која дејствува врз него баш како траума – тешко подносливо. Другата опасност е „фиксација“, претерано задоволување на некоја потреба на детето за која тоа ќе се „закачи“ – фиксира за тој стадиум на развој (на пример – очекува, како бебе, во животот сè да му падне од небо, без труд…).

До што доведува сето тоа? Трауматизираните или фиксираните ќе ја избегнуваат фрустрацијата од некоја своја потреба како што знаат и умеат, или со разни облици на манипулација ќе влијаат врз другите да им ја задоволат таа потреба по секоја цена. Не ви го дадов и јас рецептот (бидејќи не го знам). Некаде сигурно ќе погрешите и помирете се со тоа, за родителството да не ви стане траума. Развивајте го „слухот“ за своите деца како да се жици на гитара. Не растегнувајте премногу за да не пукнат, не олабавувајте премногу за да не бидат под тоналитетот кој животот го бара. Никаков рецепт не може да го замени тој „слух“.

Автор: Небојша Јовановиќ

Извор



912

X