Другите бенефити се тоа што со самото тренирање ќе има правилен раст и развој, преку вежби за моториката, истегнување, кое е најбитно во денешно време бидејќи децата поминуваат добар дел од времето на мобилен, вели Александар Вељановски, таеквондо-мајстор 4. дан
Таеквондото е корејска борачка вештина и национален спорт во Јужна Кореја. Тоа е комбинација од борбена техника, самоодбрана, вежба, а во некои случаи и медитација и филозофија. Таеквондо е поточно уметност на удирање со нозе и раце, чија филозофија се заснова на принципите на учтивост, интегритет, истрајност, самоконтрола и нескротлив дух. Со таеквондо се добива подобрена еластичност, сила, координација и издржливост. Освен тоа, бидејќи станува збор за борбен систем, тој ги подобрува рефлексите кај децата, ја зголемува кардиоваскуларната издржливост и ја зголемува свеста за организмот. Препорачлив е за деца од 4-5 години. Овој спорт речиси беше непознат пред успехот на таеквондистот Дејан Георгиевски, кој стигна до сензационално финале и го освои првиот сребрен медал во историјата на македонскиот олимпизам. По неговиот успех овој спорт се прослави и стана популарен и меѓу децата.

Имаме таленти
И тренерот на Дејан, Борче Костовски, еден од основачите на победничкиот таеквондо-клуб „Бутел“, потврди дека по успехот на Дејан и олимпискиот тим во Токио, таеквондото стана популарен спорт во Македонија, или попрецизно од спорт кој го беше тотално непознат стана еден од попопуларните кај нас, па сега секое дете знае за Дејан Георгиевски и секој што следи спорт знае за таеквондото и таеквондо-клубот „Бутел“.

– Не водиме точна статистика, но имаме параметри кои укажуваат дека интересот за таеквондото е во константен пораст од олимписките игри, а тоа се потврдува со фактот дека сите таеквондо-клубови во Македонија работат со полн капацитет, некои и во повеќе смени. Најпривлечен момент е натпреварувачкиот дел, каде што се добиваат медали, а верувајте, децата знаат да ценат кога нешто добиваат со сопствен труд и посветеност. Таеквондото им го препорачувам на оние поамбициозните или помалку амбициозни деца. На почетокот не може да се одреди кои деца ќе се пронајдат во спортот, затоа е најдобро да дојдат на терен, да пробаат. И доколку во семејството нема спортисти, сепак, детето може да покаже извонредни резултати. Сакам да кажам дека имаме одлични тренери во нашиот спорт, пробивме олимписки моментум, што за овие поамбициозните дава сигурност за резултат, но и за оние што не се баш расположени за натпреварувачкиот елемент преку правилна работа се нуди психофизички развој и напредок во градење здрав млад карактер кој ќе го следи натаму во животот – вели Борче.

Не е прашање дали имаме талентирани деца, иако одговорот е дека имаме најталентирани деца, потенцира нашиот соговорник, додавајќи дека таков ни е регионот, нашата ДНК, па во колективна меморија носиме ген за борба, односно имаме предиспозиции за борачки спорт.

– Вистинското прашање е колку од децата се спремни да одат во тој победнички менталитет, колку општеството ќе знае да го цени тоа, колку ќе знаат институциите задолжени за млади, за спорт и секако колку самите федерации ќе го препознаат и негуваат сето тоа – вели Борче.
Заинтересираноста е голема
Таеквондо-клубот „Феникс КИК“ почна со работа во 2014 година. Основач и тренер е Александар Вељановски, таеквондо-мајстор 4. дан. Секој почеток е тежок, така и почетоците на клубот, во ОУ „Кузман Шапкарев“ – Драчево. Подоцна клубот закупи свој простор во добро познатото место Боклес во Драчево, каде што до ден-денес ги држи своите тренинзи. Клубот може да се пофали дека има на располагање сала која е 24/7 наменета само за таеквондо.

– Низ годините во нашиот клуб поминаа голем број вежбачи. Моментално клубот има околу 70 вежбачи, од најмали пионери до сениори. Во изминатите години имаме учествувано на повеќе од 200 меѓународни натпревари, на кои имаме освоено безброј медали. Со успехот на Дејан што го постига на Олимписките игри се зголеми интересот кај децата да се занимаваат со овој спорт. Морам да потенцирам дека и пред тоа таеквондо-клубовите имаа членство во доволно голем број, но масовноста и експанзијата во сите полиња ја добивме по тој огромен успех. Но по враќањето во нормала по пандемијата, може да кажеме дека нема таеквондо-клуб кој има помалку од 40-50 вежбачи. Статистички заинтересираноста за таеквондото е сѐ поголема – изјавува Александар.

Учат преку победи и порази
Како што вели тој, борачките вештини секогаш се атрактивни за помалите деца. Секој филм и цртан има некоја сцена која има некаков дел од некоја борачка вештина. Конкретно за овој спорт привлечниот момент е тоа што има голема динамика, имаме удари со вртење, скокање привлечни техники кои ги нуди таеквондото.

– Прво, морам да потенцирам дека препорачувам децата да се занимаваат со каков било спорт. Второ, препорачувам децата да се занимаваат со борачки спорт. Во борачките вештини има некои други вредности кои ги нема во другите спортови. Таеквондото го препорачувам за секое дете. Преку спорот ќе добие самодоверба, самоконтрола, дисциплина и почит, кои се многу битни елементи за да се изградиме во правилна личност. Другите бенефити се тоа што со самото тренирање ќе има правилен раст и развој, преку вежби за моторика, истегнување, кое е најбитно во денешно време кога децата поминуваат добар дел од времето на мобилен. Таеквондото има и натпреварувачки дел каде што децата ќе го научат спортскиот дух, ќе научат што е победа и како да ја прослават на спортски начин, и како да прифатат пораз, бидејќи не секогаш се победува, но мора да се трудиме многу повеќе за следниот пат да се победи. Талентирани деца имаме, но талентот е само почеток, а напорната работа и посветеноста носат успеси – ни посочува Александар.
Фото: приватна архива