Еден од најубавите примери за благодарност до својот наставник доаѓа од перото на францускиот писател, филозоф и новинар Албер Ками. Кога тој бил бебе, неговиот татко починал на боиште во Првата светска војна. Него и неговиот брат ги израснала нивната неписмена, целосно глува мајка и деспотски настроената баба, па поради ова, тие немале надежи за сјајна иднина. Но, судбината ги вмешала своите прсти кога наставникот Луј Жермејн забележал дека младиот Албер поседува посебен потенцијал и си задал задача да му помогне на момчето да се изгради и да ја пронајде својата цел – што е мисија на секој голем педагог. Со помош на овој човек Ками успеал да ги преброди незавидните животни околности и започнал да расте во иден гениј кого ќе го цени целиот свет.

Три децении подоцна Ками станал втор најмлад добитник на Нобеловата награда, која му била доделена за јасноста и искреноста со која ги осветлува проблемите на човечката свест. По неколку дена откако слушнал за веста, во ноември 1957 година Ками напишал прекрасно писмо до својот наставник и ментор:

Драг господине, Жермејн

чекав да спласне возбудувањето што овие денови беше подигнато околу мене, за да ви се обратам од длабочината на моето срце. Укажана ми е премногу голема чест што ниту ја барав ниту се стремев кон неа. Но, штом дознав за веста, првата личност на која помислив, веднаш по мојата мајка, бевте вие. Без вас, без вашите срдечни раце што му ги подадовте на мало сиромашно дете, кое бев јас, без вашето подучување и без вас, кој ми бевте пример, немаше да се случи ништо од ова.

Оваа награда не ми значи премногу. Но, барем ми дава можност да ви кажам колку ми значевте и колку сѐ уште ми значите, и да ве уверам дека вашиот труд, вашата работа и срцето полно со љубов сѐ уште живеат во еден од вашите мали ученици, кој и покрај годините, никогаш не престана да биде ваше благодарно дете. Ве сакам со сето срце.

Албер Ками



912

X