Мојата пријателка од детството Урсула и јас одиме по улица, со исти плетенки што се мавтаат зад нас. Имаме 7 години и немаме поим дека сме фотографирани. Може да се види и одзади дека сме задлабочени во разговор, нашите глави се навалени една кон друга, а интимноста од нашето пријателство е овековечена со едноставен клик на камерата.
Моите спомени од детството се деликатно ткаени со шепотот на мало девојче: тајни изговорени во штотуку дупнатите ушиња. Спиење една кај друга – активност проткаена со различни изговори само за да спиеме заедно под чаршафот пред да почнеме со неконтролирана смеа. Иглички прикачени за нашите нечисти патики. Тоа беа важни ритуали во детството особено за девојчињата – споделувани нешта само со најдобрата другарка од доверба.
Што се случува со шепотењата кога микроскопскиот вирус нè турка кон маргините? Дали тајните може да се споделуваат кога сме физички дистанцирани? Пандемијата ги замолчи шепотењата, ги намали кикотењата.
Сега има друга фотографија, времето во кое мојата ќерка, исто така на 7 години, стои на врвот од структура за качување. Го „скенира“ целото игралиште за да забележи нешто. Бара другар, со надеж дека ќе види некоја од нејзините доверливи другарки, иако кој било другар ќе заврши работа. Нејзините очи, ѕиркајќи низ маската, се широко отворени и во исчекување.
Кога ќе пристигне другарче, поздравувајќи се гласно од оддалеченост од 4 метри, лицето на мојата ќерка се осветлува. Девојчињата се бркаат и инстинктивно ги навалуваат главите една кон друг, подготвени да надоместат за изгубеното време. Родителите им велат да се оддалечат, да бидат на 2 метра растојание. Инсистираме на носење маски на лицето и покрај криењето на емоциите зад нив.
Девојчињата се разочаруваат, иако продолжуваат да орбитираат една околу друга, очајни за поврзување. Ѝ пишувам порака на Урсула, која живее на 3 илјади километри растојание, со својот сопруг и две деца, па разменуваме пандемиски фотографии: нејзината 9-годишна ќерка следи виртуелен час по свирење на тапани, мојата ќерка трча слободно на плажа како да била пуштена од кафез, уморни мајки очајни да ја одржуваат искрата од детството.
„Како ти оди?“, ѝ пишувам. „Не толку добро“, ми одговара таа, па ми испраќа фотографија од себеси како изгледа исцрпено, бидејќи работи во клиника. „Благодарна сум што сè уште имам работа“, ми пишува. Нашите тајни од детството се изгубија дента кога станавме возрасни, особено во време на пандемија. Под површината, сепак знаеме дека поврзаноста сè уште е тука, и по 40 години пријателство.
Односите на мојата ќерка не сè уште не се цврсти. Од она што го прочитав, 7-годишните деца само што почнуваат да ги разбираат пријателствата и фактот дека тие се дефинирани од доверба и интимност, а не само од игра. Тие имаат силна потреба да почувствуваат припадност. Без дневни интеракции, мојата ќерка стравува дека нема пријатели. Моли за состаноци за играње со други деца, а го мрази „Фејстајм“. Зборува со себе, исполнувајќи ја празнината со замислени пријатели и свет на фантазија со вили и нинџа-воини. Понекогаш само седи и зјапа низ прозорецот.
Кога пријателствата се држат на далечина, кој ќе ги слушне нејзините тајни?
На игралиштето се опуштам и ја оставам ќерка ми да им се доближи на другарчињата. Ќе застанат на одредено место каде што можат да си ги откријат своите мисли. Верувам дека маските ќе ја остварат заштитата, бидејќи науката го вели тоа, но и бидејќи не можам да поднесам да ѝ ја одземам близината по која толку многу копнее.
„За што зборувавте ти и Ем?“ ја прашав кога си одевме дома. „Не можам да ти кажам“, ми вели таа, „тајна е. Добро, не е тајна, но така нешто“. Нејзините очи се смешкаа додека ми признаваше дека таа и другарката имаат магична моќ. „Но, не кажувај никому“, додава таа, па јас ѝ ветив.
Иако и училиштето повторно се отвори, клупите се оддалечени и поставени се знаци за држење физичка дистанца. Невидлив меур постои околу работниот простор на децата. Сега нејзиниот наставник има задача да ги држи децата одвоени едни од други.
Шепотите од детството се невини и минливи, а мојата ќерка ги пропушта. Кога пријателствата се држат на далечина, кој ќе ги слушне нејзините тајни? Можам само да се надевам дека таа ќе ми верува и дека ќе можам јас да ги слушнам, сè додека шепотењата од детството не бидат повторно дозволени.
Автор: Елиса Џејкобс