„Системот на образование нема право на ОДРЕДЕНИ деца. Системот на образование е тој што треба да го приспособиме за да ги задоволи потребите на СИТЕ деца.“ (УНЕСКО, 1994)

Спектарот на тешкотии кај децата со попреченост е спектар на можности условени од емпатија, прифаќање, љубов, креативност и приспособување. По теоријата на Ајнштајн која гласи: „Сите сме гении. Но ако ѝ судиме на рибата по нејзината способност да се искачи на дрво, таа ќе го живее целиот живот мислејќи дека е глупава“ – секој воспитувач, едукатор, наставник, образовен асистент, родител, учесник во образовниот процес треба да изнајде современи педагошки и мотивирачки начини за работа со сите ученици не според она што го немаат или го прават различно од вообичаените очекувања, туку според она што го имаат и што ги прави единствени.

Учениците со тешкотии во учењето се однесуваат и реагираат различно кога се работи или не се работи со нив. Сите тешкотии во учењето не се од ист карактер, дури и тогаш кога се работи за иста група на тешкотии. Употребата на една иста техника/стратегија не значи дека ќе ги реши потребите на сите ученици со определени тешкотии во учењето. Не е возможно да се очекува дека ќе се изнајде единствена постапка или формула со која тешкотијата кај ученикот ќе се надмине. Процесот бара трпение, разбирање, емпатија и креативност – моето искуство како образовен асистент на ученик со телесна попреченост – намален вид минатата година, и ученичка со аутизам во оваа учебна година ме научи токму на тоа. Образовниот асистент е лице кое му дава поддршка на ученикот со попреченост/тешкотии во процесот на стекнување знаења, вештини и компетенции во наставата според инструкциите на наставникот, стручната служба и индивидуалните потреби на ученикот кои се наведени во Индивидуалниот образовен план (ИОП). Освен тоа, образовниот асистент му дава поддршка на ученикот при интеракција и комуникација, процесот на социјализација, ориентацијата и движењето за време на престојот во училиштето и водење грижа за себе.

Образовниот асистент не е замена за поддршката која стручните служби и наставникот треба да му ја даваат на ученикот во текот на целата учебна година, не е самостоен носител на наставниот процес и не е самостоен креатор на плановите и програмата за работа со ученикот. Целта на поддршката што ја дава образовниот асистент е да му помага на ученикот да учествува во воспитно-образовниот процес, да ги реализира своите потенцијали и да стекнува самостојност и социјална вклученост во училишната средина.

Современото образование целосно ја вклучува инклузијата во наставата, го вреднува секое дете и го застапува неговото право на образование без оглед на различноста на неговите потреби. Како образовен асистент на ученичка со аутизам во оваа учебна година, имав потреба од консултации, помош и поддршка од дефектолог околу третманот на аутистичното однесување и постапките што можеме да ги преземеме за постигнување одредени образовни и воспитни цели.

Активностите што секојдневно ги применуваме се во насока на зголемување на вниманието и концентрацијата, предвидливи рутини и шеми на функционирање во училишната средина кои вклучуваат грижа за наводнување на цвеќињата, наклонетост кон соучениците со кои ја делиме ужината, ги поздравуваме, соработуваме и најважно од сè – прегратките и насмевките кои ги разменуваме една со друга ни ја поттикнуваат добрата волја и ни овозможуваат да се разбeреме со срцето секогаш кога не умееме со зборовите.

Пишува: Ивана Атанасова – образовен асистент на ученичка со аутизам во второ одделение



912

X