Само четворица специјалисти работат со 16 инкубатори. Докторите и сестрите се постојано на работа и на дежурства и веќе се и физички и психички исцрпени. На одделот за бебиња со подобри витални параметри може да се сместат триесетина бебиња, а исто така има само четворица специјалисти, за седум до осум бебиња се грижи една сестра
Речиси педесет дена малиот Фудание расте и се развива во инкубатор на одделението за интензивна нега и терапија на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје. Тој е роден во 24. гестациска недела со околу 600 грама родилна тежина и е најмал од 16 предвреме родени бебиња на овој оддел. За овие бебиња да можат да растат и да се развиваат, задолжени се четворица доктори специјалисти, кои деноноќно се грижат тие да ја добијат соодветната кислородна поддршка преку вештачка вентилација, потребната храна и лекови. Лекарите од одделот велат дека работата е тешка и динамична затоа што е недоволен кадарот на Клиниката кој се грижи за предвреме родените бебиња, но дека мотивот да им се помогне на што повеќе бебиња да преживеат е голем и затоа имаат многу добри резултати.
Смртноста на предвреме родените бебиња од 2016 година досега е намалена за повеќе од 16 проценти, односно во 2016 година 25% од предвреме родените бебиња се починати, во 2021 година процентот на починати бебиња е намален на 8,9%.
– Од вкупно 808 предвреме родени бебиња во 2021 година заклучно со 15 ноември, починати се 8,9 проценти од нив. Смртноста на предвреме родените бебиња од 2016 година досега е намалена од 25 на 8,9 проценти, но тоа е непрочистена бројка бидејќи тука влегуваат и тие што се родени под 27. гестациска недела и бебињата што се со тешки малформации, на кои и реално не може многу да им се помогне. Кога велиме непрочистена бројка, станува збор за бебиња што се екстремно незрели или со тешки малформации – вели д-р Викторија Јовановска.
Д-р Рената Димитриоска, раководител на одделението за интензивна нега и терапија на ГАК, вели дека овој успех се должи на многу промени што се направени во работењето на одделот.
Д-р Рената Димитриоска
– Се направија промени во менаџирањето, прием на нови доктори и експертиза ангажирана од Србија, д-р Снежана Рсовац, а потоа кратка посета и од д-р Леа Гриндспин од САД. Имаше едукација за примарна реанимација, термостабилизација за кардиоциркулаторно стабилизирање, респираторна поддршка, практикување неинвазивна вентилација, континуирано мониторирање на виталните параметри, срцева акција, крвниот притисок, диурезата, температурата, сатурацијата. Се обезбеди и нова високософистицирана опрема за новороденчиња, која е од голема важност за лекувањето. Сепак, најважна од сѐ е големата посветеност на целиот медицински персонал во текот на 24 часа – вели д-р Димитриоска.
Во најголем процент на овој оддел се згрижуваат предвреме родени бебиња кои се родени од 28. до 32. гестациска недела, а во помал број се бебињата родени од 22. до 27. недела, како и оние родени од 32. до 36. недела.
– Овие новороденчиња бараат интензивна терапија од трето ниво, како што е нашето одделение, а тоа значи со можност за помагање на дишењето со респиратор или вентилатор. Во моментов најмалото бебе на одделението е родено во 24. гестациска недела. Досега најмалото преживеано бебе на нашиот оддел е Бетим, роден во 23. гестациска недела во февруари 2018 година, но тој беше со поголема родилна тежина од бебето што сега е на лекување кај нас, со околу 700 грама. Не бев дел од тој тим што се грижеше за ова бебе, дојдов подоцна. Но тоа е успех кој се должи на постојаното вложување во работата – вели д-р Димитриоска.
Како што објаснува таа, колку долго ќе трае лекувањето на предвреме роденото бебе, зависи од тоа колку е предвреме родено. Најчесто лекувањето трае околу два месеца, до испишување од болница.
За да се одржи трендот на намалување на смртноста кај предвреме родените бебиња, потребно е да се прими нов кадар на клиниката бидејќи постојниот е недоволен, а е потребно и понатамошно опремување со високософистицирана опрема. Иако Клиниката беше опремена со нови инкубатори, перфузори, вентилатори, монитори, според д-р Димитриоска, на одделот за интензивна нега и терапија има простор да се сместат уште три-четири инкубатори, со што ќе се зголеми и капацитетот.
– Во моментов само четворица специјалисти работиме со 16 инкубатори во кои се сместени бебиња на кои им е потребна механичка вентилација. Пандемијата дополнително покажа дека сме малку, бидејќи постојано сме на работа и на дежурства и веќе и физички и психички сме исцрпени. На другото одделение, каде што се сместуваат предвреме родените бебиња кои имаат подобри витални параметри и можат самостојно да дишат, исто така, има само четворица специјалисти. Таму може да се сместат триесетина бебиња и во овој период постојано е полно. Имаме и тројца специјализанти. Исто така, потребни се и медицински сестри бидејќи сега за седум до осум бебиња се грижи една сестра – вели д-р Димитриоска.
Бебињата родени во 34. и 36. гестациска недела, кои се стабилни, се сместуваат на одделот за неонатологија.
– Ова се бебиња со постабилни витални функции и нив ги сместуваме на неонатологија, но таму има повеќе доктори. Освен одделението за интензивна нега, имаме и единица за изолација, каде што ги сместуваме бебињата чии мајки при породувањето биле со ковид-19 – вели д-р Димитриоска.
Предвреме ги породуваат бремените жени со ковид-19 поради тешката состојба
Д-р Јовановска вели дека овој успех се должи на тоа што кадарот е максимално вложен и дека ги зголемиле и плаќањата на дежурствата, вработиле нови лекари, но им недостига кадар, а пандемијата дополнително ја усложнила ситуацијата. Таа објаснува дека успехот е уште поголем и поради тоа што е зголемен и процентот на предвреме родени бебиња, бидејќи поради пандемијата на ковид-19, дел од бремените жени што заболеле ги породуваат предвреме поради тешката здравствена состојба.
– Од околу 4.000 раѓања годишно кај нас на Клиниката, околу 20 проценти се предвреме родени бебиња. Пандемијата влијае предвреме да ги породуваме и бројот на вака родени е зголемен на 25 проценти, односно околу 900 бебиња се предвреме родени – вели д-р Јовановска.
Предвреме родените бебиња од мајки што имале ковид-19 немаат вирус, односно тој не се пренесува на бебињата и на одделот досега немаат предвреме родено бебе со ковид-19. Но, овие новороденчиња спаѓаат во ризични и критични.
Овие деца се во групата на високоризични и критични новороденчиња, пред сѐ поради предвременото раѓање и малата родилна маса, но и самата состојба на мајката, која е нарушена, влијае врз состојбата на детето. Ковид-19 не се пренесува на детето, но инфламаторните параметри од мајката се пренесуваат. Таа има високо ЦРП, инфекција на белодробието, хипоксемија и сето тоа влијае врз новороденчето. Самиот одговор на мајката со високи инфламаторни параметри, хипоксемијата, помалата кислородна сатурација влијае врз општата здравствена состојба на новороденчето и затоа му е потребно интензивно лекување – вели д-р Димитриоска.
Според неа, за зголемениот број предвреме родени бебиња годинава придонесе и пандемијата, но и тоа колку редовно бремените жени ги прават потребните контроли.
– Имаше една студија според која во пандемијата на ковид-19 е намален бројот на предвреме родени бебиња токму поради мерките да не одат на работа. Имаше теорија дека врз тоа влијае тоа што не брзаат на работа, немаат стрес од раководителот, имаат помирен сон и преземени се мерки за претпазливост од инфекција. Но, не може да се занемари и стресот предизвикан од страв од ковид-19 кај бремената жена, и тоа влијаеше и во други држави, како и во нашата, да има зголемен број на предвреме родени бебиња – вели д-р Димитриоска.
912