Психијатарот Шими Канг во својата книга наведува дека постојат три вида родители, односно три родителски стила.

Еден од нив е таканареченото медуза-родителство. Како што посочува името, медуза-родителите се флексибилни со своите деца, нивните распореди и нивните желби и потреби.

Родителите кои ги воспитуваат своите деца на овој начин ретко користат казнување или посериозно поставување на граници, но се посклони да комуницираат. Ова води до зголемена приврзаност и поврзаност помеѓу родителот и детето, поради што често слушаме дека родителите кои го користат овој метод на воспитување кон своите деца се однесуваат како да им се пријатели наместо авторитет.

Предности и недостатоци на медуза-родителството

Иако овој тип родителство има одредени предности, тој води и до некои недостатоци, предупредува Канг. Со оглед на тоа што овие родители се попустливи, водени од барањата на детето и немаат големи очекувања, нивниот начин на воспитување може негативно да влијае врз некои аспекти од животот на детето.

Иако оваа техника може да ги научи децата да бидат флексибилни, отворени за промени и подготвени да се борат самостојно за она што го сакаат, можеби тоа не е најдобриот пристап за сите семејства.
Имено, медуза-родителите може да се сметаат за попустливи без контрола врз своите деца. Овој стил на родителство може да има значително влијание врз развојот на детето и вештините за саморегулација, а на децата чиј родител го користел овој пристап може да им се даде премногу автономија пред да бидат подготвени.

– Развојно, нашата способност да ги разбереме проблемите, да планираме соодветни решенија и да интегрираме повратни информации во нашето одлучување не е целосно развиена до дваесеттите години. Крајната задача на развојот на адолесцентите е токму оваа независност и автономија – објаснува психологот Скот А. Рот.

Кога родителот не поставува граници, не поставува рутини или не ги следи последиците од одредени однесувања, децата може да бидат помалку подготвени да донесуваат информирани одлуки.

– Во суштина, имплицираме дека нашите деца се способни, метафорично кажано, да градат куќа само со најосновните и честопати целосно несоодветни алатки – објаснува Рот, кој вели дека таквите ситуации можат да доведат до анксиозност и депресија кај децата, како и намалување на самодовербата.

Студиите покажуваат дека овој вид попустливо родителство може негативно да влијае врз личниот и емоционалниот развој на детето.

Родителите што го користат овој стил на родителство веројатно ќе имаат проблем да одржуваат контрола и да поставуваат граници за своите деца. Овој стил на родителство, исто така, ќе се покаже тежок ако детето има напорен распоред – додава Рот.

Извор



912

X