Што би рекле ако училиштата и градинките почнат да ги учат децата што е емпатија?
Тоа засега изгледа прилично нереално, но јасно е дека ни треба нешто такво, се чини, повеќе од кога и да е. Иако не изгледа како класичен предмет за настава, емпатијата несомнено треба да се негува од рана возраст за децата да ја знаат целата моќ на разбирањето и љубезните зборови, а потоа и за да обликуваат подобар свет.
Данска е свесна за ова подолго време. Таму, задолжителниот предмет е токму тоа – емпатија. Еден час неделно децата учат како да им помагаат на своите соученици и да се натпреваруваат само со себе.
Данска е една од најсреќните земји во светот. Според Извештајот за светска среќа на Обединетите нации, важно истражување кое ја рангира среќата во над 150 земји од 2012 година, Данска е на врвот со години. Фактот дека подучувањето емпатија е задолжително во данските училишта од 1993 година, секако, придонесува за таа среќа.
Зошто е важна емпатијата
Емпатијата помага во градењето врски, спречувањето малтретирање и успехот на работа. Таа го поттикнува развојот на лидери, претприемачи и менаџери. Тинејџерите што имаат емпатија имаат поголема веројатност да бидат успешни бидејќи се повеќе ориентирани кон цел во споредба со нивните понарцисоидни врсници.
Значи, во данските училишта, еден час неделно е посветен на емпатија за ученици на возраст од 6 до 16 години. Тоа е основен дел од данската наставна програма. Еден час посветен на емпатијата е исто толку важен колку и времето поминато, на пример, на часови по англиски јазик или математика, според експертите.
За време на тој час учениците дискутираат за своите проблеми, без разлика дали се поврзани со училиштето или не, а целиот клас, заедно со наставникот, се обидува да најде решение засновано на вистинско слушање и разбирање. Ако нема проблеми за дискусија, децата едноставно поминуваат време заедно, релаксирајќи се и уживајќи. Тие моменти се нарекуваат „хиге“, што не може да се преведе буквално бидејќи е феномен тесно поврзан со данската култура.
„Хиге“ може да се дефинира како намерно создадена интимност, како чувство на удобност, безбедност и задоволство, и е поврзано со еден од најважните елементи на среќен живот – чувство на припадност и релаксација.
Во земја каде што се стемнува рано во текот на годината, често врне дожд и времето е сиво, „хиге“ значи внесување светлина, топлина и пријателство, создавање заедничка, пријатна и интимна атмосфера. Тоа е клучен концепт за данското чувство за благосостојба.
Како децата во Данска учат што е емпатија
Американската писателка и психолог Џесила Александар, авторка на книгата „Данскиот начин на родителство: Што знаат најсреќните луѓе во светот за воспитување самоуверени, способни деца“, која ја напишала заедно со данскиот психотерапевт Ибен Сандал и е преведена на 20 јазици, спровела теренско истражување за да разбере како Данците ја учат емпатијата.
Еден начин е преку тимска работа, благодарение на што 60 проценти од училишните задачи се завршени. Фокусот не е на тоа да се биде подобар од другите, туку на одговорноста да им се помогне на оние што не се еднакво надарени.
Конкуренцијата е само со себе, а не со другите. Данските училишта не нудат награди или трофеи за ученици кои се одлични во училишните предмети или спортот за да не се создава конкуренција меѓу нив. Наместо тоа, се поттикнува култура на мотивација за напредок, мерена исклучиво во однос на личниот развој на ученикот.

Данците даваат многу простор на слободната игра на децата, која учи на емпатија и вештини за преговарање. Играта на отворено се смета за образовна алатка во оваа земја уште од 1871 година, објаснува Џесика Александар.
Постои и колаборативно учење, што значи дека децата со различни силни и слаби страни во одредени предмети се здружуваат за да си помагаат едни на други на час, работејќи заедно на разни проекти.
-Многу истражувања покажуваат дека кога му објаснувате нешто на некого – на пример, математички проблем, не само што ја учите темата многу подобро отколку што би ја научиле само со меморирање, туку ги развивате и вашите вештини за емпатија. Овие вештини дополнително се зајакнуваат со тоа што мора да гледате како другата личност ги прима информациите и да се ставите во нивна кожа за да разберете како функционира процесот на учење – вели авторката.
Посетувањето час по емпатија им носи големо задоволство и радост на данските деца и ги подготвува да станат среќни возрасни личности.