Измислениот онлајн лик „Момо“, што наводно ги охрабрувал децата да се самоповредуваат излегува дека е измама.

Полицијата во Северна Ирска детално го истражувала случајот и ги убедува родителите дека не постои опасност.

Неколку лажни извештаи велат дека „куклата“ ги контактирала на апликацијата „Вацап“, а потоа им испраќала насилни слики и предизвици. На крај, им велела да си ги одземат своите животи. Но, организациите велат дека не добиле извештаи дека некој добил ваква порака или дека се самоповредувал.

Тие ги обвинија медиумите дека ја засилува лажната приказна.

Според лажната приказна што кружи на социјалните медиуми, децата се контактирани на „Вацап“ преку профил што тврди дека е „Момо“. Наводно, тие се охрабруваат да го зачуваат како контакт, а потоа бара од нив да исполнуваат предизвици.


Другата опасна самоубиствена игра, наречена предизвикот „Син кит“, на децата им поставува 50 задачи во период од 50 дена. Наводно, предизвикот е поврзан со бројни смртни случаи низ светот. Но, скоро ништо во врска со играта не е онака како што изгледа.

Првата задача започнува многу невино: „Разбуди се во текот на ноќта“ или „Гледај страшен филм“. Со текот на денот, задачите стануваат поопасни.

„Исечи си син кит на раката“.

Конечниот предизвик? Детето да се самоубие.

Се претпоставува дека предизвикот започнал во Русија, но наскоро се проширил и во другите земји: Украина, Индија и САД.  Пријавени се стотици смртни случаи поврзани со оваа таканаречена „самоубиствена игра“.

Но, поблиско истражување откри нешто доста интересно. Се чини дека играта воопшто не постоела.

Приказната за „Синиот кит“ започнала со Рина Паленкова. На 22 ноември 2015 година Рина, тинејџерка која живеела во јуогисточна Русија, објавила селфи. На фотографијата таа стои надвор. Нејзиното лице е покриено со црн шал околу устата и носот, а нејзиниот среден прст го држи пред камерата, кој е покриен со исушена крв. Под фотографијата пишувало: „Наја, збогум“. Наредниот ден, таа си го одзела животот.

Смртта на Рина Паленкова била дискутирана и во „чат соба“ на една од најголемите руски социјални мрежи „ВКонтакте“. Овие форуми се места каде тинејџерите обично се среќаваат за да разговараат за секојдневни работи како училиште, симпатии, меѓутоа и помрачни теми како депресија, осаменост и самоубиство.

Биле споделени страшни приказни. Морничавоста од овие приказни произлегувала од тоа колку се чинеле вистински, нешто што често се постигнувало преку лажни слики и снимки.

Ова е онлајн еквивалент на тврдењето дека класичните хорор приказни се базирани на вистински настан.

Токму во овие групи линијата меѓу фактот и фикцијата честопати е нејасна. Истото беше и со Рина. Во некои случаи, некои од корисниците ѝ се восхитувале што си го одзела животот. Но, среде гласините, постоел проблем.

– Никој всушност не ја знае вистината зад нејзиното самоубиство – вели Дарија Радченко, постар истражувач на Руската академија за национална економија и јавна администрација, која го истражувала и анализирала таканаречениот предизвик „Син кит“.

Кратко време после тоа, излегла приказната на Рина заедно со уште неколку приказни за самоубиства на тинејџери.

На Божиќ 2015 година, 12-годишната Ангелина Давидова се самоубила во рускиот град Рјазан. Две недели подоцна, истото го направила и Дијана Кузнецова, тинејџерка од истиот град.

Кога родителите ги испитале нивните онлајн профили, откриле нешто интересно – и двете девојки биле дел од слични онлајн групи.

Во овие групи имало цртежи од Рина Паленкова, постови за самоубиства и бројни споменувања на сини китови.

Зошто баш сини китови?

Постојат многу шпекулации за тоа како китовите се поврзани со самоубиствата во овие групи. Некои новинари тврдат дека тоа е затоа што китовите се познати по тоа што заринкуваат, феномен што долго време ги збунува научниците. Други велат дека станува збор за референца за текстови од рускиот рок бенд „Лумен“.

Китовите се познати по тоа што се осамени животни што изгледаат тажно. Со тоа, тие се добри за создавање мемиња. Една од најсподелуваните слики беше таа на која кит лета над градот навечер. Со тоа, сликата го опишува духот на овие групи – меланхолија и тивка надреалност.

Но, дури во мај 2016 година, шпекулациите за сините китови и самоубиството станаа дел од националните разговори во Русија.

Статија од новинарката Галина Мурсалиева во „Новаја Газета“, што е истражувачки весник, ја прошири приказната.

Мурсалиева сугерираше дека во одредени групи на интернет, некои од нив со енигматски имиња како „Океански китови“ и „ф57“, постоела игра. Во оваа игра, таканаречените „куратори“ на играчите им поставувале 50 задачи во период од 50 дена. На последниот, 50-ти ден, на корисникот му било наредено да си го одземе животот.

Извештајот од „Новаја Газета“ проценува дека 130 деца се убиле во период од ноември 2015 до април 2016 година поради учеството во овие групи. Токму тоа подоцна ќе стане познато како предизвикот „Син кит“. За кратко време приказната предизвика значителен аларм. Гувернерот на Улјановск во западна Русија излегол на телевизија и го споредил предизвикот со „Син кит“ со Исламска држава.

Наскоро паниката се проширила надвор од Русија. Во Ѓорѓија, САД, 16-годишно девојче се самоубило. Подоцна, нејзините родители откриле за предизвикот „Син кит“ откако сфатиле за значењето на сликите што ги завршила на училиште кратко пред нејзината смрт.

На сликите имало сини китови.

Потоа дошле и други самоубиства: момче Исаја Гонзалез од САД, 19-годишно момче од Хајдербад во Индија, и две руски девојки, Јлиа Константинова и Вероника Волкова. Неколку дена пред да почине, Константинова објавила слика од син кит на нејзиниот инстаграм-профил.

Осомничениот

Во ноември 2016 година, бил уапсен 21-годишниот Филип Будеикин, обвинет за поттикнување на тинејџери на самоубиство. Тој ја признал вината.

– Постојат луѓе и постои биоразградлив отпад. Го чистев нашето општество од такви луѓе. Понекогаш почнувам да мислам дека сето тоа е погрешно, но на крај сметав дека ја правам правилната работа – изјави тој за еден руски медиум.

Сакал компјутери и бил продуцент на „вич хаус“, електронски музички жанр со окултни теми. Бил поранешен студент по психологија, така што на медиумите му оставил впечаток дека користел развиени тактики за манипулирање со тинејџерите за тие да извршат самоубиство.

Тој рекол дека ја создал играта во 2013 година под името „ф57“, комбинирајќи ги буквата на почетокот на неговото име, Филип, и последните две цифри од неговиот телефонски број. На 10 мај 2017 година тој се изјаснил за виновен и бил осуден на три години затвор.

Понатамошната истрага за предизвикот покажале дека играта воопшто не е онаква како што изгледа.

Евгени Берг патувал на работа кога за првпат прочитал за „Вконтакте“ и онлајн собите за разговор.

– Остави силен впечаток врз мене. Си помислив: „Боже, постои човек кој се обидува да убие многу деца во Русија“. Поради тоа ми полазија морници – раскажува Евгени. Затоа тој одлучил да ископа подлабоко. Неговото истражување го довел до Сергеј Пестов, таткото на една од девојките кои починале околу Божиќ 2015 година.

По смртта на неговата ќерка, Пестов и неговата сопруга основале организација наречена „Спасување на децата од сајбер криминалот“. Тие создале брошура која имплицирала дека странските разузнавачи можеби се виновни за смртта на нивната ќерка и дека оперативците ги уништувале Русите поттикнувајќи ги нивните деца на самоубиство.

Пестов станал главен извор на статистички податоци за оригиналното парче од „Новаја Газета“.

– Тој користеше медиумски извори и отворени извори за да избори повеќе случаи низ цела Русија кои според него се поврзани со групи за самоубиство. Оваа бројка стигна до 130 – вели Евгени.

Ова е истата бројка што за првпат беше цитирана во деловите на „Новаја Газета“. – Оттаму започна бројката. Со таткото на девојчето што трагично умре на крајот на 2015 година.

Во една приказна обвиткана со гласини, оваа бројка од 130 е еден од ретките објавени „факти“. Но, иако сè уште се користи од страна на медиумите, бројката е слаба. Според Евгени Берг, потекнува од родител кој се обидува да ги разоткрие причините за лична трагедија.

Статијата на „Новаја Газета“ е прочитана повеќе од еден и пол милиони пати, вели весникот.

– Оваа бројка од 130 не беше заснована на заклучоците на еден татко кој го изгубил своето дете. Не. Ова е апсолутно погрешно. Базирано е на заклучоците на повеќе од 200 родители кои ги изгубиле своите деца, а таткото на девојчето само помогна во тој период. Немам причина зошто не би им верувала. Проверив многу работи – вели Галина Мурсалиева.

Мурсалиева работела неколку месеци на статијата, а статијата вклучува интервјуа со родителите на починатите деца и експерти за право и психологија. Таа вели дека ја објавила статијата затоа што сакала да ги поттикне истражителите кои не го сфаќале проблемот сериозно.

Но, и покрај толку многу статии посветени на „предизвикот“, ниту едно убиство не се покажало поврзано со овие групи, ниту од новинарите, ниту од полицијата.

– Всушност имало повеќе од 130 случаи. Но, кој би можел да потврди дека се случило тоа? Како би можелод а биде потврдено – тврди Мурсалиева.

И се чини дека тоа е суштината. Како може некогаш да се докаже причината за самоубиство? Можеби е подобро да се каже дека тинејџерите кои страдаат од депресија и од самоубиствени мисли, може да бидат привлечени од групи што се занимаваат со оваа тема. Истите овие деца може да користат слични слики, како сини китови, за да ги артикулираат своите чувства онлајн.

Синиот кит: Факт или фикција?

Со надреалните мемиња и страшни приказни што ги заматуваат фактот и фикцијата, субкултурата на размената на пораките од страна на тинејџерите лесно може да биде погрешно толкувано од возрасните. Можно е новинарите и загрижените родители да пристапиле до овие групи и да собрале различни елементи во една приказна што всушност и не постоела.

Тоа се совпаѓа со наодите на Александра Архипова, професорка по фолклорни студии на Рускиот државен универзитет за хуманитарни науки. Кога таа и нејзините колеги влегле во онлајн групите за кои се тврди дека се поврзани со предизвикот „Син кит“, откриле нешто чудно.

– Сите овие „куратори“ излегоа дека се деца на возраст од 12 до 14 години – вели Архипова.

Далеку од манипулативни возрасни, се чини дека сите куратори се само деца кои читале или слушнале за играта. Всушност, истражувањата на Архипова сугерираат дека „предизвикот“ можеби и не постоел на суштински начин пред објавувањето на статијата во „Новаја Газета“.

Архипова вели дека кураторите на кои наишла биле копии, следејќи ги чекори на играта што веќе биила објавена низ медиумите.

– Во сите овие групи луѓето, воглавно младите луѓе, ја чекаа играта. Играта никогаш не започнува – вели Архипова.

Тогаш, за што лежи во затвор Филип Будеикин, човекот кој ја создал играта? Чудно, но сето тоа е поврзано со неговата музичка кариера. Неговите пријатели кои разговарале со Евгени Берг, го оспорија тврдењето дека тој е лошиот ангатонист во целата приказна. Всушност, тие велат дека тој ги исполнил онлајн групите со шокантни содржини поврзани со Рина Паленкова и нејзиното самоубиство за да добие што е можно повеќе следбеници – а потоа да ја рекламира неговата музика.

Тоа е вообичаена практика на „ВКонтакте“, каде луѓето го ескплоатираат пристапот до голем број на следбеници за рекламирање на други проекти или продавање на производи. Кога Будеикин бил уапсен, биле покренати 15 обвиненија против него. До наредниот месец, се распаднале сите, освен едно.

Вистината во срцето на предизвикот „Син Кит“ сигурно е многу потажна и посуптилна отколку статиите што нè натераа да веруваме. Стапките на самоубиства во Русија се високи, особено кај младите. Оваа земја има една од највисоките стапки на самоубиства на адолесценти во светот.

Да, се чини дека некои тинејџери се привлечени кон форуми каде се дискутира за самоубиство. И на овие форуми се споделуваат сини китови. Но, идејата за злобна игра, игра која полека, пополека ги води децата кон самоубиство, се чини дека е едноставно објаснување за многу покомплексен проблем.



912

X