Во овој период таа не ја запоставува улогата на одделенски наставник и користи разни дигитални алатки за е-настава
Каков е денот на една жена што има 4 деца, а воедно е и учителка во основно училиште. Денес многумина ќе се запрашаат како е да се справиш со сите предизвици, особено сега кога сите треба да седиме дома. Раскажувајќи за своето секојдневие, Соња Трифуновска од Тетово и сега, во време на вонредна состојба, ни откри со што се соочува и како се организира, а и за исполнетоста, среќата и достигнувањата што ги има како мајка на Јован (17), Мартин (15), Леонид (5) и Владан (3) и како одделенски наставник на 12 деца во второ одделение.
Подготвувам настава кога моите најмали спијат
– Во оваа тешка ситуација на ширење на коронавирусот мораме да постапуваме во согласност со мерките за заштита, па затоа седиме дома. На децата им ја објаснивме состојбата во која се наоѓа нашата држава и пошироко луѓето во светот. Постарите, Јован и Мартин, и сами следат информативни емисии и известувања, па разговараме за тековните случувања и така им даваме поддршка. На помалите, пак, Леонид и Владан, им е многу потешко бидејќи не одат во градинка, не излегуваат на прошетка, па мора добро да им го организираме времето за да не им биде досадно. Секој ден смислуваме различни активности: редиме сложувалки и коцки, читаме сликовници, играме домино и „Не лути се, човеку“, решаваме задачи од неколку книги за предучилишно образование, цртаме и боиме, гледаме образовни емисии, а почесто танцуваме на песнички или учиме бројалки. Нивната возраст е таква што не можат долго време да се концентрираат на една активност, па мора да бидеме креативни – раскажува Трифуновска.
Во овој период таа не ја запоставува улогата на одделенски наставник и користи разни дигитални алатки за е-настава.
– Согласно препораките од Министерството за образование и Бирото за развој на образованието, користам различни дигитални алатки за е-настава со мојата паралелка преку група која ја имам формирано уште на почетокот од учебната година. На моите ученици секојдневно им испраќам текстови, презентации, линкови за учење, наставни ливчиња кои треба да ги решат, квизови и слично. Квизовите, презентациите и наставните ливчиња ги изработувам кога Леонид и Владан спијат, а ги споделувам и на мојот профил на „Фејсбук“ за да ги користат родителите што имаат второодделенци – вели наставничката.
За домашните задачи таа ги користи и детските списанија. Потоа напишаните задачи ѝ ги испраќаат на е-пошта и им пишува информации или забелешки за изработената задача.
– Оваа настава е неформална, но сепак овозможува континуирано образование на ученикот и придонесува за одржување на работните навики. Иако, за жал, е-наставата не може да ги опфати сите ученици затоа што дел од нив немаат интернет или, пак, дигитален уред – вели наставничката.
Не ми е тешко, планиравме големо семејство
Трифуновска вели дека многудетното семејство е животна приказна по нејзина желба.
– Моја желба беше и сè уште е да бидам опкружена со деца, не само дома, туку и на работа. Навистина не е лесно да се справуваш со повеќе деца во семејството затоа што секое дете си има свој индивидуален развој и мора да се одговори на сите ситуации и проблеми што настануваат во текот на развојот на децата. Меѓутоа, мене не ми претставува поголема тешкотија, ние со сопругот си планиравме да имаме 4 деца и ни се оствари сонот. Нормално, секојдневно се справуваме со голем број различни ситуации и тешкотии, но со разговор ги надминуваме. И можам да кажам дека е спротивно – не дека е тешко во домот, туку куќата е исполнета со радост и со многу цели што треба да ги постигнеме во животот и на тој начин стануваме среќни и задоволни од себеси што сме постигнале во животот – објаснува Соња.
Во секојдневни услови, работниот ден нејзе и на сопругот Димче им почнува уште во 7.30 часот кога најмалите Леонид и Владан се носат во градинка. Јован и Мартин се веќе средношколци, па сами си одат на училиште.
– Откако ќе ги однесам во градинка, до 13 часот кога одам на работа, имам време за домашните обврски. Да се среди куќата, да зготвам ручек, а голем дел од времето правам и подготовки за училиште, за часовите.
Кога завршувам со часовите на работа, ручаме, па ги земаме децата од кај моите родители, каде што одат по градинката. Активностите дома со најмалите ни се поврзани со играње на музика, јас многу ја сакам музиката, па немам толку време да одам на зумба и дома ги практикувам тие активности, заедно со нив. Секако, играме и со играчки, а во зависност од времето, одиме и на прошетки низ градот. Пред спиење најубав ни е ритуалот да им читам приказни и најчесто сега тоа се приказни од „Светот на Биби“. Многу се интересни и моите деца многу ги сакаат, по читањето поставуваат многу прашања, а потоа и тие раскажуваат нивни случки и така легнуваат – ни открива мајката.
Поголемите им помагаат на помалите
Иако Јован и Мартин се средношколци и се прилично самостојни, Соња вели дека им се потребни повеќе разговори затоа што поминуваат низ пубертет. Јован е во трета година економско, а Мартин во прва година музичко, отсек теорија, а свири и на пијано и на гитара.
– На училиште им се случуваат ситуации за кои им е потребен совет од нас, како родители, за да знаат како да ги решат. Со децата треба многу да се разговара за да може да се развиваат и да пораснат во здрави и среќни личности. Од друга страна, поголемите деца знаат да им помогнат на помалите. Мартин гледаше дека Леонид многу ги сака сликовниците од „Светот на Биби“, па собирал пари од тие за ужина и еден ден дојде дома и му рече: „Да видиш што купи бато за тебе“. Му ја покажа книгата, а Лео беше пресреќен. Исто и јас како мајка бев пресреќна затоа што децата се надополнуваат и постарите им помагаат на помладите – раскажува таа, дополнувајќи дека средношколците знаат и да му помогнат на татко им во продавницата за печатење, дизајн и гравирање.
Навечер кога помалите ќе заспијат, за да можат утрото порано да се разбудат за во градинка, Соња има малку слободно време за себе, како и да прочита некоја книга.
– Порано членував и во мешаниот хор при друштвото „Иљо Антески Смок“, што ми беше интересна активност, воедно и корисна за работата со децата. Задоволство ми е да одам на добра театарска претстава и секако дружбите со пријателите. Поголемите деца се тука понекогаш да ги чуваат и да играат со помалите кога треба да излеземе со сопругот навечер – вели Соња.
Таа се надева дека наскоро сите ќе можеме да му се вратиме на секојдневното темпо на живот и дека нема да има од што да стравуваме.
Со сопругот Димче пред извесно време се договориле дека мора нешто да преземат децата да ги насочат кон природата наместо кон честото користење на технологијата, каде што, како и сите други, гледаат видеа или играат мрежни игри.
– Во викенд обично одиме на село, на имотот што го имаме, и таму имаме доста сандаци со пчели и легло на калифорниски црви. Мартин и Јован имаат целосна опрема за пчеларство, се разбираат што треба да направат за да ги одгледуваат пчелите, целиот процес го научиле и работат. И со црвите го знаат процесот на таложење за да се добие органско ѓубриво со текот на времето. Придобивка е што се на чист воздух и во природа и не се под стрес – објаснува Труфуновска, или Балтепе како што по прекарот во Тетово го знаат нивното семејство.
Овие активности се препорака од неа за другите родителите, затоа што како наставник, среќава многу деца што имаат проблем само затоа што претерано користат телефон или таблет.
– На училиште гледам дека некое дете станало понервозно, а ако нема некој проблем дома, родителите кажуваат дека е цело време на телефон. Тие несвесно додека трчаат по егзистенција, „немаат“ време да им се посветат. А тоа е скапоцено време со нивните деца. Ако поминеш квалитетно време со нив, вложуваш во децата, но и во својата иднина – рече Соња.
Од наставникот зависи какви ќе бидат идните генерации
Тринаесет години Соња е во воспитно-образовниот процес. Била наставничка по англиски јазик во Теарце, па во забавишната група во училиштето во Сараќино. Потоа наставник во дневниот престој во ОУ „Гоце Делчев“ – Тетово, каде што сега веќе образова трета генерација-паралелки како одделенски наставник.
– Не ми е тешко на училиште затоа што сум дома со повеќе деца. Многу е важно за нашата професија – учител да ја сакаш работата со децата и да сакаш да го пренесуваш знаењето. Да сакаш детето да се развива и да го збогатуваш своето знаење на сите полиња. Свесна сум дека какви ќе бидат идните генерации, многу зависи од наставникот. Занаетчијата ако не го направи убаво предметот, ќе го фрли во канта, не е штета. А учителот ако не ги научи добро и не ги воспита децата, тогаш ќе биде штета за целото општество. Ние ги формираме работните навики кај учениците и воспитниот елемент е многу важен од прво до петто одделение. Во подоцнежните одделенија повеќе се обрнува внимание на образовниот елемент – објаснува таа.
Минатата година по повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, од познатото Здружение „Вешта жена“ таа е добитничка на благодарница за заслуги од областа на образованието.
Апелира во овие тешки мигови секој да даде свој придонес за надминување на оваа состојба.
– Треба да се гордееме со залагањата на здравствените работници, работниците во маркетите, војската, полицијата, но и секој од нас треба совесно да постапува и да ги почитува сите мерки и препораки дадени од државните институции. Треба да бидеме позитивни и да веруваме дека ќе успееме да ја надминеме оваа криза полесно и за пократок период – порачува Соња.
912