Игротека

Пред 25 години децата без проблем го читаа „Хари Потер“, а денес едвај читаат. Што се случува?

Пред четврт век Дејвид Сејлор на американскиот пазар го донесе епскиот фантастичен серијал „Хари Потер“. Како креативен директор на детскиот издавач „Схоластик“, во доцните 90-ти години помогна во осмислувањето и реализацијата на американските изданија на првите три романи. Но, кога на неговата маса пристигнал ракописот на четвртата книга од Џ. К. Ролинг, Сејлор бил изненаден затоа што романот бил огромен. Поголем, посложен и наративно покомплексен од речиси која било приказна дотогаш наменета за деца.

Поврзана и дистрибуирана, книгата „Хари Потер и Пламениот пехар“ имала импресивни 734 страници. Се разбира, станала уште еден масовен хит кој со години се наоѓал на врвот на листите на бестселери на „Њујорк тајмс“, освојувајќи ги и децата и возрасните. Но денес, овој серијал служи и како силен аргумент во дебатата што го окупира издавачкиот свет: дали децата сè уште читаат книги?

Сејлор вели дека во текот на кариерата преживеал повеќе бранови предвидувања за пропаста на индустријата. Прво заканата била телевизијата, потоа видеоигрите, а пред тоа радиото и стриповите.

– Малку сум заситен од таквите извештаи. Секогаш се предвидува дека децата ќе престанат да читаат и дека крајот на издаваштвото е близу – вели тој. Но, овој пат чувството е поинакво. Иако детското издаваштво цвета, новите одвлекувања и форми на забава драстично го намалуваат бројот на млади што читаат од задоволство.

Пад што загрижува

Во периодот од 1984 до 2023 година уделот на 13-годишници што изјавиле дека никогаш или речиси никогаш не читаат од задоволство се зголемил од 8 отсто на 31 отсто. Истовремено, процентот на средношколци што читаат од задоволство „речиси секој ден“ паднал од 35 отсто на само 14 отсто, покажуваат податоците од Националната процена на образовниот напредок.

Овој феномен е дел од поширок тренд на оддалечување од читањето. Ново истражување на Универзитетот во Флорида и Универзитетскиот колеџ во Лондон открило дека дневното читање од задоволство опаднало за повеќе од 40 отсто кај сите возрасни групи во последните две децении.

Ваквите наоди поттикнуваат стравувања дека по повеќе од еден век раст на писменоста, читањето се претвора во активност резервирана за елитата, таканаречената „читателска класа“. Проблемот е сложен: младите денес постојано читаат, но во ситни фрагменти како нотификации, пораки, мемиња и објави на социјалните мрежи.

Едно истражување покажало дека просечен Американец дневно чита текст еднаков на пократок роман, но тоа не е исто како и да се седне и да се задлабочи во книга. Последиците се видливи во падот на резултатите на тестовите по читање, а универзитетските професори забележуваат дека студентите се мачат со подолги задачи.

Професорот Карл Хендрик се прашува дали доколку денес би имал 16 години, би имал мотив да го чита „Големиот Гетсби“ покрај лесно достапниот „допамин“ од социјалните мрежи и видеоигрите. Тој смета дека училиштата ќе мора да воведат драстични мерки, како целосна забрана на мобилни телефони, и читањето да го третираат како прашање на јавно здравје, слично како здравата исхрана.

Хендрик верува дека за дваесет години ќе сфатиме дека длабоката концентрација што ја овозможува читањето е исто толку важна како физичката активност и здравата исхрана. Според него, книгите им помагаат на луѓето да го разберат светот, етиката и човечките искуства, и без нив општеството ризикува сериозно осиромашување.

Извор

Поврзани написи

To top