Воспитување

Празниците можат да бидат лекција за благодарност за децата

Празниците често доаѓаат со многу сјај, подароци и очекувања, но и со идеална можност да им покажеме на децата што значи благодарност. Не преку морални лекции и долги објаснувања, туку преку секојдневни ситуации, мали ритуали и личниот пример што им го даваме. Токму во овој период децата најлесно учат да ги ценат луѓето околу себе, моментите што ги споделуваме и ситниците што го прават животот поубав.

Зошто токму за време на празниците да ги учиме децата на благодарност?

Празниците се емотивен и семеен период од годината. Има повеќе дружење, подароци, внимание и нови искуства, особено за децата. Тоа значи дека тие имаат многу можности да:

  • го забележат трудот на другите;
  • ја почувствуваат радоста на дарувањето;
  • препознаат како изгледа кога некој се грижи за нив;
  • сфатат дека среќата не доаѓа само од материјални работи.

Благодарноста не е нешто што може да се „објасни“, туку нешто што се живее и се доживува.

Постојат повеќе начини како да им го приближите чувството на благодарност на децата за да го препознаат и усвојат:

Разговори што го отвораат срцето

Наместо класичното „кажи благодарам“, за време на празниците можете да ги прашате децата: „Што ти беше најубаво денес?“ „Кој те израдува денес?“ „За што си благодарен/благодарна овој месец/недела/ден?“

Овие прашања ги поттикнуваат децата да се освестат и да ги забележат добрите работи околу себе, наместо фокусот да биде на подароците или на она што сè уште „го немаат“.

Направете семеен ритуал на благодарност

Може да биде едноставен, но долгорочно моќен – стаклена тегла на благодарноста, во која секој става ливче со нешто за што детето е благодарно тој ден.

Новогодишна листа на убави моменти – наместо листа на желби, правете листа на сè убаво што ве придружувало во текот на годината.

Благодарни украси за елка – детето на ливчиња во форма на снегулки пишува или црта за што е благодарно и ги закачува на елката.

Децата интуитивно ги сакаат ритуалите бидејќи тие им даваат смисла и структура.

Вклучете ги децата во подготовките за празниците

Кога детето учествува, автоматски почнува да го цени процесот. Нека ви помогне да завиткате подароци, да направите колачи, да изберете украси, заедно да ја наместите масата, да изработи честитка за баби и дедовци, тетки, пријатели, кумови.

Активниот придонес го зацврстува чувството на вредност и поврзаност и развива благодарност кон трудот на другите.

Дарувањето како можност за учење

Празниците не се само примање подароци, туку и покажување внимание. Научете ги децата да прават мали подароци за некого (цртеж, честитка, колаче), да ја подарат играчката што веќе не ја користат, да изберат предмет или играчка за хуманитарна намена или да напишат кратка порака на благодарност за воспитувачката, наставничката, тренерот.

Кога детето ќе ја почувствува радоста на дарувањето, благодарноста станува природна.

Воспоставете рамнотежа меѓу подароците и искуствата

Секако дека децата сакаат подароци, но тие брзо се забораваат. Искуствата градат спомени, а со спомените доаѓа и благодарноста.

Предлози за активности:

  • Семејна прошетка низ празнично украсениот град;
  • Вечер на друштвени игри;
  • Гледање празничен филм со пуканки;
  • Заедничко изработување украси;
  • Вечер со приказни за тоа како сте ги поминувале празниците кога сте биле мали.

Преку споделување искуства, децата добиваат чувство на континуитет, припадност и топлина.

Бидете модел на благодарност

Децата најмногу учат преку пример. Затоа:

  • Заблагодарете му се на партнерот пред децата;
  • Заблагодарете му се на детето кога ќе ви помогне;
  • Изговарајте гласно мали благодарности, како: „Баш ми годи оваа утринска тишина“, „Колачот мириса прекрасно, убаво што ме потсети да го направиме“, „Ти благодарам што ми ги даде украсите“.

Тоа му покажува на детето дека благодарноста не е форма, туку начин на гледање на животот.

Нормализирајте ги и желбите и границите

Можно е детето да посакува многу подароци, и тоа е природно. Но тоа е и можност да научи:

  • дека не може да се има сè;
  • дека треба да се избере најважното;
  • дека вредноста не е во количината;
  • дека постои буџет, умереност и приоритети.

Ова гради благодарност наместо фрустрација.

Празниците се училиште за срцето

Благодарноста не е проект од неколку дена, туку таа се гради со години, но празниците се идеален период да започнеме или да го зацврстиме она што веќе го негуваме.

На децата не им треба совршена атмосфера, совршена елка, совршен подарок, туку топлина, присутност и пример. Ако им го дадеме тоа, ќе ја научат најубавата лекција – дека среќата не доаѓа од работите, туку од луѓето и моментите што ги чуваме во срцето.

Извор

Поврзани написи

To top