Повеќе од една година американските родители даваа сè од себе за да ги евалуираат ризиците поврзани со ковид-19 за своите деца. Сите се надеваа дека го прават најдоброто за своите малечки преку реализирање активности од кои имаат придобивки, носење на соодветни одлуки и слично. Следствено на тоа, пристапите на семејствата на изминатата година се различни. Некои од нив спроведуваат активности од дома (дружење и училиште), а некои само што започнуваат да излегуваат од своите домови.
Центарот за контрола на болести и превенција во САД уште еднаш ги смени своите упатства за носење маски за лицата што се целосно вакцинирани – без да понуди специфична насока за децата. Па додека многу Американци ја прославуваат промената, родителите со помали деца се обидуваат да сфатат што значи тоа за нивните семејства. „Зборувајќи како мајка и педијатар, се обидувам да ги интерпретирам податоците без јасна насока“, вели д-р Мона Амин, педијатар од Флорида. „Се зголемува анксиозноста кај родителите што сакаат да започнат со активности, но не се сигурни како да го прават тоа со своите невакцинирани деца. Со секоја одлука што ја носиме и нè прави среќни во однос на ослободувањето од рестрикциите, не може а да не се осврнеме на прашањето „А што со нашите деца?“
Иако препораката за маски не се однесува на деца, многумина сметаат дека секој што има 2 години и нагоре и кој не е вакциниран, треба да носи маска на затворено. А и педијатрите се согласуваат со тоа. „Сè додека помалите деца не добијат право да бидат вакцинирани, треба да носат маски кога се во групи на луѓе и во јавност“, вели д-р Ивон Малдонадо, претседателка на Американската академија на педијатри – Комитет за инфективни болести. „Дури и возрасните и постарите деца што се вакцинирани треба да размислуваат за носење маски ако има помали деца во семејството – или од солидарност или за намалување на ризикот за невакцинираните деца“, додава таа.
Но, децата под 12 години тешко дека ќе да добијат вакцина. Што значи дека вакцинираните родители ќе се соочат со чудна ситуација: самите технички може да бидат без маска (освен ако надлежните не го препорачаат спротивното), но ќе се чувствуваат несигурни или виновни што го прават тоа додека нивните деца не се заштитени преку вакцина. Тука има уште еден проблем – децата ги гледаат родители како пример и за носењето маски во јавност, па сето тоа ќе биде навистина збунувачко за нив.

Има уште нешто што е важно во овој случај. Како што возрасните ќе ги вадат маските во јавност, ќе биде невозможно да се каже и препознае кој навистина е целосно вакциниран, а кој го прави тоа зашто едноставно не сака веќе да носи маска. Децата кои не може да се имунизираат тоа навистина ги изложува на ризик. Кога јавните политики за носење маски беа еднакви за сите, тоа беше ефективен начин за сите да се заштитат, и себеси и своите деца. Но, сега дури и целосно вакцинираните лица носат мал ризик за децата бидејќи иако е многу малку веројатно да го пренесат вирусот, сепак не е невозможно, со оглед на тоа дека маски нема да носат, а може да се носители на вирусот без симптоми, или со многу лесна клиничка слика (малку веројатно, но можно).
Како што д-р Мона Амин објавила на „Инстаграм“: „Вакцинираните индивидуи може да одат без маски во јавност. Тоа е одлично за нив. Но, што со установите кои ќе ги отстранат обврските за носење маски за сите, без проверка на податокот дали индивидуите се вакцинирани? Што со родителите кои ќе ги носат своите деца со себе во маркети и продавници?“ Тоа е особено збунувачко за родителите чии деца имаат имунокомпромитирачки состојби и кои веќе живеат премногу исплашени во изминатиот период. На крајот, новите правила не менуваат ништо за помалите деца или нивните родители, а децата сега можеби се и повеќе ранливи отколку што беа порано. Поради тоа, не е ниту чудо што родителите сè уште не можат слободно да го прослават стивнувањето на пандемијата.
Автор: Кетрин Пирсон