Пријателката или член на семејството само што родила бебе и не можеш да дочекаш да ја посетиш, но пред да одиш на гости, постојат неколку работи што треба да ги имаш на ум при посетата на новата мајка.
Риса Керслеке, медицинска сестра и мајка на мало девојче, ги истакнува работите што новите мајки не ги кажуваат, но би сакале другите да ги знаат.
Секогаш јави се пред да одиш во посета. Или уште подобро, испрати порака – Не доаѓај ненајавен, освен ако не носиш храна. Никогаш!
Донеси храна или кафе – Дополнителни поени ако ги донесеш и двете работи. Бебињата јадат на секои два часа, па мајките имаат малку време за приготвување храна. Понуди се да донесеш нешто што може да се стави во рерна или да донесеш нарачка од ресторан. А кафето секогаш е добредојдено!
Кога ќе пристигнеш, веднаш измиј си ги рацете – Кога ќе стигнеш кај мајката и новороденчето, остави ја чантата, стави ја храната во фрижидер и измиј си ги рацете.
Не носи болести со себе – Ако си болна или некој со кого живееш е болен, не оди кај мајка со новороденче.
Остави ги твоите деца дома – Особено ако ја посетуваш мајката во првите недели. По породувањето, на мајката ѝ треба одмор. Последното нешто што го сака е низ домот да ѝ трчаат деца.

Помогни со нешто во домаќинството, особено ако ја знаеш добро – помогни без да прашаш – раскрени ја масата, измиј ги садовите, изнеси го ѓубрето. Секогаш е подобро од прашањето ако е потребна помош, бидејќи мајката од пристојност ќе каже дека не ѝ е потребна.
Не прашувај дали можеш да го земеш бебето в раце – Новите мајки се многу заштитнички настроени и може да се чувствуваат непријатно кога нивните бебиња се во туѓи раце.
Прашај ја како е – Многу е лесно да се изгубиш во разговорот за бебето и да заборавиш дека зборуваш со уморна и емоционално исцрпена мајка. Прашај ја како е, тоа ќе ѝ значи многу.
Разговарај и за други теми – Животот на новата мајка може целосно да се врти околу бебето, но е освежувачки да се разговара и за други теми. Не чувствувај се лошо ако не се држиш само за бебешките теми.
Не останувај премногу долго – Во првите денови и недели по породувањето, обиди се да ја скратиш посетата на 10-15 минути, освен ако не носиш храна или нешто потребно. Следи ги сигналите на мајката – ако треба да дои, ако е уморна или ако кажува дека е исцрпена, тоа е знак дека треба да си заминеш.
912