Учениците не смеат да практикуваат препишување и лажно претставување со цел да стекнат предност во однос на другите од аспект на оценување на постигнувањата, наведено е во правилата за однесување

Министерството за образование и наука неодамна им испрати на училиштата документ во кој се содржани препораки за однесување на наставниците и на учениците за време на наставата на далечина. Во него јасно се наведени правилата на однесување што мора да се почитуваат. Една од препораките е сите камери да бидат вклучени за време на онлајн-часовите.

Забрането е снимање на часовите

„Камерите треба да бидат вклучени освен ако поради технички причини, слаба конекција, чести падови на врската, наставникот не наложи поинаку. Микрофонот треба да биде исклучен, освен кога ученик одговара на прашање или не му е јасно нешто поврзано со наставната материја. Се препорачува одржување и следење на онлајн-часовите на тивко место во домот, со оглед дека сите ученици на часот може да ги чујат звуците во заднина на тој што зборува (звук од телевизор, лаење на домашни миленици и слично)“, стои во документот.

Освен тоа, наведено е дека не е дозволено снимање на онлајн-часот.

„За време на наставата на далечина важат истите правила на однесување како во училница. Наставниците водат детална евиденција за присуството. Учениците немаат право да вклучат други ученици од училиштето или од друго училиште преку споделување на линкот од часот. Секое постапување спротивно на ова може да резултира со поведување и изрекување педагошки мерки во постапка утврдена со правилник за педагошки мерки“, наведено е меѓу другото во правилата.

Неоправдан за избрканиот ученик што недолично се однесувал

Наставникот може да отстрани ученик од онлајн-час ако го попречува часот – се однесува недолично, вулгарно и дискриминирачки, употребува непристојни зборови или вербално ги навредува другите ученици на часот, поттикнува електронско насилство и постира коментари кои може да се интерпретираат како навредливи, дискриминирачки или вознемирувачки или испраќа материјал со навреди за другите ученици или за наставниците.

„Во случај да е отстранет, ученикот се евидентира како неоправдано отсутен и против него може да биде поведена дисциплинска постапка. Во врска со одговорностите на наставниците и на учениците, тие мора да создадат атмосфера за учење, почит и соработка. Тие треба да промовираат поучувачка ефективна комуникација што ги вклучува сите. Тие треба да се мотивирани и активно да учествуваат во виртуелната училница“, пишува во документот.

Одмор за раздвижување и циркулација

Таму е нагласено и дека учениците не смеат да практикуваат препишување и лажно претставување со цел да стекнат предност во однос на другите од аспект на оценување на постигнувањата.

„Секое прекршување на авторските права се смета за лична одговорност на корисникот на платформата/учењето на далечина. Учениците се охрабруваат да напредуваат, да се грижат за себе и за другите. Наставниците се должни да се грижат за здравјето на учениците (оптовареност на видот и `рбетот на учениците). При работа со ИКТ-уреди и во текот на наставата треба да предвидат одмор за раздвижување, релаксација на видот и подобрување на циркулацијата.



912

X