Прашај психолог страв

Ако некое другарче ѝ каже „не може“, почнува да плаче, да се нервира и да паничи. Што да направиме?

Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 8 години и премногу е хиперактивна, љубопитна, дружељубива. Но постои проблем кај неа, еден страв да скокне, на пр., од кревет на тепих, од симнување преку една скала, од клупа да скокне исто така. Едноставно се кочи и се мисли да не падне. А нема паднато, ниту се има повредено, па не знам од каде ѝ е тој страв. И кога е со деца од училиште, ако некој ѝ каже „не може“, почнува да плаче, се јавува нервоза и паника. Дали би можеле да ми дадете совет како да ги стабилизираме овие симптоми.

ОДГОВОР: Ме радува што вашето девојче е љубопитно, дружељубиво, доста активно, полно со енергија. Но, велите дека се соочува со проблем и страв од скокање и емоционално бурно реагира кога доаѓа до неодобрување од другарчињата. Човечката психа не е едноставна, а стравот веројатно не е одраз на објективната опасност при скокање, туку е проекција на некој нејзин внатрешен конфликт. Велите дека не паднала, а сепак таа замислува дека паѓа. Овој страв може да претставува страв од неуспех, страв од губење на контролата, страв од неодобрување, било од вас родителите или од врсниците, а може да биде и страв од одвојување, т.е страв од „растење“.

Децата често се борат со „Ако не успеам, ќе бидам исклучен“ или „Ако направам грешка, ќе бидам помалку сакан или почитуван“. На оваа возраст децата поминуваат во фаза на латентност, во која нагоните од претходните фази (орална, анална, фалична) се потиснати, а детето почнува да развива поструктурирана одбрана и нов внатрешен морален судија, а зборовите од врсниците се толкуваат, длабоко и несвесно, како осуда за нејзината вредност или способност. Затоа и толку силно реагира на ваквите ситуации. Разговарајте со неа и прашајте ја: Како телото ти кажува дека се плашиш?, Што чувствува твоето срце тогаш?, Што замислуваш дека може да се случи на скалите?, Што е толку страшно? Фатете ја за рака кога треба да скокне од кревет на под, придружувајте ја на скалите и бидете тука како еден вид поддршка. Можете да пробате да скока на перница. Не присилувајте ја да го стори тоа, бидете присутни, но нежни, и не негирајте го нејзиниот страв.

Не треба да сте премногу заштитнички настроени или да кревате голема паника, именувајте ги и рефлектирајте нејзините чувствува.

Што се однесува до односот со другарчињата на училиште, и тука рефлектирајте и разговарајте: „Гледам дека си лута, тажна… Важно е да се трудиш, а не да си најдобра. Дури и ако не успееш, ти си моето храбро девојче“.

Можете да ја вклучите во активности каде што нема споредби (цртање, сликање, моделирање со глина, свирење, модерен балет, игроорна) кои можат да помогнат да се изрази, а сепак да има чувство на припадност. Играјте игри сите дома, како правење куќа со перници, сложувалки или задача на денот, која сите заедно треба да ја извршите. Можете да имате „Кутија на чувствата” каде што може да црта или да пишува како се чувствувала тој ден.

Сите овие активности поттикнуваат самодоверба, истражување, емоционална зрелост и чувство дека детето е доволно вредно такво какво што е, без притисок да биде подобро од кој било друг. Постепено таа ќе научи да се чувствува побезбедно во светот, на овој начин не го негирате или гасите стравот, туку ја учите како да се носи со него и да оди напред.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com.

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top