Како и во сите области од животот, така и во родителството се среќаваме со предизвици, проблеми, грешки, но тоа не значи дека сѐ правиме погрешно. Напротив! Поголемиот дел од работите ги правиме одлично!

Проблемот е во тоа што сме навикнати да го насочуваме вниманието на она од кое не сме задоволни, а не сме стекнале навика да се пофалиме себеси дури ни кога ќе направиме нешто големо.

Кога ги гледаме само грешките, лесно влегуваме во маѓепсан круг на префрлање на вината на себеси, тага, можеби малку и се лутиме сами на себе, се расправаме во мислите…Сѐ на сѐ, се чувствуваме лошо.

Улогата на родителите е тешка, некогаш и напорна, а секако носи и многу одговорности. Но, таа пред сѐ е нешто што ни го збогатува животот и ни носи љубов и радост. И баш затоа фокусот треба што почесто да го ставаме на тие убави работи и да не губиме премногу енергија на оние од кои не сме задоволни.

А сега прашањето од милион долари. Како да го направам тоа? Како да го променам фокусот кога на крајот од денот веќе не знам ни за себе?

Со помош на овие две прашања:

1. Што сѐ правам добро?

Колку пати сте си набројале што сѐ како родител ќе научите, успеете, пребродите, направите? Колку често си упатувате пофалби сами на себе? Колку пати навечер ќе се преслушате, ќе го прегледате филмот во главата и ќе си кажете „браво!“ за сето она што сте го направиле дента, иако било тешко и не ни знаете како сѐ ви тргнало од рака?

Во текот на денот имаме многу рутинска работа со децата и околу нив, па некако се подразбира сето тоа да го завршуваме и, се разбира, попатно да ги воспитуваме. А она што се подразбира го земаме здраво за готово.
Но, тоа воопшто не се мали работи, напротив!

Тоа се многу важни моменти кои на нашите деца им го сочинуваат детството, а нам – родителството. Кога вака ќе гледаме на нашиот ден, ќе се увериме дека имало многу повеќе навистина добри работи и со многу од нив можеме да се гордееме. За сето тоа треба да си упатите пофалби!

Зошто е добро ова да ви прејде во навика?

Затоа што кога ќе ги наброите своите мали и големи секојдневни успеси, имате чувство дека сте постигнале нешто, а од тоа чувство се создава мотивација, па тоа е одлична појдовна точка за прашањето број 2.

2. Што сакам да правам подобро?

Овде спаѓаат и оние други работи од кои не сме задоволни, кои ја гризат нашата совест – значи нашите грешки. Првата работа што им ја напоменувам на родителите кога се грешките во прашање е дека тие се најдобриот полигон за учење!

Кога сме свесни дека некаде сме погрешиле, тоа ни дава голема шанса следниот пат нешто да направиме поинаку, подобро.

Така што, кога ќе си го поставите ова прашање, вие го поместувате фокусот од грешката на барањето решение. Бидејќи, сè додека размислувате за грешките, вие сте закотвени на едно место, непотребно се мачите себеси и си ја трошите енергијата. Но, кога ќе размислите за решението, веќе гледате светло на крајот од тунелот. И за крај, создајте навика да си ги поставувате овие две прашања секој ден. И научете да се пофалите себеси. Вие сте родител и секојдневно се грижите за своето дете на најдобар можен начин – бидете горди на себе што свесно и одговорно одгледувате и воспитувате еден мал човек.

Зајакнете го чувството на постигнување, мотивација и трагајте по решенијата – тоа е вашиот скапоцен компас кој ќе ве поддржи на родителскиот пат!

Автор: Драгана Алексиќ, семеен тренер



912

X