ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има речиси 3 години и можам да ја опишам како многу паметно девојче, разбира и зборува уште од првата година, но исто така е и дете што бара премногу внимание. Хиперактивна е и многу поврзана со мене од самото раѓање. Годинава ни се родија уште две ќерки близначки и имавме малку тешкотии при прифаќањето на новите членови, но веќе се помири со новата ситуација дома и почна да игра со сестричките. Ја пуштивме во градинка во септември и оттогаш почна да покажува многу голем отпор кон мене и татко ѝ. Воопшто не нѐ слуша, не дозволува да ја бањам јас, ниту да ја заспивам, ниту храна да понудам, комплетно се промени и се насочи кон бабите и дедовците. Штом ќе дојде време за спиење, оди да спие кај нив, што порано не беше случај. Ја анализирав одреден период и сфатив од разговор со неа дека бега да спие кај баба и дедо поради тоа што мисли дека нема да оди во градинка. Веќе три месеци ја носиме и сме упорни, но кај неа нема некои значителни промени. Во градинка не се заигрува со ниту едно дете, цело време ја држи учителката за рака и ја моли да ни се јави да отидеме да ја земеме. Обично е многу дружељубива, сака деца и сака да си игра, но кога сме присутни ние. Во градинка покажува многу голем отпор. Дали е нормално ова и како да постапам во ваква ситуација.? Имам чувство дека го губам авторитетот врз детето.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и потребата да му помогнете на вашето дете. На возраста на која е вашето девојче се развива поголемо чувство за себе (ЈАС), почнува појасно да знае што сака што не, да има свои желби, мислења и емоции, почнува да има потреба да ги котролира работите и да развива поголемо разбирање како за себе, така и за сѐ што се случува околу неа.
Но, сѐ уште нема доволно развиен капацитет да ги регулира силните чувства, па често доаѓа до бурни реакции, отпор или променливо однесување.
Во нејзиниот живот за кратко време се случиле неколку големи промени, кои секако дека влијаат врз нејзиното однесување. Во еден краток период таа се соочува со раѓањето на двете сестрички (што е огромна емоционална промена), потоа губење на ексклузивната врска со вас, тргнување во градинка и одвојување. Голема промена и на целата семејна динамика.
Во вакви ситуации децата децата често се соочуваат со различни емоции, како лутина, тага, страв од губење на љубовта на родителот и голема несигурност, но не умеат да ги изразат, па ги изразуваат преку однесувањето. Многу добро е што ја набљудувате и заклучувате дека одењето кај баба и дедо некако е посигруно и таму нема промени.
Нејзиното однесување кон вас покажува дека таа е лута 🙂 или ако го „читаме“ однесувањето звучи вака: „Јас сум лута и повредена, ама не знам како поинаку да ти го кажам тоа“ и сосема е нормално да се однесува вака поради сите промени што ги доживува.
Авторитетот го губиме кога се повлекуваме, кога сме збунети и чувствуваме несигурност како да постапиме со детето. Можете да кажете: „ Знам дека си лута, тажна итн., но мама ќе те бања, а ти можеш да бидеш лута“ или „Ти си лута, но мама секогаш те носи во кревет, без разлика каде спиеш“ (и покрај баба и дедо вие сепак сте главната фигура за неа). Вие читате приказна пред спиење, вие ја прегрнувате пред градинка, вие ја облекувате за излегување. Одвојте посебно време само со неа и не мора да биде долго, но нека биде квалитетно.
Вербализирајте: „Ти беше тешко кога дојдоа бебињата, тешко е кога мама мора и со нив да биде, но мама е секогаш тука со тебе“. Вклучете ја во едноставни работи со близначињата, да ви подаде пелени, крем или шампон за бањање, па пофалете ја.
За градинка, повторувајте ѝ: „Мама ќе дојде по тебе или тато, мама ќе мисли на тебе.“ Разделбите да бидат кратки, со прегратка и бакнеж, а со себе може да земе и некоја кукла да биде мала замена за вас.
Ова е период на адаптација, бидете смирени, стабилни и емотивно присутни, со јасни, но топли граници.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova