Здравје

Праќаше деца во смрт. Педијатарот Аспергер бил дел од Хитлеровата машина за убивање

Хан Аспергер, австриски педијатар – пионер во истражувањето на аутизмот, по кого е наречен Аспергеровиот синдром, активно соработувал со нацистичката програма во чии рамки се убивани деца со ментални нарушувања, објави „Молекулар аутизам“.

Историчарот Хервиг Чех пишува дека Аспергер ги упатувал децата со големи нарушувања во озлогласената клиника „Ам Шпигелгрунд“, каде што се убиени околу 800 деца, некои со смртоносна инјекција, а некои со гас, пренесува Ројтерс.

 

Откако ги прегледал архивските документи, меѓу кои и личните документи на Аспергер, Чех открил дека тој иако не ѝ се приклучил на нацистичката партија, јавно ја поддржувал политиката на расна хигиена, вклучувајќи и насилна стерилизација.

„Аспергер успеал да се смести во нацистичкиот режим и бил награден за неговите афирмации на лојалност со кариерни можности“, се вели во извештајот.

Сепак, во извештајот се додава дека ништо не сугерирало дека работата на Аспергер поврзана со аутизмот била „извалкана“. Тој првпат опишал група деца со состојба „аутистични психопати“ во 1938 година. Аспергеровиот синдром, блага форма на аутизам при што заболените доста добро функционираат подоцна, е наречен по него.

Медицинскиот факултет во Виена бил исчистен и редовите биле исполнети со нацистички идеолози по анексијата на земјата од страна на Германија во 1938 година.

Според извештајот, по оваа анексија Аспергер се обидел да ја докаже својата лојалност кон нацистичкиот режим, давајќи јасни предавања во кои ја прогласил својата верност кон централните елементи на нацистичката медицина, вклучувајќи ја и „хигиената на расата“. Исто така, тој ги потпишувал извештаите со „Хајл Хитлер“.

Во програмата на нацистичката „евтаназија“ тој бил дел од комисијата што прегледувала повеќе од 200 пациенти во домот за деца со ментална попреченост. Од нив, 35 се сметале за неизлечиви и биле испратени да бидат убиени во „Шпигелгрунд“, каде што починале.

– Програмата за детска евтаназија на нацистите им служела како цел за еугеничко инженерство на генско „чисто општество“ преку „расна хигиена“ и елиминирање на животите за кои сметале дека се товар за општеството и се недостојни за живот – пишуваат издавачите на извештајот.

Аспергер, кој починал во 1980 година, исто така препорачал трансфер на две девојчиња во „Шпигелгрунд“, едно на возраст од една година, а другото на пет години.

Поврзани написи

To top