Менталното здравје со векови е табу-тема и поради тоа многумина не бараат помош кога им е потребна. Според неодамнешните истражувања, постпородилната депресија погодува една од седум жени, иако оваа стапка може да биде и повисока поради недоволното барање помош.
Меѓутоа, многу познати мајки што се соочиле со постпородилна депресија искрено зборуваат за својата борба и така со својот пример им покажуваат на другите жени дека не се сами.
Кајли Џенер
Претприемачката и мајка на две деца искрено проговори за своите ментални борби по породувањето. По раѓањето на своите деца Сторм и Ејр, Кајли се соочила со постпородилна депресија која траела околу една година.
Во интервју за британскиот „Вог“ таа го опишува емоционалниот немир и депресија, особено по раѓањето на нејзиниот син, поради што плачела за мали одлуки, како што е изборот на неговото име. Нејзината ранливост потсетува дека дури и мали одлуки можат да изгледаат премногу тешки во животот по породувањето, а нејзината отвореност помага да се нормализираат овие чувства за другите мајки.
Хали Бејли
Пејачката и глумица Хали Бејли зборува за својата борба со тешка постпородилна депресија во нејзиното снепчат-видео објавено по раѓањето на нејзиното прво дете.
– Пред да го родам детето и да слушам како луѓето зборуваат за постпородилна депресија, темата некогаш влегуваше во едното уво, а излегуваше од другото. Не ја сфаќав сериозноста на ситуацијата. И мислам дека постои мала стигма кога се зборува за постпородилниот период. Како да пливам во океан со најголемите бранови што некогаш ги осетив и се обидувам да не се удавам – опишала таа, додавајќи дека социјалните мрежи не се местото за мајки кои се во постпородилна фаза – вели таа.
Гвинет Палтроу
Американската глумица Гвинет Палтроу се соочила со постпородилна депресија по раѓањето на својот син.
– Беше вистински шок за мене бидејќи никогаш не мислев дека ќе бидам личност која ќе доживее постпородилна депресија. Бев толку еуфорична кога се роди Епл и претпоставував дека така ќе биде и со Мосеј, но едноставно ми требаше време. Навистина поминав низ тежок период – открила таа.
Нејзиниот поранешен сопруг ѝ помогнал да сфати што се случува.
– По околу четири месеци борба, Крис дојде и ми рече: „Нешто не е во ред. Нешто не е во ред“. Постојано велев: „Не, не, добро сум“. Но, Крис тоа го препозна и ми ги отвори очите. Постојат различни нијанси и тежина, па мислам дека е многу важно жените да зборуваат за тоа – изјави таа.
Карди Би
Постпородилната депресија ја изненадила и раперка Карди Би.
– Мислев дека ќе ја избегнам. Кога го родив детето, докторот ми зборуваше за постпородилна депресија, а јас му велев дека сум добро и дека нема да ми се случи баш мене. Но, одеднаш мојот свет стана тежок – изјави таа во интервју за „Харперс базар“.
Серена Вилијамс
Легендарната тенисерка Серена Вилијамс ја искусила постпородилната депресија по тешкото породување.
– Се сеќавам кога не можев да го најдам шишенцето на бебето. Толку се вознемирив што почнав да плачам… затоа што сакав да бидам совршена за неа – открива таа.
Адел
Пејачката Адел признава дека не размислува за уште едно дете, делумно затоа што се плаши од постпородилната депресија.
– Се плашам премногу. Имав навистина тешка постпородилна депресија по раѓањето на синот и се плашам – вели таа.
Нејзиниот најсилен симптом бил чувството дека не е добра мајка. За Адел, поврзувањето со другите мајки-пријателки и одвојувањето време за себе биле клучни за да се чувствува подобро.
– На крајот само реков дека ќе си дадам едно попладне неделно, за да правам што и да сакам… без моето бебе – објаснува таа.
Рис Витерспун
Американската глумица се борела со постпородилна депресија повеќе пати.
– Родив три деца. По секое дете имав различно искуство. Со едно дете имав блага, а со друго тешка постпородилна депресија за време на која мораше да земам тешки лекови, затоа што воопшто не размислував трезвено – изјави таа во поткастот на Џамела Џамил „Ај веј“.
Криси Тајген
Моделот Криси Тајген храбро зборуваше за својата борба со постпородилната депресија, најмногу со цел да им помогне на другите жени кои поминуваат низ истото. Таа изјави дека првично не знаела дека тоа што го чувствува е постпородилна депресија.
– Бидејќи тоа ми се случи со Луна, се случи со моето прво дете, едноставно не знаев дека постои друг начин да се чувствувам… Мислев дека е многу природно да се чувствувам многу лошо и едноставно претпоставив дека тоа е мајчинството и нема друг начин да се избегне – изјави таа во интервју за „Тудеј“.
Таа вели дека немала претстава дека толку многу жени се погодени од постпородилната депресија сѐ додека првпат не излегла во јавност со нејзината приказна.
912