Раѓањето на детето може да предизвика наплив на силни емоции, од возбуда и радост до страв и вознемиреност. За жал, ова исто така може да резултира со нешто што можеби не го очекуваме, а тоа е депресија. Постои стигма околу оваа тема што треба целосно да се отстрани. Постпородилната депресија е доволно тешка, а она што ја прави многу потешка е осудата што мајките кои страдаат од неа ја доживуваат од околината. Бејби блузот по породувањето го доживуваат повеќето мајки и вклучува промени во расположението, испади на плачење, проблеми со спиењето и вознемиреност. Тоа е типично во првите два-три дена по раѓањето, но често трае неколку недели. Но, поголем проблем од тоа е депресијата која трае подолго, а во многу ретки случаи се јавува и постпородилна психоза. Важно е да се нагласи дека постпородилната депресија не е карактерна маана или слабост. Понекогаш тоа е само компликација предизвикана од породување. Важно е да се дејствува што е можно поскоро и да се побара стручна помош.
Овие славни мајки искрено и јавно зборуваа за нивното искуство со постпородилната депресија за да помогнат да се отстрани стигмата од овој проблем.
Серена Вилијамс
Познатата тенисерка призна за „Харперс базар“ дека доживеала тешко и трауматично породување, а страдала и од постпородилна депресија.
– Сѐ уште повремено мислам дека треба повторно да се справувам со тоа. Жените дефинитивно треба да зборуваат повеќе за тоа бидејќи овој период е како четвртиот триместар, тоа е дел од бременоста. Еден ден не најдов шише за хранење и тоа толку тешко ми падна, што почнав да плачам. Сакав да бидам совршена мајка и имав чувство дека не успевам – вели таа.
Рис Витерспун
Актерката неколку пати страдаше од постпородилна депресија.
– Имам три деца. По секое раѓање се чувствував поинаку. По второто раѓање се чувствував толку лошо, што дури бев подложена на терапија со лекови – изјави таа за едно интервју.
Адел
За „Венити фер“ пејачката изјави дека по раѓањето на нејзиниот син Ејнџел, била загрижена дека не е доволно добра мајка и дека страда од тешка депресија. Не размислува за второ дете бидејќи стравот сѐ уште е премногу силен. Она што ѝ помогнало и ги советува другите мајки е да се отворат и да разговараат за тоа како се чувствуваат, како и да издвојат време за себе.
Кортни Кокс
Кокс е една од оние жени што имале постпородилна депресија дури и месеци по породувањето.
– Не можев да спијам, моето срце лудо чукаше. Кога го посетив докторот, открив дека имам хормонално нарушување – вели таа.
На актерката многу ѝ помогнале најблиските.
Карди Би
Раперката била сигурна дека постпородилна депресија никогаш нема да ѝ се случи, но сепак помина низ тешки моменти. Лекарот ѝ кажал за оваа можност веднаш по породувањето, а таа рекла дека се чувствува добро. Неколку дена подоцна почнала да тоне и на крајот паднала во таква состојба, што мислела дека ја носи целата тежина на светот на својот грб.
Бехати Принсло
Манекенката го сподели своето искуство за „Тудеј“ нагласувајќи дека поддршката на нејзиниот сопруг Адам Левин многу ѝ помогнала. Таа јавно зборуваше за овој проблем за да им помогне на другите жени и посочи дека верува дека депресијата никогаш не е толку блага за да не треба да барате стручна помош.