Ана Владимировна Семјонович е руски невропсихолог, доктор по психолошки науки, професор на Катедрата за клиничка психологија.
Таа е автор на повеќе од двеста книги, меѓу кои и „Вовед во невропсихологијата на детска возраст“, „Невропсихолошка корекција во детска возраст“ и практични прирачници наменети за психолози, педагози и родители.
Фото: psifact.ru
– Како вие како невропсихолог се однесувате кон раниот развој на детето, кога децата на возраст од 2,5-3 години започнуваат да учат да пишуваат, читаат, пресметуваат?
Категорично негативно. Можеме како пример да ја наведеме следната аналогија: дали е добро или не е добро човек да има полов однос во десеттата година од животот? Сосема е јасно дека детето ни физиолошки ниту психички не е подготвено за вакво нешто и од тоа произлегува само траума. Ова на сите им е несомнено јасно и за тоа не се потребни докази.
Постојат неврофизиолошки закони за развој на мозокот. Неговиот енергетски потенцијал е ограничен во секое време и според тоа, ако трошиме енергија на развој на некои психички функции, настанува дефицит онаму каде треба таа енергија активно да биде насочена. Ако надворешната средина бара да се изврши некоја задача, мозокот ќе ја изврши, но на начин на некоја друга структура на психата.
Периодот помеѓу втората и третата година е период на бурен развој на сензомоторните и емоционалните сфери на детето. Ако започнете да го учите да чита, пишува, пресметува, и да го преоптоварувате со когнитивните процеси, вие му ја одземате енергијата. Голема е веројатноста за појава на некоја дисфункција, детето може почесто нешто да го боли.
Последиците од селекцијата на енергијата можеби нема да се појават веднаш, па во 7-та година започнуваме да се чудиме од каде појава на енуреза (мокрење во креветот) и како „одеднаш“ се појавиле стравовите. Како во пубертетот „наеднаш“ доаѓа до емоционални падови и зошто детето станало агресивно и хиперактивно.
– Меѓутоа дали треба детето да се подготви за на училиште? Ако треба, како треба да се започне?
Тука се поставува прашањето: што значи подготовката на детето за училиштето?
Дали тоа е навикнувањето на основниот дневен распоред за подготовка за училиштето? Тогаш тоа може да се започне од 2-3 години. Детето учи дека појадокот е тогаш и тогаш, ручекот тогаш и тогаш. Фудбал се игра во таа облека, за на театар се облекуваме вака итн.
Подготовката за на училиште во смисла читање и сметање, секако е потребна но подоцна – во четвртата, а уште подобро во петтата година.
Поради некоја причина сите сметаат дека когнитивните процеси започнуваат кога детето седнува на маса и започнува да пишува букви. А развојот на когнитивните процеси се случува и токму кога мајката го шета детето низ шумата, и тоа прашува: „Види кокиче. Какво е тоа? Какви се неговите ливчиња?“. Така таа заедно со детето го „совладува материјалот“. А потоа вели: „Еве љубичица“. Па мајката прашува: „Што мислиш, во што се различни, а во што исти? И ова е цвет и ова е цвет“. Е ова е развој на когнитивните процеси. Како ригиден невропсихолог, можам да ве уверам дека ова е најдобрата можна подготовка за на училиште, на возраст од 3-4 години.
Истото може да се прави и кога детето седи на маса, а мајката го праша: „Што мислиш, сега појадуваме или ручаме? А што имаме на масата што не беше присутно кога појадувавме?“.
И кога бабата му чита тоа е развивање на когнитивните способности. А што гледаме денес? Децата се преоптоварени. Постои закон: секој развој се движи од очигледно во апстрактно. Ако го подучуваме детето од три години да пишува букви и бројки, овој закон го завртуваме наопаку. А законите на психологијата и еволуцијата мораат да се извршуваат постојано, тие се еднакво универзални како законите на Њутн. Нивното непочитување е единствено можно на свој ризик.
Не зборувам тука за деца кои на четири години сами умеат да читаат. Но да се прави од тоа универзална програма за развој, по мое мислење не е коректно.
– Денес, постојат многу училишта за развој на уметничките вештини, а родителите практикуваат да ги запишат децата од претшколска возраст. Како го коментирате ова?
Нека биде тоа развој на уметничките способности од типот драмски работилници, цртање… Но нека ги остават броевите и буквите.
Никој не може да ми одговори на прашањето: Зошто детето во второто тримесечје треба да чита 152 карактери по минута, а не 148? Бидејќи тоа никако не придонесува за развој на интелектот и не обезбедува некое знаење. Постојат индивидуални психофизиолошки особини. Едно дете порано или подоцна ќе го постигне тоа, а некое можеби никогаш нема да успее.
За жал, некои одделенија сега се формираат, меѓу другото, врз основа на брзината на читање. Сосема е можно дека кај дел од децата усвојувањето на информациите воопшто не е поврзано со брзината на читање, туку е поврзано со други фактори, кои кај нив се добро развиени. Но ете, брзината на читање кај нив, се развива малку побавно.
И не само тоа, човек може да чита со колосална брзина, а притоа да биде дебил. Во случај на хидрокефалија личноста може да има одлична меморија, а ние знаеме вакви личности кои успеале во политичката или професионалната кариера едноставно затоа што брзо зборуваат и многу цитираат. Само што ова нема никакво значење за интелектот.
– На што треба родителите, психолозите, наставниците, да обрнат внимание кога треба да одредат дали детето е подготвено за на училиште? Дали му давате на детето шест години или подобро би било да се почека?
Јас би рекла седум бидејќи така природата определи. Затоа што неврофизиолошки токму на седум години се формира произволното внимание и многу други механизми на мозокот кои им овозможуваат на децата да имаат успех во учењето. Со други зборови, на таа возраст мозокот е спремен за детето да седи на едно место 45 минути.
За мене, како на човек кому му се познати законите на еволуцијата, очигледно е дека забрзувањето е штетно како и доцнењето. Сè си има свое време.
На што родителите треба особено да обрнат внимание кога го испраќаат детето во училиште?
Би сакала на сите родители да го погледнат своето дете од страна. Бидејќи ако родителот макар на минута излезе од својата улога и замисли дека неговото дете не е најгенијалното на светот, ќе се соочи со нешто, што би го рекол за туѓо дете: „Боже, каков ужас!“.
Не ги плашам родителите, напротив би сакала да ги ставам во позиција на нормален возрасен кој се грижи за своето дете, кој не ги затвора очите, за подоцна да се соочи со: „Никој не чини, наставниците не чинат!“. Ги повикувам непристрасно да размислат: „Зошто вашето дете не контактира со другите деца, и зошто е агресивно?“
– Гледната точка на невропсихологот ја откривме. Дали вие имате лично, доживеано искуство во поглед на раниот развој?
На три години без проблем научив да читам, истовремено учев и англиски и музика. Но имав баба и тетка кои кога имав три години ми формулираа теза која ја научив како азбуката: „Твојата слобода завршува онаму каде што започнува слободата на другиот човек“.
Пред 20 години, кога сè уште постоеше институцијата баба, институцијата на нормално убаво воспитување, многу агли навреме беа испеглани. Сега ова го нема. И затоа, во целина, со ориентацијата на раниот интелектуален развој, веќе денес можете да предизвикате емоционално осиромашување на детската популација. Тоа е она што ме плаши најмногу од сè.
Обрнете внимание на тоа дека зборувате со човек кому уште во детството му велеле дека е генијалец, само мрзелив. Затоа, ве молам имајте на ум дека ова не ви го зборува двојкаш, туку лидер буквално во сè. А тој лидер вели: „Оставете ги децата на мир!“
912