Само нека е живо и здраво!
Нема поголема вистина ниту почеста фраза во балканските јазици.
Кога ќе објавите дека чекате бебе – само нека е живо и здраво.
Кога се жалите дека не спие навечер, дека не сака да јаде, дека не сака да оди во градинка, дека сака да остане со мајка му – нека е живо и здраво.
Кога ќе останете бремена првиот пат, ве прашуваат дали очекувате девојче или момче, ако кажете дека е момче: – „Прво, па машко!“ Но, ако кажете девојче: – Нека е живо и здраво. Па што сега, тоа е што е, нека е живо и здраво барем, ако веќе не е машко.
Длабоко вкоренетите традиционални вредности (а кога ќе кажете традицијата, тоа задолжително е синоним за нешто добро) во нашето општество ја создадоа таа поделба. Фразата „прво, па женско“ не постои. Ако некој го каже тоа, може да се сфати како шега, а не како честитка.
Но затоа тука е таа втората фраза: Женско дете, туѓа куќа. Уште една традиционална „мудра“ мисла. Ќерката ќе замине, ќе ја напушти куќата на нејзините родители и ќе се грижи за некој друг. Само што одамна не е така.
Но, повторно, тоа машко дете е сон на повеќето татковци, а се осмелувам да кажам и на многу мајки. Таа потреба за продолжување на лозата, носејќи го истото презиме, може да се припише само на некоја себична потреба моето име да продолжи да живее дури и кога ќе ме нема. Кога зборуваме за презимето, традицијата налага жената да се откаже од своето презиме кое со љубов ѝ било дадено при раѓањето. Жената може да каже – не ми треба повеќе тоа презиме, не ми е гајле, ќе земам друго, како секоја добра жена. Ако, пак, реши да постапи поинаку, тогаш е феминистка (што, се разбира, е лошо), „глуми“ модерна жена наместо да ја почитува традицијата.
Децата секако ќе го носат и презимето на таткото. Мајката ќе ги носи, ќе раѓа, ќе ги дои и нема да се правиме дека не е така – ги чува во 90% од случаите, а тие ќе го земат само презимето на таткото. И тоа, е всушност, традиција. А традицијата мора да се почитува. Замислувам низ кој пекол би поминал маж кој би го зел презимето на жената. И тогаш мислам на оние што тврдат дека мажите и жените се еднакви денес. Да се биде жена, дури и во ова модерно општество, не е привилегија. Затоа што во 2022 година, ако носите девојче во утробата, можете да очекувате да слушнете:
-Подруго ќе биде второто (ако е прво дете)
-Сега ти треба трето (ако имаш две девојчиња)
-Третото ќе биде машко
-Сега мораш на поправен испит
-Нема врска, САМО НЕКА Е ЖИВО И ЗДРАВО…
Продолжете со низата. Или подобро не. Ќе биде доволно да ја воспитате ќерката во општество поволно за мажите да направи барем еден мал чекор што ќе ја намали таа разлика.

-Да биде независна.
-Да не се согласува и да вели „молчи, добар е каков што е“.
-Да верува дека може сѐ. Исто како и мажите. Дека заслужува иста плата, ист третман, иста почит.
-Слободно да си го задржи презимето, ако сака.
-Да не се согласува со нешто што не ѝ се допаѓа.
-Дека никој не е вреден за да се откаже од себе.
И тоа ќе биде голем чекор. И за неа и за човештвото.