Воспитување

Поврзување со бабите и дедовците во време на коронавирус

Мојата ќерка има 12 години и си ги сака своите баби и дедовци. Двајца од нив живеат на само три блока од нас во Апстејт Њујорк. Секој вторник по училиште таа поминуваше покрај нивната куќа, правеше вечера со нив и се чувствуваше сакана. Знае дека е среќна што ги има толку блиску до себе и ужива во нивниот заеднички ритуал.

Другата баба, позната како Џиџи, живее дури во Калифорнија. Некогаш ја посетуваме, а некогаш испраќаме е-пораки или се поврзуваме преку „Фејстајм“. Ваквите ритуали се дел од животот на ќерка ми. Таа ги практикува целиот свој живот. Всушност, многу пати ни кажала дека ако нешто ни се случи нам, таа ќе се пресели кај бабите и дедовците. Ништо од ова не е изненадување. Но, што се случува сега? Како да се одржат овие врски во време на коронавирус, особено поради тоа што овие луѓе се во своите 70-ти години и имаат хронични здравствени проблеми?

Како социолог, знам колку се важни социјалните врски за сите нас. За среќа, сега и постарите лица имаат паметни телефони, па можеме да се поврземе преку апликации и да останеме во контакт, согласно тоа да се приспособиме на новонастанатата ситуација.

Баба Џиџи во Калифорнија се гледа со нас во четврток преку „Фејстајм“. Тоа се случува додека таа појадува, а ние ручаме (различни временски зони). Покриваме многу теми и се вклучуваме во дебати и уживаме во времето поминато со неа. Дополнително, Џиџи работи со мојата ќерка на составување сложувалки. Благодарна сум за сето тоа од многу причини – најважно, знам дека нивните виртуелни дружби ќе ѝ дадат на ќерка ми пауза од времето поминато со мене.

Последниот викенд бабата и дедото од Њујорк се приклучија на видеоповик преку платформата „Зум“. Сите во едно квадратче на екранот разговаравме. Овие нови ритуали функционираат засега, но ни недостигаат и старите методи за физички контакт меѓу нас. Сепак, користиме и застарени методи за да се поврземе со нашите постари блиски (баби, дедовци, пријатели, соседи) на следниве 7 начини.

1. Си пишуваме едни на други.
2. Оставаме инспиративни пораки напишани со креда или цртежи пред нивните порти (со нивна дозвола).
3. Позајмуваме книги преку локални мрежи.
4. Оставаме некое растение (билка) пред портите на наши пријатели.
5. Препорачуваме книга или филм за да го гледаме заедно секој во своите домови, а потоа се допишуваме и разговараме за тоа.
6. Решаваме да подготвиме заеднички избран рецепт.
7. Се јавуваме едни на други.

Во овие неизвесни времиња којзнае што ќе донесе утрешниот ден? Но засега, имаме ритуали на кои многу се радуваме, надевајќи се дека ќе ги одржуваме во месеците што ни претстојат. Регуларните рутини и социјални конекции не само што ќе нè развиваат, туку и ќе ги продлабочат нашите односи.

Автор: Меика Лои

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top