Како функционален стоматолог со експертиза за лекување на нарушеното дишење при спиење (SDB- Sleep disorder breathing/ СДБ/нарушено дишење при спиење) кај деца и возрасни, забележав загрижувачки тренд во последните неколку години. Премногу пати сум бил сведок на деца на кои им е дијагностицирано нарушувањето хиперактивност и дефицит на внимание (АДХД), кога всушност, основната причина за нивните проблеми со однесувањето и немањето внимание може да лежи токму во СДБ.
Оваа погрешна дијагноза може да доведе до консумација на непотребни лекови и пропуштени можности за ефикасен третман. Врската помеѓу АДХД и СДБ кај децата е сложена и често погрешно разбрана. Родителите треба да ја знаат потенцијалната врска и нејзините импликации врз животот на нивното дете.
Поврзани симптоми на АДХД и СДБ
АДХД е вообичаено невроразвојно нарушување кај децата, кое се карактеризира со постојани обрасци на невнимание, хиперактивност и импулсивност. Сепак, од суштинско значење е да се разбере дека овие симптоми не се ексклузивни за АДХД. Тие, исто така, може да произлезат од слаб квалитет на спиење, особено во случаи на СДБ. Ова нарушување е широк поим кој опфаќа низа состојби кои можат да го нарушат режимот на спиење на детето, како што се ‘рчењето, апнеа при спиење и дишењето на уста.
Децата со СДБ често доживуваат фрагментиран сон, намалена ефикасност на спиењето и пониско времетраење на спиењето. Овие нарушувања на спиењето можат да имаат многу негативни ефекти, вклучително и прекумерна дневна поспаност, раздразливост, слаби академски перформанси и тешкотии со меморијата и концентрацијата. Сите овие се симптоми кои се преклопуваат со АДХД.
Една од критичните карактеристики на синдромот на нарушено дишење при спиење е ‘рчењето, кое се занемарува и се смета за мала непријатност. Сепак, упорното ‘рчење кај децата може да укаже на делумна опструкција на дишните патишта, што доведува до намалени нивоа на кислород за време на спиењето. Оваа појава кај децата треба да се реши бидејќи тоа може негативно да влијае врз когнитивните и бихевиоралните функции на детето за време на будењето.
Истражувањата постојано демонстрираат силна корелација помеѓу СДБ и АДХД кај децата. Децата на кои им е припишана погрешна дијагноза со АДХД, потенцијално може да бидат доведени до непотребно консумирање на стимулативни лекови.
Дијагностицирање на СДБ кај децата
Препознавањето на врската помеѓу СДБ и симптомите слични на АДХД е клучен чекор кон обезбедување соодветен третман за децата. Решавањето на прашањата поврзани со спиењето може да доведе до значителни подобрувања во целокупното однесување и академските перформанси на детето. Недобивањето третман кај децата со СДБ може да доведе до когнитивно оштетување, проблеми во однесувањето, нарушен раст и развој и кардиоваскуларни проблеми во тешки случаи.
Кога тие деца ќе добијат соодветен третман, резултатите се често драматични. Овој третман може да вклучува ортодонтска интервенција, промени во животниот стил или хируршки мерки доколку е потребно. Во некои случаи третманот за СДБ може да резултира со толку значајни подобрувања, што детето повеќе не ги исполнува критериумите за дијагноза на АДХД.
Што можете да направите како родител
За родителите кои се сомневаат дека нивното дете може да има СДБ, неопходно е да се консултираат со здравствени работници кои се специјализирани за нарушувања поврзани со спиењето. Општ стоматолог со експертиза во таа област, како мене, може да биде вреден ресурс за дијагностицирање и управување со овие проблеми. Родителите можат да преземат проактивни чекори за да се осигурат дека нивното дете добива соодветен и квалитетен сон. Овие чекори може да вклучуваат:
-Следење на моделите на спиење: Внимавајте на шемите на спиење на вашето дете, како што се ‘рчењето, дишењето на устата, паузите во дишењето или немирниот сон.
-Промовирање здрава средина за спиење: Осигурете се дека средината за спиење на вашето дете е погодна за квалитетен одмор, со удобен душек, темна и тивка просторија и конзистентен распоред за спиење.
-Поттикнување балансирана исхрана: Ограничете го внесот на шеќер и кофеин, особено пред спиење. Добро балансирана исхрана може да придонесе за целокупното здравје, вклучително и подобар сон.
-Орално здравје и дишење: Резервирајте редовни стоматолошки прегледи за да ги идентификувате потенцијалните проблеми поврзани со СДБ, како што се дишењето на уста или забните малоклузии.
Барањето на вистинската дијагноза
Додека АДХД е легитимно невроразвојно нарушување кое влијае на многу деца, од суштинско значење е да се земат предвид и други фактори како СДБ. Правилната евалуација од страна на здравствените работници специјализирани за прашања поврзани со спиењето може да помогне да се направи разлика помеѓу АДХД и СДБ, спречувајќи погрешна дијагноза и непотребни лекови. Погрешното дијагностицирање на СДБ како АДХД и третманот со лекови може потенцијално да ги влоши основните проблеми со спиењето, предизвикувајќи повеќе штета отколку добро.

За правилно да се процени дали симптомите на детето се должат на АДХД или СДБ, од суштинско значење е сеопфатната евалуација. Оваа евалуација треба да вклучува темелна медицинска историја, физички преглед и, што е најважно, студија за спиењето.
Моќта на спиењето
Сведок сум од прва рака на значајното влијание од решавањето на проблемите со спиењето кај децата. Добриот сон е основен за здравјето и благосостојбата на детето. Кога квалитетот на сонот им се подобрува, се подобруваат и нивните академски перформанси и целокупното однесување. Со едукација на родителите за поврзаноста помеѓу СДБ и АДХД, се надевам дека тие, заедно со давателите на здравствени услуги, ќе се погрижат нивното дете да добие правилна дијагноза и најефикасен третман за неговите специфични потреби.
Добриот сон може да ја промени играта за детето, а секое дете заслужува шанса да го достигне својот целосен потенцијал.
Автор: д-р Мандип Џохал/стоматолог и активист за детско здравје