Марија Стефанова, психолог и психотерапевт

Марија Стефанова, психолог и психотерапевт

Психолошко советувалиште „Петар Пан“, Скопје
тел. 075 426 946

Повеќе од авторот

На детето му се потребни љубов, нега, грижа, посветеност, но и одреден вид фрустрација за да се постигне воспитување

Во првите месеци, па и години, мајчинството е од пресудно значење за животот на бебето. За да одговори на улогата на мајка, жената треба да е подготвена и сигурна во себе, интегрирана како личност и способна да сака и да дава љубов.
Во првите месеци поврзаноста помеѓу мајката и детето е огромна и се создава симбиотска врска која подразбира психолошко единство во кое мајката за да одговори на потребите на детето, треба да е спремна да се откаже од сопствените. Во текот на растењето на детето главна тенденција е осамостојувањето, кое настанува по втората година од неговиот живот, па така и природно симбиотската врска треба да ослабува сè до конечно раскинување после третата, четвртата година. Доколку тоа не се случи, таквата поврзаност останува да трае и да влијае врз развојот на детето како индивидуа. Па така, мајката продолжува да прави сè наместо нејзиното дете и да биде постојано до него, а со тоа ја оневозможува неговата самостојност. На тој начин не успева да постави јасни граници кои се потребни и здрави за правилен развој на детето.

На детето му се потребни љубов, нега, грижа, посветеност, но и одреден вид фрустрација за да се постигне воспитување. Таа фрустрација треба да е оптимална, ако е премала, не овозможува поттикнување на самостојност и интегритет, ако е преголема, може да биде инхибирачка или да развие агресивност кај детето. Затоа, тука треба да се најде средината која ќе значи јасно поставени граници и придржување до нив без отстапка. Мајките кои по раѓањето на детето се откажуваат од сите други улоги или, пак, оние што по раѓањето на детето го живеат животот како и пред неговото раѓање не овозможуваат оптимална фрустрација која е здрава за правилен развој на детето.
Секако, еднакво е важна улогата на двајцата родители во растењето и воспитувањето на детето.
Бидете тука за своите деца, давајте љубов, давајте поддршка, грижа, разбирање и покажете многу трпение, но поставете правила и граници и барајте од децата да ги почитуваат. Знајте дека вие сте секогаш најважен пример за вашето дете. Покажете како е да се сака, покажете како е да се ужива, покажете како е да се постигнува успех, како се донесуваат одлуки, како се склопуваат пријателства, како се почитува… Направете вашето дете да ве избере вас како идол затоа што има потреба од идентификација со вас, двајцата родители бидете тука за него. Вложувањето во родителската улога е најблагодарната работа која носи големо задоволство и љубов, но и голема одговорност.



912

X