Со завршувањето на училишните денови и почетокот на летото се зголемува и бројот на деца што возат велосипед. Но според најновите истражувања, стотици деца се повредуваат при велосипедски несреќи секоја година.
Според истражувањето „Анализа на несреќи и превенција“ направено во САД за период од 2005 до 2016 година, повеќе од два милиона деца од 5 до 17-годишна возраст биле одведени во одделенија за итни случаи поради повредите предизвикани од велосипед. Тоа е еднакво на повеќе од 600 случаи дневно или 25 случаи за еден час.
Највообичаени повреди се повреди на горните екстремитети, но исто така присутни се и исеченици, модринки, гребеници, како и повреди на мозокот.
Истражувањата покажуваат дека дури во половина од случаите станува збор за деца од 10 до 14-годишна возраст, а една третина од повредените се момчиња. Повредите најчесто се случуваат на улица или дома.
Децата од 10 до 14 години немаат навика да носат заштитна кацига, а бидејќи тоа е најзасегната група, треба да се најде начин да се поттикнат да носат.
Помалку од половина од државите во САД имаат закони за носење заштитна кацига и покрај тоа што истражувањата откриваат дека велосипедската кацига ги штити децата од сериозни повреди и прави да се чувствуваат побезбедно.
Научниците велат дека постои поголема можност децата да носат кацига ако видат дека и нивните родители носат кацига додека возат велосипед, па затоа е важно да му се биде добар пример на детето.