Многу родители знаат дека постојани главоболки и покачена температура се најчести симптоми на стрептококна ангина, која често се јавува токму кај децата. Стрептококните инфекции ги предизвикуваат бактерии од видот „Streptococcus“, некои од нив се присутни на кожата и мукозните мембрани и не предизвикуваат болести, додека некои видови предизвикуваат стрептококни заразни болести кои ги зафаќаат грлото, средното уво, синусите, градите, кожата и поткожниот слој, а можат да влијаат и врз срцевите залистоци и крвотокот.

Но, еден од изненадувачките симптоми на болеста кај децата, за кој многу родители не знаат, може да биде и повраќање, проследено со болка во грлото. Педијатарот д-р Џен Трахтенберг објаснува дека повраќањето може да биде знак на стрептококна ангина, особено кај децата. Затоа е важно да се обрне внимание на овој симптом, но и на другите што укажуваат на оваа опасна инфекција.

Кои други симптоми се поврзани со стрептококната инфекција?

Симптомите на стрептококната инфекција се слични на симптомите на многу други вирусни инфекции, поради што лекарите често прават тестирање пред да пропишат антибиотици. Овие инфекции се многу почести кај децата отколку кај возрасните, а педијатарот Трахтенберг истакнува дека во својата практика редовно се среќава со овие симптоми кај пациенти што се разболиле:

  • Покачена телесна температура;
  • Болка во грлото, која покрај болката може да вклучува црвени точки на задниот дел на грлото, отечени крајници или бели наслаги во устата;
  • Отечени лимфни јазли (жлезди на вратот);
  • Болка во стомакот и повраќање.

Болката во грлото предизвикана од стрептококната инфекција обично настанува нагло, а децата често се жалат на проблеми со голтањето.

За да се утврди за што точно станува збор, лекарите ќе им дадат на пациентите да направат тест за стрептокока, но често не за деца помали од три години. Кај деца помали од три години стрептококната инфекција е ретка и во тој период овие симптоми често се резултат на вирусни инфекции.

Кога е потребно да се побара помош од лекар?

– Повеќето болки во грло не се стрептококни, а повеќето повраќања не се поврзани со стрептокока, но комбинацијата на овие два симптома може да биде знак за аларм – смета педијатарот. Таа ги издвојува и знаците на стрептококна инфекција кои бараат посета на педијатар, доколку родителите не се сигурни на што да обрнат внимание.

  • Болка во грло и отечени лимфни јазли;
  • Болка во грло и покачена температура;
  • Болка во грло и исип;
  • Болка во грло која трае повеќе од 48 часа;
  • Која било комбинација од горенаведените симптоми.

Извор



912

X