Благодарноста е важно чувство кое многу родители сакаат да го всадат кај своите деца за да станат подобри и посреќни луѓе, но големо истражување во САД открива дека не успеваат. Повеќето испитаници рекоа дека сакаат да воспитаат благодарни деца, но сметаат дека не биле успешни. Дури четворица од пет испитаници во истражувањето за благодарноста на децата велат дека нивните мали деца не се толку благодарни колку што треба, а половина од нив се плашат дека претерано им попуштаат на своите деца.

Дел од анкетираните беа брутално искрени, па така два од пет испитаници признаваат дека понекогаш се засрамени од себичноста на нивните деца.

– Многу родители често го споредуваат своето детство со растењето на нивните деца и се прашуваат дали им обезбедиле премногу материјални работи. Често се соочуваат со себичните потези на децата: несакање да споделуваат играчки или дури и гласно незадоволство ако не им се допаѓа подарокот што го добиле – вели Сара Кларк, директорка на истражувањето спроведено од Детската болница „Мот“ за деца при Универзитетот во Мичиген.

– Знаеме дека благодарноста е поврзана со позитивни емоции, создавање силни врски и уживање во искуства, а има дури и одредени здравствени придобивки. Сепак, благодарноста не е нешто што децата го стекнуваат автоматски. Таа треба да се негува на начин соодветен на возраста – продолжува Кларк.

Одговорите во анкетата беа собрани на национално репрезентативен примерок на родители на деца на возраст од четири до десет години. Родителите користеле различни стратегии за да поттикнат благодарност кај децата.

– Родителите чиј приоритет е како да ги научат децата на благодарност имаат поголема веројатност да кажат дека децата покажуваат благодарност и желба да споделуваат со другите – вели Кларк, додавајќи дека идеално време за учење благодарност не се само празниците, туку и во текот на целата година.

– Со текот на времето и преку сопствените искуства децата ќе научат како да бидат благодарни и да го ценат она што го имаат – додава Кларк.

Повеќето испитаници тврдат дека е можно децата да се научат на благодарност, а истражувањето наведува пет стратегии – од учење на добри манири, дарување, волонтирање, придонес кон задачите и обврските низ домот и разговор за благодарноста.

Потсетувањето на децата да внимаваат на доброто однесување е метод што го избираат повеќето родители. Околу 88 отсто од нив редовно ги учат децата да кажат „те молам“ и „благодарам“, додека околу 11 отсто од нив инсистираат на манири само повремено.

– Постои разлика помеѓу пристојноста и благодарноста. За да ги научат децата да бидат благодарни, родителите треба да нагласат зошто бараат од децата благодарност. Ова може да се постигне доколку наместо кратко „благодарам“, децата објаснат „благодарам затоа што“ со кратко објаснување во кое опишуваат зошто се благодарни – истакнува Кларк.

Исто така, ако членовите на семејството посочат за што се благодарни за време на семејните оброци и собири, тоа е начин да им покажете на децата како да ја промовираат благодарноста. Речиси две третини од испитаниците рекле дека членовите на семејството секојдневно кажуваат зошто се благодарни, а 36 отсто ја вклучуваат таа благодарност во молитвите.

Кога станува збор за помош во домашните работи, три до пет родители го бараат тоа од децата, додека една третина од малите деца се замолени да се вклучат само повремено. Речиси две третини од испитаниците ги вклучуваат децата во волонтирање или други социјални активности, а половина од нив веруваат дека тоа го прават ако децата неформално им помагаат на соседите или на другите членови на семејството.

Родителите сметаат дека давањето е најмалку привлечниот метод за учење благодарност, а тоа вклучува донирање играчки или облека за добротворни цели. Околу 37 отсто од нив го прават тоа редовно, 46 отсто од испитаниците повремено, а 17 отсто многу ретко. Околу 13 отсто од испитаниците велат дека нивните деца редовно ги донираат своите пари во добротворни цели.

Кларк вели дека родителите треба да ги вклучат децата следниот пат кога планираат да донираат користени предмети и да разговараат за тоа како предметите што некогаш ги користеле може да помогнат некому.

– Родителите треба да ги охрабрат своите деца да даваат донации и нежно да ги водат да видат како нивната дарежливост може да му донесе среќа на друго дете – рече Кларк.

Анкетата е спроведена во текот на јуни и во неа учествувале 1.125 родители од САД.

Извор



912

X