Родителите во САД редовно им даваат на децата од предучилишна возраст мелатонин како додаток – и покрај немањето докази за поддршка на неговата безбедност или ефикасност, открива ново истражување.
Истражувањето спроведено на родители покажало дека речиси секое петто дете на училишна возраст и на возраст пред адолесценција користи додатоци на мелатонин за да му помогнат да заспие. Прилично висок скок во однос на употребата од 1,3 проценти, кои биле пријавени пред пет години, во поширока возрасна група на деца.
„Не велиме дека мелатонинот е нужно штетен за децата“, објаснува Лорен Хартштајн, научник за спиење и развој на Универзитетот „Колорадо Болдер“.
„Но, треба да се направат многу повеќе истражувања пред да можеме со сигурност да кажеме дека е безбедно за децата да земаат мелатонин на долг рок“.
Претходно оваа година Хартштајн и нејзините колеги ги прашале американските родители на 993 деца, на возраст од 1 до 13 години за употребата на мелатонин врз нивните деца, во изминатите 30 дена. Резултатите биле многу различни од податоците од 2017 до 2018 година, во кои биле опфатени луѓе на возраст од 19 години, а и помлади.
Кај децата на возраст од 1 до 4 години, 5,6 отсто земале мелатонин во изминатиот месец. Стапката се зголемила на 18,5 отсто кај 5-9-годишните деца, а кај оние на возраст од 10 до 13 години, 19,4 отсто користеле мелатонин.
На децата под 5 години им се давало до 2 милиграми, додека на возраст од 10 до 13 години до 10 милиграми. Времетраењето на земање мелатонин често надминувало 12 месеци.
„Родителите почнуваат да даваат мелатонин на релативно млада возраст и на подолг временски период“, вели Хартштајн.
„Додека во поголемиот дел од светот мелатонинот е контролирана супстанција за која е потребен рецепт за да се добие, во Соединетите Држави тој се смета за додаток во исхраната дозволен од Агенцијата за храна и лекови и затоа се соочува со многу полабава регулација и за него не се бара рецепт“.
Пинеалната жлезда, сместена длабоко во центарот на нашиот мозок, лачи мелатонин на крајот од денот. Хормонот му сигнализира на нашите тела дека е време да се смириме и да спиеме, помагајќи ни да го одржуваме редовниот деноноќен ритам.
Луѓето што имаат проблеми со спиењето често земаат додатоци од мелатонин за поттикнување на сонот. Достапните докази велат дека е безбедно да се користи за кратко време, во период од еден до три месеци и во дози од 0,5 до 1 милиграми, но долгорочните ефекти се непознати.
Бројот на педијатриски случаи на ингестија на мелатонин пријавени во Центрите за токсикологија се зголемил за 530 отсто помеѓу 2012 и 2021 година, а најмногу се вклучени случаи на деца под 5 години.
Една неодамнешна студија на 25 таблети со мелатонин продадени во САД открила 22 случаи на погрешно пријавена содржина во таблетите мелатонин, при што една пилула содржела повеќе од три пати поголема доза од наведената на етикетата.
„Родителите можеби не знаат што всушност им даваат на своите деца кога им ги даваат овие додатоци“, вели Хартштајн.
Постојат докази дека консумирањето мелатонин може да им помогне на луѓето со аутизам да добијат подобар ноќен сон, а студиите откриле абнормалности во физиологијата на мелатонин и деноноќниот ритам кај оваа популација.

Но, ефективноста, дозирањето и долгорочната безбедност не се утврдени кај другите популации, велат авторите, и тоа најверојатно ќе варира со возраста.
Тие се загрижени дека високите стапки на употреба на мелатонин кај децата низ целата популација може да укажат на посериозно нарушување на спиењето, кое треба правилно да се дијагностицира и третира.
„Ако толку многу деца земаат мелатонин, тоа посочува дека постојат многу основни проблеми со спиењето што треба да се решат. Решавањето на симптомот не мора да ја решава и причината“, вели Хартштајн.
„Се надеваме дека оваа студија ќе ја подигне свеста кај родителите и лекарите“.
Студијата е објавена во „ЈАМА Педијатрикс“.
Автор: Ребека Дајер