Родителите милениумци доживуваат изненадување и шок во врска со трошоците што се потребни за да се одгледува дете. Последниот извештај „Подобри парични навики“ на Банката на Америка покажува дека 59 отсто од милениумците-родители истакнале дека ги потцениле трошоците за одгледување на нивните деца. Во рамките на истражувањето биле анкетирани 1.903 Американци, на возраст од 18 до 73 години, дефинирајќи ги милениумците во групата што се на возраст од 24 до 41 година.
Причината за ова можеби е фактот дека одгледувањето деца е најскапо од кога било претходно. Просечниот трошок за растење деца до 18 години во Америка чини повеќе од 230 илјади долари. Трошоците за грижа за детето, како и здравствените и трошоците за образованието, се најголемиот „виновник“ за големата сума што треба да се потроши за одгледување деца. Не е проблемот во тоа што милениумците не ги земаат предвид своите финансии пред да имаат деца. Напротив, 58 отсто од милениумците-учесници во истражувањето рекле дека финансиите биле нивен приоритет при размислувањето за засновање семејство.
Извештајот „Мерил Линч“ открива дека процентот на родители што ги земаат предвид парите при одлуката дали да имаат деца се зголемил од 33 во 1970 година на 73 отсто денес. Токму финансиите се најголемата причина зошто милениумците избираат да немаат деца или да имаат помалку деца отколку што сметаат дека е идеално.

Трошоците за децата се дополнителен стрес за веќе финансиски оптоварените милениумци
Многумина се свесни колку може да чини одгледувањето деца, но, сепак, сумата е изненадување за милениумците, а сето тоа влијае и врз менталното здравје на родителите. Речиси половина од милениумците родители што биле анкетирани рекле дека чувствуваат ограничувања што се однесува до финансиите, токму поради трошоците за одгледување деца и најмногу се под стрес поради фактот што не можат да заштедат пари – 44 отсто истакнале дека ова за нив е најголем стрес-фактор.
– За родителите-милениумци, парите влијаат врз обликот на нивното семејство – стои во заклучокот од извештајот. Милениумците-родители, исто така, почесто се случува да имаат долгови, за разлика од нивните врсници што немаат деца.
Тоа не е добра вест за генерацијата што веќе финансиски назадува, поради студентските долгови и генерално повисоките трошоци за живот. Само времето ќе каже дали трошокот за дете ќе ги продлабочи финансиските и здравствените проблеми на родителите-милениумци во иднина.
Автор: Хилари Хофовер