Родителите треба да ги испробаат сите начини за да им ја спуштат зголемената телесна температура на децата. Од туширање со млака вода (телото на детето, не главата), до масажи со медицински алкохол растворен со вода во однос 50:50 (половина чашка алкохол со половина чашка вода) и препораки да се намокри чаршаф со ваков раствор и со него да се завитка детето.

Колку ја почитувате старата изрека на мудриот лекар: „Кога детето има температура, повеќе внимание посветете на детето, помалку гледајте го топломерот“. Дали веднаш му ја прекинувате играта, го завиткувате детето во ќебе и трчате на педијатар или на дежурен лекар или го оставате да видите како ќе се развива неговата состојба? Веднаш посегнувате по сируп за спуштање на температурата или навистина ги следите советите на педијатрите да не му дадете лек на детето додека топломерот не покаже дека температурата на малечкото достигнала 38,5 Целзиусови степени?

Искусните педијатри велат дека висината на температурата не ја дефинира сериозноста на болеста на детето. Малечкото може да има температура од 38 или 39 Целзиусови степени, а сепак да биде весело, да си игра, да има апетит. Температурата може да се искачи до 37,2 Целзиусови степени, а детето да не може да стане од постелата и да одбива храна. Со овие дилеми најчесто се соочуваат тие што неодамна станале родители. Искуствата покажуваат дека како што одминува времето, така родителите стануваат подобри дијагностичари кога нивното детенце не се чувствува добро.

Искуството го прави своето

Маја Стојановска (32) од Скопје е мајка на две деца. Таа вели дека кога го добиле првото дете, и за најмала настинка го посетувале матичниот педијатар.

– Со текот на времето ги научивме симптомите и според нив се однесуваме. Понекогаш неколку дена се бориме со температурата, се обидуваме на секаков начин да ја спуштиме пред да ги однесеме на лекар. За среќа, никогаш досега не им се спуштил секрет на белите дробови. Но, имам пријателка која е во многу понезавидна ситуација. Нејзиното малечко за неколку часа развива бронхитис од најобично растечено носе. Тие немаат избор. Не смеат да ризикуваат и многу често го посетуваат матичниот педијатар – вели Стојановска.

На прашањето колку повеќе посветува внимание на детето, а колку на тоа што покажува топломерот, таа одговара:

– Веќе можам да оценам кога е нешто посериозно во прашање. Не се согласувам по секоја цена да им препишуваат антибиотик. Ако им дадам лек за да се спушти високата температура, а за кратко време почнува пак да се зголемува, веднаш ги носиме на педијатар. Ако им се зголеми температурата еднаш, а потоа им се стабилизира состојбата, воопшто не ги носиме на лекар. Иако се трудам повеќе да ги следам симптомите на детето, не сум доволно храбра сосема да го заборавам топломерот – вели таа.

Кога да се посети лекарот

Педијатрите препорачуваат родителите да ги испробаат сите начини за да им ја спуштат зголемената телесна температура на децата. Од туширање со млака вода (телото на детето, не главата), до масажи со медицински алкохол растворен со вода во однос 50:50 (половина чашка алкохол со половина чашка вода) и препораки да се намокри чаршаф со ваков раствор и со него да се завитка детето.

– Сепак, без разлика дали температурата на детето е 37,5 или 39,5 Целзиусови степени, следете го како се однесува. Ако малечкото не сака да јаде, одбива да пие течности, премалено е, не може да стане од кревет, родителите веднаш треба да го однесат или кај матичниот педијатар или на дежурен лекар. Тие понатаму ќе проценат како треба да се постапи со детето – вели педијатар од Скопје.



912

X