Воспитување

Поттикнување на когнитивниот развој

Како растеме и се развиваме, така постојано ги стекнуваме и развиваме нашите когнитивни вештини. Тоа се вештини кои ни помагаат во обработката на информациите и давањето одговор. Развојот на когнитивните вештини кај децата вклучува прогресивно градење на учење, како што се внимание, меморија и развој на мислење.

Овие клучни вештини им овозможуваат на децата да обработуваат сензорни информации и на крајот да научат да оценуваат, анализираат, меморираат, прават споредби и да разбираат причина и последица.

Иако одреден развој на когнитивните вештини е поврзан со генетскиот состав на детето, повеќето когнитивни вештини се учат и подобруваат. Па така, доенчињата и малите деца внимателно ја набљудуваат својата околина (семејната средина и градинката) и преку тоа набљудување тие учат, експериментираат и искусуваат.

Овие вештини претставуваат една добра основа за развој на социјалните, емоционалните, јазичните и комуникациските способности на детето. Поттикнувањето и подобрувањето на когнитивниот развој може да се направи на едноставен, а пред сѐ интересен начин за децата. А тоа најлесно се прави преку играта бидејќи преку играта детето најдобро учи како функционираат работите. Децата во играта постојано создаваат и решаваат проблеми, експериментираат, размислуваат, фантазираат, а пред сѐ учат. Покрај самостојната игра на детето, би сакала да посочам дека и вклучувањето на родителите во играта е од огромно значење бидејќи тогаш најдобро се гради врската дете-родител.

Преку вклучувањето во играта тие на своите деца им испраќаат едноставна, но моќна порака – „ти си ми важен, тука сум за тебе“. Оваа порака е клучна и му помага на детето да се вклопи во светот, а исто така, му дава поддршка и доверба да продолжи да истражува и да учи. Најдобро е кога играта е предводена од детето, а родителот да биде активен учесник во неговата игра, а исто така, правилата во играта да бидат поставени од страна на детето или да ги поставите заедно, но не родителот сам да ги поставува.


Освен играта, која е најважна за развојот на когнитивните вештини, тука е и читањето приказни. Читањето и раскажувањето приказни им помага на децата да го подобрат и збогатат својот вокабулар, ја поттикнува имагинацијата, ги развива социјалните вештини и креативноста кај детето. Читањето, раскажувањето, гледањето книги заедно се препорачува уште од најрана возраст, бидејќи ја подобрува социо-емоционалната врска. Драги родители, поттикнете го и охрабрете го вашето дете самостојно да ги врти страниците, заедно раскажувајте ги сликите или прераскажувајте ги приказните.
Следна активност која може да ја направите со детето е играњето со коцки и сложувалки. Сложувалките, освен што можете да ги купите, можете и да ги направете дома. За изработка ви се потребни шпатули и слики, а може и сами да ги нацртате.

Активностите со сложувалки и коцки, односно со редење и градење се многу забавни. Тие се добри за креативно учење, за решавање проблеми и за математички вежби. Овие игри се важни и за подобрување на координацијата око-рака. Овие коцки кои можат да се купат и да бидат со најразлични големини, од најситни до најкрупни, и децата да прават кули, куќи и сл., можат и да се направат од ролните од тоалетна хартија. На нив може да се нацртаат броеви, букви, зборови, слики или стикери. Со овие коцки може да се играат најразлични игри како: која буква ти се падна, кажи збор, прочитај го зборот, именувај го животното, нацртај го овошјето, обој го предметот, најди го и заокружи го бројот.

Не можам, а да не ги споменам игрите надвор. Тие игри се најубавите и најинтересните за децата, тука би ги споменала игрите со топки, качување и симнување, лулашки, игрите со песок, камења, листови, шлапкањето во вода и сл. преку кои децата стимулираат повеќе сетила, ја поттикнуваат имагинацијата, ја подобруваат крупната моторика, истражуваат, експериментираат и искусуваат. Па драги родители, заедно со вашите деца истражувајте, експериментирајте, искусувајте и охрабрувајте се. Секоја креација нека биде заедничка.

Автор: Магдалена Манасиевски, дефектолог

Поврзани написи

To top