Здравје

Постпородилните нарушувања на расположението не ги погодуваат само мајките

Доаѓањето на бебето менува речиси сè – од дневните рутини до спиењето и менталното здравје. Иако промените во расположението по породувањето честопати се прикажуваат како проблем што ги погодува само мајките, реалноста е многу посложена. Емоционалните тешкотии во раните фази од родителството можат да влијаат врз секој родител. Репродуктивниот психијатар д-р Кетлин Ханлон истакнува дека ваквите промени се универзални и дека нивното препознавање навреме може многу да им помогне на родителите.

-Сите родители минуваат низ предизвици во првите недели по доаѓањето на детето. Непроспиени ноќи, промени на идентитетот, тензии во односите и стравови дека не се дораснати на новата улога се многу чести искуства. Кога ги препознаваме и ги именуваме, родителите можат полесно да се справат со нив, со помалку срам и повеќе сочувство кон себе – вели Ханлон.

Таа додава дека застарените општествени ставови продолжуваат да го поттикнуваат митот дека тешкотиите по породувањето ги доживуваат само мајките, поради што многу родители – вклучувајќи ги татковците, партнерите и посвоителите – се чувствуваат запоставени и невидливи.

Разликата помеѓу „бејби блузот“ и постпородилна депресија

Неколку дена по породувањето многу мајки забележуваат дека плачат без очигледна причина, полесно им се лутат на своите партнери или се чувствуваат невообичаено емоционално кревко. Клиничкиот психолог д-р Јана Рандл објаснува дека ова е таканаречениот „бејби блуз“, многу честа и минлива состојба.

-Бејби блузот обично се јавува во првите две недели по породувањето. Истражувањата покажуваат дека околу 80 проценти од новите мајки го доживуваат. Се смета дека е комбинација од хормонални промени, физичко закрепнување и хронично лишување од сон – вели Рандл.

Постпородилната депресија, сепак, е многу посериозна состојба.

-Може да ги направи дури и наједноставните дневни задачи, како што се станување од кревет или грижа за себе, исклучително тешки – објаснува Рандл.

Симптомите се екстремен замор, тага, чувство на безнадежност, нарушувања на спиењето и губење интерес за активности што порано носеле задоволство.

-Клучната разлика е во времетраењето и интензитетот на симптомите. Ако промените во расположението не исчезнат по две недели, ако станат потешки или почнат да се мешаат во секојдневното функционирање, тогаш зборуваме за постпородилна депресија, а не за бејби блуз – нагласува Рандл.

Таа, исто така, предупредува за постпородилната психоза, ретка, но многу сериозна состојба која бара итна медицинска помош.

-Може да вклучува конфузија, заблуди и губење контакт со реалноста. Иако станува збор за сериозна состојба која носи одредени ризици, постпородилната психоза се лекува ако се третира навреме – додава таа.

Постпородилните нарушувања не влијаат само врз мајките

Хормоналните и физиолошките промени низ кои минуваат мајките можат да предизвикаат низа нарушувања на расположението и анксиозноста во перинаталниот период, вклучувајќи депресија, анксиозност и опсесивно-компулсивни симптоми. Но, ваквите нарушувања можат да влијаат врз секој родител.

-Кога целото внимание и грижа се фокусирани на една личност, тоа често создава невидлив емоционален товар за другите. Искуството на партнерот често се намалува, иако приспособувањето кон родителството влијае врз сите членови на семејството. Истражувањата покажуваат дека околу 10 проценти од татковците ги исполнуваат критериумите за постпородилна депресија, а тој процент може да се зголеми на 50 проценти ако мајката се бори и со проблеми со менталното здравје – вели Рандл.

Додава дека општеството сè уште ја поттикнува идејата оти мајките се борат, а партнерите се грижат за поддршката.

-Партнерите не се само поддршка – тие се луѓе кои исто така минуваат низ голема животна промена. Кога целото внимание е насочено кон едниот родител, другиот родител често го потиснува сопствениот стрес, анксиозност и промени во идентитетот -додава таа.

Постпородилна депресија кај таткото

Психотерапевтката Стефани де Филипис вели дека е крајно време да се разбие митот дека постпородилната депресија кај таткото не постои. Терминот постпородилна депресија кај таткото се однесува на депресивни и анксиозни симптоми што можат да се појават во текот на првата година по раѓањето на детето, честопати поврзани со недостиг на сон, зголемен стрес и ненадејна промена во животната улога. Истражувањата покажуваат дека еден од десет татковци доживува посериозни симптоми, а ризикот е поголем ако мајката има слични тешкотии.

-За разлика од мајките, татковците честопати не доживуваат депресија преку плачење или тага, туку преку раздразливост, повлекување, лутина или прекумерна посветеност на работата – објаснува Де Филипис.

Мајки што посвоиле дете и сурогат мајки

Постпородилните нарушувања на расположението може да се појават и кај овие мајки. Психијатарот д-р Пејман Ташканди објаснува дека иако не постои биолошки процес на бременост, емоционалната и психолошката подготовка за доаѓањето на бебето може да има силно влијание врз расположението и физичките реакции.

Родителите што посвоиле дете честопати се соочуваат со дополнителни предизвици при воспоставувањето емоционална врска со детето, бидејќи нивното искуство е различно, што понекогаш може да го направи процесот на поврзување побавен и потежок. Сурогат мајките, од друга страна, минуваат низ целото физичко и хормонално искуство на бременоста, а одвојувањето од бебето може да предизвика чувства на тага или загуба.

Влијание врз целото семејство

Ефектите од постпородилните нарушувања на расположението не запираат само кај едниот родител. Според педијатрскиот невропсихолог д-р Рита Ајхенштајн, кога еден од родителите се бори со депресија или анксиозност, емоционалната рамнотежа на целото домаќинство е нарушена.

-Нетретираната депресија и анксиозноста ги намалуваат фокусот, емпатијата и трпението. Бебињата се исклучително чувствителни на емоционалната атмосфера околу нив. Кога родителите се помалку одговорни, поголема е веројатноста да се појават конфликти меѓу партнерите, а бебињата чувствуваат напнатост – вели таа.

Таквата средина може да предизвика стресни реакции во мозокот на новороденчето и да влијае врз неговиот развој на долг рок, поради што раното препознавање и лекување се клучни за благосостојбата на целото семејство.

Клиничката социјална работничка Џенифер Теплин нагласува дека родителството, и покрај честопати идеализираната слика, носи сериозни емоционални предизвици.

-Ретко се дискутира за длабоките емоционални промени што го придружуваат доаѓањето на детето, како и за данокот што тоа може да го земе врз менталното здравје. Постпородилните нарушувања на расположението се многу чести и, доколку се препознаат навреме, можат да станат само мала пречка на патот кон родителството. Доколку се игнорираат, тие можат да се развијат во долгорочен емоционален товар. Татковците исто така можат да го доживеат бејби блузот, но честопати нема доволно разбирање или поддршка за нивните емоции, па затоа се оставени сами со искуството – заклучува Теплин.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top