Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 3 години, а веќе една година мака мачиме со однесувањето – да не биде постојано нервозен и да не се треска за сè и сешто. Сè започна додека ние како родители се обидувавме да поставиме соодветни граници што смее, а што не смее, баба и дедо беа тука да ги поместуваат границите, при што почна да се јавува бес и лутина кога нешто не му се дозволува. Потоа се трудевме да го научиме да ја спознава самостојноста, она што може да го направи сам да го направи, да не чека некој друг да му го направи, но и тоа не успеа поради баба и дедо, демек не е детето војник, оставете го раат. Подоцна јас почнав да одам на работа, па сопругот го чува поголемиот дел од времето. Во почетокот немаше никаков проблем дека ќе одам на работа, со разговор и објаснување добро прифати, но од пред 3-4 месеци стана ептен нервозен, не дава да му објасниш нешто, своеглав е и инаетлив ако не играме по негово, крши и фрла играчки, не дава да му објасниш зошто, на пример, таа коцка (поголемата) не ја собира таму (во помалата), па почна да вели дека се плаши, а не кажува од што, досега никогаш не сме му рекле: „Ако не јадеш или не направиш нешто, ќе биде ова или она, па да се плаши“, не сака ниту една звучна играчка, сака да ги гледа и да игра со нив, но не сака да се пуштат и прави селекција на луѓето со кои комуницира, доколку не сака да комуницира со некој, бега во друга соба или се крие.

Посетивме два пати психолог бидејќи нападите на вознемиреност што ги има нè загрижуваат да не има некој посериозен проблем или некоја блага форма на аутизам, но психологот тврди дека тоа е дел од развоен процес кој мора да помине, а не нуди решение како да се надмине и како да му се пристапи на детето. Навистина сум загрижена бидејќи детето почна пречесто да биде нервозно, бесно, агресивно, дури од што е вознемирено, во тој момент залипува и срцето забрзано му чука. Да напоменам дека телефон и цртани му се ограничени, во соодветно време и со соодветно траење, при што дозволувам да гледа едукативни цртани ако можам така да ги наречам и во последно време кога некој лик се смее, ми вели: „Мамо, зошто се смее, треба да се налути“. Ве молам за совет и решение.


ОДГОВОР: Пишувате дека една година мака мачите со вашето дете за неговата дисциплина. Околу втората година децата почнуваат да ги покажуваат и изразуваат сопствените желби, ги следат и сакаат да наметнуваат свои правила. Почнуваат да одбиваат некои видови храна и сакаат тие да одбираат што ќе облечат. Тие влегуваат развојно во период на негација и многу често се инаетат. Во овој период децата сакаат да ги редат играчките на свој начин, сами да јадат, да се качуваат на високо и да го одложуваат времето за заспивање. Многу често во своите настојувања доаѓа до граници кои се поставени од околината и разбирајќи дека желбата нема да му биде исполнета, кај детето се јавува фрустрирачко однесување. Бидејќи на оваа возраст способноста за изразување со зборови не е доволно развиена, децата се бунтуваат и реагираат бурно. Ова е период кога децата развиваат способност да ги користат правилно своите емоции во даден момент, а возрасните им помагаат со разговор и нивно препознавање. За да го смирите вашето дете и да ги спречите моментите на бурно реагирање, секогаш давајте му избор кој ќе ја задоволи неговата потреба за независност и ќе ја зголеми соработката. Понудете му едноставни избори и можности кои за вас се прифатливи. Нудете го само она за што вие сте спремни да го исполните. Ако го прашате: „Ќе спиеме ли?“, одговорот секако дека ќе биде „не“. Избегнувајте прашања кои имаат одговор со да или не, користете отворени прашања, на пример: „Сакаш топло или ладно млеко со појадокот?“, а не „Сакаш ли млеко?“, бидејќи неговиот одговор секако ќе биде „не“.

Обидете се да ги предвидувате однапред проблематичните ситуации за да нема бурни реакции од страна на вашето дете. На пример, кога одите во продавница, пред да излезете од дома, договорете се дека може само едно нешто да добие, чоколадо или бонбони. Доколку вашето дете не сака да направи некоја активност, обидете се тоа заедно да го направите преку игра. На пример, натпревар кој побрзо ќе заврши со дадената активност. Ако вашето дете не сака да ги собере играчките, кажете му дека ќе му помогнете и така тоа добива улога на водич како и каде да ги ставите играчките. Шегувајте се со вашето дете и избегнувајте претерани расправии и преговори.

Во оваа возраст и не треба да го принудувате вашето дете со сите да се запознава и поздравува. Дозволете му тоа да прави избор, на тој начин стекнува доверба во вас и ја гради својата независност.
Стравот е развојна емоции и во согласност со возраста се менува и надминува. Во раното детство децата се плашат од гласни звуци, одвојување од родителите или непозната личност, па потоа од чудовишта, крадци и темнина. На вашето дете ќе му помогнете со препознавање на неговиот страв, разговор и прифаќање. Разговарајте преку приказни за стравовите на ликовите. На пример, колку била Црвенкапа исплашена кога го видела волкот. Седумте јариња од што се исплашиле и слично. Зборувајте со вашето дете и за вашите стравови, на пример: „Многу се исплашив кога скокна од скалата или слично“.
Велите дека баба и дедо ги поместувале границите. Многу родители тешко постигнуваат договор со бабите и дедовците. Тоа е процес на заемно разбирање и стрпливост да се постигне одреден заеднички договор. Важно е вие како родители да се договорите за ставот за воспитување на вашето дете, да си давате меѓусебна поддршка со која полесно ќе се спротивставите на непримерните интервенции од баба и дедо. Градењето и одржувањето квалитетен однос со баба и дедо не е едноставна работа и бара голем труд од сите, но богатството што се добива е големо и вреди за трудот. Би сакала да се потсетите на вашите мигови поминати со вашите баби и дедовци. Што е тоа што најмногу ве насмевнува и го паметите? Бабите и дедовците се многу важен дел од детскиот живот. Тие им даваат на децата поддршка и сигурност во растењето и се грижат за нив. Децата учат со нив за семејните врски и приврзаноста.
Љубовта и вниманието што му го давате на вашето дете му помагаат во неговиот развој, а убавите и нежни мигови се спомени кои ќе ги носи цел живот.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X