Здравје

Последиците од лошиот вид кај учениците

Детето кое има проблеми на училиште, без разлика дали е поради невнимание или резултатите што ги бележи, ги поттикнува родителите да контактираат со психолог или со учителот. Сепак, пред тоа, детето треба да направи и офталмолошка консултација. Проблемите со видот можат да предизвикаат токму такви последици, објаснува д-р Михаела Флореску, примарен офталмолог.

Главните знаци дека детето има проблеми со видот се склоноста да седи што е можно поблиску до предметите, да ја навалува главата, да применува затворање или покривање на едното око со рака додека гледа телевизија, главоболка или болка во очите, замор, солзење или прекумерно трепкање, триење на очите, прекумерна чувствителност на светлина, црвенило на очите, абнормални движења и секој друг необичен изглед на очите.

– Одредени заболувања на очите може да бидат еднострани и асимптоматски, затоа препорачувам целосна офталмолошка консултација на околу 3 години, дури и ако нема знаци на оштетување на очите. Дополнително, препорачувам консултација пред почетокот на учебната година со цел да се исклучи или лекува секоја болест на очите што може да влијае врз видот на детето и, имплицитно, врз училишниот успех – вели д-р Михаела Флореску.

Истражувањата покажуваат дека добриот вид е исклучително важен, бидејќи очите перцепираат 80-90% од информациите од околината, па затоа треба да ги провериме и третираме можните состојби на очите уште од детството, за да ги искористиме максималните можности на очите и да постигнеме резултати во активноста која секој сака да ја применува.

Кои проблеми може да се појават

Според специјалистот, најголемиот проблем што детето со оштетен вид го има на училиште е отежнатото следење на напишаното на таблата, па оттука следуваат и многу други деривативни знаци како невнимание, задоцнети реакции, нервоза и следствено на тоа – пад на училишниот успех. „На овој начин го охрабрувам и наставниот кадар да им препорача на родителите целосна офталмолошка контрола на децата, во ситуации кога забележуваат необично визуелно однесување во училницата“, изјавува д-р Михаела Флореску.

Таа посочува дека доколку еден од родителите носи очила, многу се поголеми шансите и на детето да му бидат потребни очила. Истражувањата покажуваат дека родителите со промени во страбизам, далекувидост, миопија или астигматизам имаат 70-80% ризик да имаат деца со ист тип недостаток.

Децата на кои им се препорачува да носат очила, треба еднаш годишно да одат на преглед кај офталмолог или секогаш кога ќе се појават различни симптоми кои би биле поврзани со влошување на видот на детето. Ненавременото дијагностицирање и лекување на одредени состојби на очите може да доведе до трајно оштетување на видот.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top